Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Граѓаните ги баталија ценовните објави на маркетите, трчаат само по акции

Иако цените се достапни на веб-страниците, нивната споредба помеѓу различните маркети е отежната и им одзема многу време, реагираат потрошувачите, веќе никој не го споменува ветувањето за државна апликација што ќе ни го олесни пребарувањето.

Ниту ги следат ниту ги отвораат, граѓаните ги баталија задолжителните ценовни објави на трговските синџири и само ги следат најавите за акции за да видат каде има поевтини производи. Веќе никој не го спомнува ветувањето за државна апликација, која ќе ни го олеснеше пребарувањето и ќе беше олеснување во достапноста на информациите до потрошувачите за цените. Граѓаните се децидни дека иако цените се достапни на веб-страниците, нивната споредба помеѓу различните маркети е отежната и им одзема многу време.

Правилникот за начинот на објава пропишува дека секој маркет во рамките на трговскиот синџир, треба посебно да ги пласира цените, па затоа првиот чекор е да го изберете маркетот во кој ќе пазарувате, ако сакате да ја проверите цената на некој производ. Потоа работите се компликуваат, бидејќи табелата кај некои трговци може да се пребарува, кај други не може, односно мора да лизгате низ табелата и да вртите страница по страница, а се работи за табела со стотина и повеќе страници. Кај дел од маркетите мора да го симнете ценовникот на вашиот компјутер, па потоа да го пребарување.

Минатата недела, пак, српските власти се пофалија дека на платформата „Ценовни листи по регулатива“ веќе се достапни цените на производите во трговските синџири, како и деталниот преглед на цените на производите по датум, движењето на цените со текот на времето, како и листа на најголемите зголемувања и намалувања на цените, објави тамошната Канцеларија за ИТ и е-влада.

Од 4 април годинава, трговците треба да ги ажурираат цените на стоката што ја имаат во дуќаните и тоа на дневна основа, односно секој работен ден, најдоцна до 10 часот наутро. По првичната љубопитност, граѓаните реагираа дека тие се непрегледни и не соодветствуваат на актуелната понуда.

– И натаму има огромни разлики во цените, повторно се случува да има една цена на рафт, а друга на каса. Сè почесто нема дел од понудата на флаерите во маркетите, а трговците се правдаат дека стоката не им се стигната и дека не знаат дали воопшто ќе ја има. Страниците воопшто не се ажурираат – велат дел од граѓаните, кои „Слободен печат“ ги праша дали ги проверуваат страниците на маркетите.

Според измените на Законот за заштита на потрошувачите, микротрговците и трговците поединци се ослободени од оваа обврска за објавување на цените на стоката, а Министерството за економија и труд го донесе на 3 април и Правилникот, кој ги содржи името на стоката (производ, трговска марка и модел), неговата продажна цена со ДДВ, единечната цена по килограм, литар или метар, како и описот на стоката и неговата моментална достапност, редовната цена со ДДВ, но и цената со попуст и времетраењето на промоцијата или на попустот. Трговците добија рок од 45 дена да се усогласат.

Уште на стартот, трговците реагираа дека ова е нов, дополнителен трошок за нивното работење, а ако не се придржуваат до законската обврска, ќе им следуваат казни. Изработката на софтвер чини од 30.000 до 1 милион денари во зависност од големината на компанијата, а одржувањето е од две илјади до стотици илјади денари месечно.

Владата реши да им стави крај на високите цени и по брза постапка ги донесе измените на Законот за заштита на потрошувачите, со цел да се заштитат интересите на потрошувачите и да се обезбеди основа за подобра информираност на потрошувачите за цените на производите што сакаат да ги купат и олеснување на споредливоста на цените. Ваков закон веќе се применува во Хрватска, Италија и Израел, а идејата потекнува од 301 година од нашата ера, кога императорот Диоклецијан донел храбра, но на крајот неуспешна одлука да ја спречи инфлацијата што го пустошела источниот дел на поделената Римска Империја. Цените на сè, од виолетовиот конец, до пердувите, робовите и говедата, биле поставени на неговиот „Едикт за максимални цени“, а насилниците се соочувале со смртна казна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот