Градот планира да гради улици, водоводи, клучки, но не се откажува ниту од Луна паркот

На средината од март, советниците на Град Скопје ја усвоија програмата за планирање и уредување на градежното земјиште на подрачјето на град Скопје за 2024 година, без чие донесување не може да се преземе никаква градежна активност. Програмата опфаќа три дела, уредување на градежното земјиште на подрачјето на Град Скопје, изградба и одржување капитални објекти и изработка на Генерален урбанистички план. Овој пат, програмата во која се наведени приоритетите за работа во наредната година за секоја општина, беше усвоена без дискусија.

За остварување на планираното предвидени се приходи од 1.300.000.000 денари и тоа како средства од уредување на градежно земјиште во износ од 1.200.000.000 денари и надоместок за утврдување правен статус на бесправно изграден објект во износ од 100.000.000 денари. Планираните расходи се во износ од 1.462.010.000 денари од кои 637.000.000 денари се дотации.

Дотации се дадени од Владата за изградба на булевар АСНОМ, за изградба на булевар Македонија прва фаза, како и за втора и четврта фаза, булевар Македонија фаза 2 и 4, потоа за изградба на три крстосници од кои едната на улица Скупи и булевар 8 Септември, потоа на вкрстувањето на булевар 8 Септември и булевар Никола Карев и на булевар Словенечка со Никола Карев. Со дотации од Владата треба да се реконструира и да се прошири булеварот Хасан Приштина до клучка со булевар Словенија до Обиколница.

Со средства од буџетот на Град Скопје се планирани 30-ина реконструкции и изградба на улици и булевари, а ќе се работи и на осветлување на кејот на Вардар и на Камени мост. Се планираат и инвестиции од 100 милиони денари за подобрување на системот за водоснабдување во селата Рашче, Копаница, Бојане, Буковиќ и Ласкарци во Општина Сарај и уште толку пари за реконструкција на Усјанскиот канал.

И годинава во програмата се планира изградба на забавен парк и набавка на реквизити и нивно монтирање, но и изградба на ролерска и велосипедска патека на кејот на Вардар.
За изработка на новиот Генерален урбанистички план на Скопје планирано е да се потрошат 100 милиони денари.

Град Скопје, тековно, секоја година, во најголем дел ги исполнува капиталните проекти, преку инвестирање во капитални објекти кои се од јавен интерес, со кои ќе се подобрат условите за живеење на граѓаните на градот Скопје. По однос на планираните активности, издвоени се приоритетите за работа во наредната година, сѐ со цел целосно разубавување на просторот и зголемување на неговата функционалност. Планираните расходи за изградба и одржување на капитални објекти се во износ од 151.410.000 денари – е прецизирано во образложението на програмата.

Во Програмата е утврдена и висината на надоместокот за уредување на градежното земјиште.

Висината на надоместокот се регулира со договор за уредување на градежното земјиште што инвеститорот го склучува со Градот Скопје за инфраструктура од значење за градот утврдена со ГУП на Град Скопје. Договорот се склучува во електронска и писмена форма. Висината на надоместокот се определува според основица со состојба на ден 01.01.2024 год. изразена во денари/м2 нето изградена површина и истата изнесува 34.356 денари/м2. Основицата од претходниот став месечно се усогласува со промената на индексот на цени на мало, објавен од Државниот завод за статистика. За месеците за кои не е објавен индексот на цени на мало, ќе се применува последниот објавен индекс – се прецизира во Програмата.

Како што е појаснето, одобрение за градење не може да се издаде ако не е платен надоместокот за уредување градежно земјиште освен ако инвеститорот и општината склучат договор за плаќање на надоместокот за уредување градежно земјиште на рати или склучат договор со кој е утврдено дека инвеститорот ќе го уреди земјиштето на сопствен трошок или доколку е донесен акт врз основа на кој инвеститорот е ослободен од плаќање на надоместокот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот