Граѓаните реагираат: Градилиштата узурпираат тротоари и јавен простор, нема човек каде да помине, освен да оди по улица

Градилиште на улица Никола Кљусев: Фото- Слободен печат/Анета Стојковска

Десетина дена е зафатен дел од пешачката улица Никола Кљусев со градежни материјали од објектот што се гради, а општинскиот инспектор утврдил дека се работи за размонтирано скеле кое доколку не се тргне во најкус рок, ќе има глоба за изведувачот.

Скопје со години е претворено во големо градилиште каде буквално низ сите населби се градат нови згради, а градилиштата окупираат јавни површини и го отежнуваат движењето на пешаците, па дури и одвивањето на нормалниот сообраќај. Скопјани се сведоци и честопати реагираат дека лимените тараби со кои се оградени градилиштата ги зафаќаат тротоарите, па мора да се движат на улица, но и дека просторот пред нив е претворен во паркинг за потребната машинерија на изведувачите.

Еден таков пример, на кој укажаа граѓаните, е она што во изминатите десетина дена се случува на улицата Никола Кљусев, кај Сквер Јадран, во најцентралното подрачје на градот. Тука просторот надвор од ограденото градилиште, каде инвеститорот „МГ Проперти“ ДООЕЛ гради деловен објект, е окупиран со железа, шипки и други градежни материјали. Станува збор за пешачка зона, па освен што сето ова грдо изгледа, небезбеден е за минување, а се кршат и оштетуваат и плочките на улицата. Притоа, да не се заборави дека над главите на минувачите се извишува кран, па луѓето се трудат што побрзо да претрчаат преку овој простор.

Фото: Слободен печат/Анета Стојковска

Откако од Општина Центар побаравме одговор кој го дозволува ваквото однесување на изведувачите и дали инспекцијата има увид за тоа што се случува таму, инспекцијата веднаш излегла на терен и констатирала дека пред градилиштето е оставено скелето користено на објектот.

Во моментот на увид на самото место констатирано е дека е зафатена јавна површина со скеле коешто е користено за надградба на објектот, истата е во завршна фаза и скелето е отстрането од објектот. Од страна на инвеститорот е посочено дека фирмата подизведувач за најкраток временски период ќе го дислоцира скелето од јавната површина. Според Закон за градење, доколку не се отстрани скелето од јавната површина во најкраток можен рок овластен градежен инспектор при Општина Центар според член 156-б став 1 точка 4 изрекува глоба за изведувачот – одговорија од Општината.

Градилишта во Скопје што узурпираат улици и тротоари / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

За проблем со градежниците реагираат и жителите на улицата 9 Мај позади Универзална сала. Тие се жалат дека за потребите на градилиштата повремено за затвора улицата за поминување, а дека тротоарите постојано се зафатени со градежни материјали. Дури на тротоар е поставен и пренослив пластичен тоалет.

Замислете си дека сте родител или старател на мало дете кое сакате да го прошетате со детска количка по улицата “9-ти Мај”. А можеби треба и да го донесете или однесете детето во градинката на истата улица… Како и да е, од едната страна нема да можете заради “дизајнот” на тротоарот, “носовите” на колите и оставените работи од градилиштето на бр. 4а, а од другата страна буквално целиот тротоар е узурпиран од истото градилиште. Ако тргнете по коловоз, ќе ве згази кола, оти нема кај да одите од паркираните коли – коментираат од групата „Во одбрана на Буњаковец“ за состојбата пред едно од градилиштата на 9 мај.

Улица 9 Мај: Фото/ „Во одбрана на Буњаковец“

Кај градилиштето што е веднаш до градинката улицата честопати сосема се затвора од механизација која се користи за изградба. Од Општина Центар велат дека дека инвеститорот поседува одобрение за времен режим на сообраќај.

 За зафаќање на јавна површина инвеститорот поседува Одобрение за времен режим на сообраќај издадено од надлежен орган. Увид направивме на лице место, а инвеститорот потврди со потпис на записниот за констатација дека ќе ги внесе материјалите во градилиштето и ќе ги отстрани од јавна површина истиот момент кога ЕВН ќе ги дислоцира каблите кои се во негова надлежност (веќе се работи на тоа) за плочата да може да се избетонира на кота +0.45м. Доколку инвеститорот повторно го остава градежниот материјал на јавна површина ќе биде санкциониран, односно ќе му се изрече глоба – тврдат од Центар.

Градилишта во Скопје што узурпираат улици и тротоари / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот