Ѓубрето од дворовите и градините и натаму се фрла на улица и во контејнери

Фото: Архива

Есента е периодот од годината кога од дворовите и од бавчите се собираат последните плодови од градинарските растенија, а потоа следува корнење на градинарскиот отпад. Токму ваквиот вид отпад, секоја есен претставува сериозен проблем за вработените во ЈП „Комунална хигиена“, поради неговото несоодветно складирање од граѓаните.

Ваквата состојба многу често се забележува во приградските населби каде граѓаните своите дворови ги користат за садење на градинарски култури.

Дел од населението, откако ќе ги соберат плодовите, непотребните делови од растенијата ги фрлаат на несоодветни локации, создавајќи диви депонии. Дел од нив, пак, градинарскиот отпад неправилно го одлагаат во кантите за смет заедно со останатиот отпад од домаќинствата а други пак, несоодветно го оставаат веднаш до кантите за смет, во исчекување дека екипите на ЈП „Комунална хигиена“ ќе го подигнат и овој вид на отпад заедно со останатиот. За жал има и такви кои откако ќе го соберат целиот градинарски отпад од дворот или од бавчата, без да размислуваат за штетата која што ја прават, го спалуваат.

Во обид да се реши ваквиот проблем од ЈП „Комунална хигиена“ на граѓаните им нудат можност својот градинарски отпад да го одложат посебно спакуван веднаш до поставените садови за одлагање комунален отпад. Така спакуваниот градинарски отпад нивните екипи го преземаат во истите термини кога се собира и транспортира комуналниот отпад од домаќинствата.

– Како што во повеќе наврати сме ја информирале јавноста, како резултат на несовесното исфрлање на отпадот од страна на поединци и правни субјекти, дивите депонии се создаваат континуирано во сите скопски општини. Секако дека во овој дел од годината голем дел од нив се составени и од неправилно одложен градинарски отпад– информираат од ЈП „Комунална Хигиена“.

Оттаму велат дека сепак, кога станува збор за исфрлање на отпадот од растенијата во дворовите и градините, состојбата на терен од година во година се подобрува и дека населението станува се поодговорно околу начинот на негово правилно складирање.

– Како резултат на кампањите за подигнување на јавната свест за штетноста од неправилното постапување со отпадот, во текот на изминатите четири години забележуваме напредок во однос на правилното одлагање на градинарскиот отпад од страна на граѓаните– заклучуваат од ова јавно претпријатие.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот