Граѓаните не сакаат градоначалници – маскоти на партиите

Партиите веќе се растрчаа на терен по разни поводи, а заднината е всушност вовед во кампањата за локалните избори кои треба да се одржат претстојнава есен. Мандатот на актуелните градоначалници им истекува на 15 октомври.

Оттаму, во втората половина на октомври оваа година најверојатно ќе се одржи и локалното соочување на кандидатите пред електоратот. Сепак, во партиите постои и резервираност околу одржувањето на локалните избори, бидејќи, како што велат, короната може да им ги помати сметките.

И политикологот Петар Арсовски смета дека пандемијата ќе влијае врз локалните избори.

– Не толку на безбедноста, бидејќи видовме дека парламентарните избори успешно се реализираа и во време на пандемија, но коронавирусот ќе влијае врз оптимизмот или песимизмот на граѓаните, во зависност од тоа дали пандемијата завршува или се разгорува. На локалните избори ќе влијаат високите политички тензии, особено во опозицијата, бидејќи таму лидерското место на Мицкоски зависи, помеѓу другото, и од резултатите на локалните избори, бидејќи доаѓаат на половина мандат. Тие ќе бидат индикација за расположението на граѓаните визави власта и опозицијата – вели Арсовски.

На локалните избори се избираат градоначалници и советници во 80 општини и за Град Скопје како посебна локална единица. Пред четири години, 45 општини добија градоначалник уште во првиот круг, додека 35 во вториот круг. СДСМ во прв круг победи во 37 општини и во Град Скопје, ВМРО-ДПМНЕ победи во три, а ДУИ во две општини. Во вториот круг, СДСМ победи во 19 општини, ДУИ во осум, а ВМРО-ДПМНЕ во две. Три градоначаници освои Алијансата за Албанците, додека Беса и ДПА освоија по една општина.

Граѓаните со кои разговараше „Слободен печат“ велат дека очекуваат кандидати кои нема да бидат маскоти на политичките партии, туку приказна сама за себе, бидејќи само таков кандидат ќе ја води општината напред. Од друга страна пак, политичката практика во изминатите години покажа дека најголем процент од поставените градоначалнции се партиски претставници.

Во СДСМ го пребројуваат членството преку обнова на партиски книшки, а во ВМРО-ДПМНЕ, најверојатно лојалноста на извршните комитети ќе се толкува преку собирањето на потписи за поништување на претстојниот попис. Во ДУИ велат дека интересот за оваа позиција е голем, но дека сепак тие како голема и сериозна партија, но потенцираат дека кандидатите треба да бидат луѓе ценети меѓу народот и кои се докажани во општеството. 

– Ние како партија веќе ги почнавме подготовките и очекуваме победа на овие локални избори, затоа што ветеното на претходните избори во 2017 година во огромен дел го исполнивме. Тоа се покажа и на последните парламентарни избори кога добивме огромна поддршка од граѓаните, која е  резултат и на работата на локалната власт која ја имаме во голем дел од општините со албански граѓани. Во партијата се прават анализи и мерења на рејтинзи на потенцијалните кандидати во сите општини. Сигурно е дека партиските органи на крај ќе дебатираат и ќе одлучат кој ќе биде победничкиот кандидат во дадената општина – вели Арбен Зибери од ДУИ.

И во ВМРО-ДПМНЕ велат дека наскоро ќе почнат со партиските стандардни анкети на кандидатите.

– Проблемите на граѓаните се големи, а власта се обидува да прикаже розова слика. Реалното чувство на граѓаните, на стопанствениците, на занаетчиите е сосема спротивно од она што се обидува Владата да ни го прикаже. Ќе имам состаноци и со комитетите на партијата, излегуваме на терен и очекуваме голема победа – истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

И СДСМ очекува победа на локалните избори. Оттаму велат дека очекуваат победа на сметка на седмиот пораз на ВМРО-ДПМНЕ.

„Лажни вести, деструкции и неодговорно антидржавно однесување, тоа е се што нуди ВМРО-ДПМНЕ, предводено од докажаниот губитник Мицкоски. Бројните предмети, кривични пријави што се водат против дузина поранешни градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ се доказ за „резултатите“ што зад себе ги имаат оставено. Граѓаните нема да дозволат да се врати времето на режим на локално ниво“, соопшти СДСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот