Граѓаните сами ќе ја креираат празничната трпеза, што во просек ќе ги чини од 4 до 8 илјади денари
Обиколката на терен покажува дека освен цената на основниот леб, сите други намирници од мај годинава, откако заврши последната акција со која беа замрзнати цените, поскапеа по два или трипати. Тоа значи дека цените на месото, салатите, колачите и пијалаците, кои се основа на празничната трпеза, годинава се драстично поскапи
Граѓаните годинава сами ќе си го одредат буџетот за „содржината“ на новогодишната кошничка, оти државата нема намера да носи мерки. Ова практично значи дека секој ќе си процени колку му „стига чергата“ и што ќе принесе на трпезата што по правило би требало да е побогата од обичните денови. Од Министерството за економија и труд за „Слободен печат“ потврдуваат дека засега не е предвидена мерка што би опфатила пониски цени на прехранбените производи, но дека и натаму се следат состојбите на пазарот.
Препорачано
Оние што не сакаат да си ја мачат душата и ќе купуваат по маркетите ќе плаќаат најмалку двојно поскапо, оти на пример килограм готови кифлички чинат од 300 до 350 денари, готовата руска салата се продава по 600 денари, килограм свежо прасечко сега се нуди по 350 денари, но ако сакате испечено во некоја фурна тогаш ќе треба да издвоите до 1.400 денари за овој деликатес. Мисирките, пак, почнаа да се нудат по цена од 999 денари. За среќа, годинава зелката е поевтина за разлика од претходните години, но ако ја купуваат готова за килограм, ќе треба да издвојат најмалку 100 денари и околу 400 денари за килограм мелено месо. Со оваа храна задолжително доаѓа добро вино (просечното чини околу 190 денари), додека поскапите вина се движат и до 1.000 денари за шише од 0,7 литри. Неизбежно е да се принесе и десерт, кој може да се подготви дома или да се купи од слаткарница за што треба да се издвојат и 1.000 денари за средно голема торта. Сумирано за скромна новогодишна трпеза ќе ви требаат најмалку четири, а за побогата и до 8.000 денари.
Обиколката на терен покажува дека освен цената на основниот леб, сите други намирници од мај годинава, откако заврши последната акција со која беа замрзнати цените, поскапеа по два или трипати. Тоа значи дека цените на месото, на салатите, на колачите и на пијалаците, кои се основа на празничната трпеза, годинава се драстично поскапи. Не треба да се заборави и дека изминатиот период од 50 до 100 отсто поскапеа кафето, јајцата, чоколадите, но и безалкохолните пијалаци, без кои е незамисливо да се организира побогата прослава. На пример, ако килограм свинско месо во 2023 година, чинел 320 денари, лани скокна на 390 денари, а сега чини и до 440 денари. Најдрастична разлика има кај јајцата, кои до мај годинава се продаваа по 68 денари за пакување од 10 парчиња, а во моментот се продаваат од 129 до 145 денари. Поскапени се и пилешкото и говедското месо и тоа од 20 до 40 отсто.
Граѓаните велат дека ќе бидат поштедливи, иако сакаат да си дозволат побогато мени.
– Декември по правило е месец со најголеми трошоци поради празниците. Новогодишниот дочек е незамислив без богата трпеза, а неизбежен детаљ е руската салата, за која годинава ќе бидат потребни над 1.000 денари. Многу се скапи сувомесните производи, но и кашкавалот, мајонезот. Лани поминавме со 3.000 денари, но годинава се сомневам дека ќе ја потрошам истата сума, бидејќи нема ништо евтино – вели една наша сограѓанка.
Трговците, пак, велат дека ќе нудат производи на акција и тогаш граѓаните ќе може да си дозволат да потрошат повеќе.
– Сè е од увоз, а цените на транспортот се зголемија. Муштериите се незадоволни, па затоа правиме акции – вели еден сопственик на дуќан во Аеродром.
Во соработка со трговците и увозниците, лани беше креирана новогодишна кошничка за да им олесни на граѓаните пред празниците. Од Владата тогаш се оградија дека тие не биле надлежни за мерката, а пазарните инспектори можеа да вршат само мониторинг на цените во согласност со Законот за заштита на потрошувачите дали трговците се придржувале до најниските цени на производите во последните 30 дена. Според надлежните, оваа мерка ги даде посакуваните ефекти, а цените на храната и на пијалаците во декември 2024 година забележаа намалување во однос на ноември. Новогодишната кошничка беше креирана на иницијатива на бизнис-секторот и вклучуваше 1.178 производи од 96 производители и дистрибутери. Во акцијата беа вклучени 51 маркет. Сепак, трговците ја искористија ланската кошничка, па на сметка на намалувањето на едни, поскапеа други производи.
Од Сојузот на синдикати, кој ја изработува синдикалната кошничка, тогаш оценија дека загрижува тоа што трговците го искористиле периодот пред стапување на сила на последната акција и евидентно ги зголемиле цените.


