Градоначалникот Коњановски со предупредување: Без усвојување на ребалансот на буџетот, Битола ќе стагнира

Фото: Васка М.Младеновска

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски пред утрешната седница на Советот на која на разгледување пред советниците ќе биде ребалансот на буџетот излезе со предупредување до советниците и битолската јавност дека без усвојување на ребалансот таков каков што е понуден, не само што голем број проекти ќе се закочат, туку во голем дел Битола ќе стагнира.

„Нaместо со популизам потребно е со одговорност и работа да покажеме дека градоначалникот и Советот имаат иста цел, граѓаните на прво место во поубава Битола која ќе напредува. Тоа значи решавање на проблемот со бездомните животни, нови опремени паркови, поддршка за лицата со ретки болести, спортски напредок, подобра инфраструктура, субвенции… Тоа ќе го постигнаме со предложениот ребаланс на буџетот. Проектите се на граѓаните а Општината Битола ја продолжува развојната визија што ја најавивме во декември и работиме повеќе од половина година. Во ребалансот на буџетот клучни се два сегменти. Едниот, за изградбата на прифатилиштето за бездомните животни, а другиот сегмент се однесува на проекти од економска, социјална и спортска важност со чие неподдржување во ребалансот на буџетот ќе се наштети на целата општина. Надворешниот дел од прифатилиштето очекувам да почне со работа најдоцна до октомври, но тука зависи и од експедитивноста на некои државни институции. Тука мислам и на систематизацијата на работни места во ЈП “Комуналец”, каде во делот на шинтерската служба, ќе бидат потребни измени и дополнувања, а за што ќе треба да се добие и согласност од Министерството за информатичко општество и администрација. Со тоа, јавното претпријатие, ќе добие кадри кои ќе работат на собирање, транспорт и грижа за бездомните кучиња. Во прифатилиштето ќе можат да се згрижат околу 50 – 60 кучиња во исто време, од констатираната бројка од околу 500 бездомни кучиња во Општина Битола, со што за една година, според експертските анализи, би се намалил бројот на кучиња скитници за 75%. Исто така би се намалила и моментно потребната годишна сума за ветеринарни услуги на оваа бројка кучиња. На овој начин, за многу помалку пари, со финансиски исплатливо решение, ефективно и брзо ќе се реши проблемот со кучињата скитници во Битола-рече на денешната прес-конференција, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.

Доколку советниците не го изгласаат ребалансот на буџетот, според Коњановски ги загрозуваат трите професионални спортски клубови, но и останатите спортски иницијативи, индивидуалниот спорт и другите спортски здруженија кои што очекуваат средства до крајот на оваа календарска година.

„Сакам да ја информирам јавноста, дека советници од СДСМ преку прес конференција се изјаснија дека нема да дадат поддршка на средствата планирани за спортот. Конкретно, советниците од СДСМ, не поддржуваат нови 30.000.000 денари за спорт, со цел трите професионални спортски клубови, каде Oпштина Битола или е целосен или малцински сопственик, да можат успешно да влезат во следната натпреварувачка сезона, односно, неподдржувањето им штети на РК Еурофарм Пелистер каде што Општина Битола веќе активно работи заедно со клубот на реконструкција на спортската сала согласно потребните европски стандарди за Лигата на шампиони, како и реконструкција на паркинг просторот кај салата. Со ребалансот планираме и дополнителни 2.800.000 денари, кои се обврска на Општината, а кои произлегуваат уште од периодот пред потпишувањето на ракометната платформа. Потоа за Кошаркарскиот клуб, каде што има нов приватен партнер, да може да се санираат долговите од минатото, конкретно настанати во времето на претходната локална самоуправа, заради лошо планирање и проектирање на буџетот, а истото се однесува и на ФК Пелистер кој за жал сеуште е во втората лига, но организациски е многу подобро поставен од претходно, со голем потенцијал да се врати онаму каде што припаѓа. Не поддршката од Советот, ќе се рефлектира и на лицата со ретки болести. Во овој ребаланс на буџетот издвојуваме еден милион денари за патни трошоци на лицата со ретки болести. Потоа како единствена општина во државата издвојуваме 500.000 денари за функционирање на Регионален советодавен центар за жртвите на семејно и родово базирано насилство, каде вкупната финансиска конструкција е еден милион денари. За сместување на бездомните лица, издвојуваме петстотини илјади денари, а дообезбедуваме средства и за проектот за општо корисна работа. Тука се и дополнителните средства за исплата на сите пријавени апликанти на јавниот повик за инвертер клима уреди, а 5 милиони 227 илјади и петстотини денари планираме како кофинансирање за проектот „Баир – здружена акција. Во ребалансот планираме и 3 милиони денари за реновирање на Копанки, два и пол милиони денари за Студенскиот парк кој треба да го изгради Битолскиот универзитет, како и повеќе од четири милиони денари за Новиот парк во Нова Битола, каде се планираат дополнителни средства за јавна набавка за реквизити во паркот“информираше на денешната прес-конференција битолскиот градоначалник Тони Коњановски.

Тој изрази уверување дека советниците од опозициската СДСМ на утрешната седница на Советот ќе ја променат одлуката и ќе потврдат дека интересот им е Битола, а не само напредокот на нивната политичка кариера преку како што рече популизам на штета на социјалните категории, болните лица, на штета на спортот, туризмот и инфраструктурата во Битола.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот