Жителите на Град Скопје до понеделник во 15 часот ќе можат да аплицираат за субвенции од 1.200 денари за чистење на оџаците. Од градот информираат дека граѓаните викендов можат да ги исчистат своите оџаци и да аплицираат за субвенциите.
– Со оваа мерка, Град Скопје ќе надомести дел од трошоците на домаќинства и на други субјекти за чистење на оџаците, во нето износ најмногу до 1.200 денари, а барање за субвенции може да достават барање физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на Град Скопје. Изминатите години субвенцијата беше во износ до најмногу 1.000 денари, се наведува соопштението на Град Скопје.
За оваа мерка главниот град има предвидено два милиона денари или средства за доделување на околу 1.660 субвенции на домаќинства или правни субјекти. Досега пристигнале само 470 барања.