Ѓоковиќ пред стартот на УС Опен: Го сонувам календарскиот слем, но притисокот е преголем

Новак има голема шанса во Њујорк да испише нови страници во тениската историја/ фото: Фото: EPA-EFE/NEIL HALL

Новак Ѓоковиќ во понеделник го започнува настапот на УС Опен, последниот грен слен турнир во годината на кој ќе се обиде да собори два рекорди, првиот е да го освои календарскиот слем, односно да победи на четирите најголеми тениски турнири во една година, а вториот е да стане тенисер со највеќе грен слем титули.

Моментно Ѓоковиќ, Рафаел Надал и Федерер имаат по 20 грен слем трофеи.
Противник во првото коло ќе му биде 18-годишниот дански тенисер Холгер Руне, а српскиот тенисер на прес-конференцијата пред стартот на грен слем турнирот зборуваше за календарскиот слем.

– Тоа е лесно прашање, да, календарскиот слем би бил најголем успех во мојата кариера. Знам дека имам голема шанса во Њујорк каде во минатото играв добро. Публиката се враќа на трибините и едвај чекам турнирот да започне. Но, одиме удар по удар. Сонувам да го освојам календарскиот слем. Знам како ментално да се носам со големите очекувања, но притисокот е огромен. Но, во исто време притисокот е привилегија, секој ден работиме за да дојдеме до шанса да освоиме грен слем или да испишеме историја – изјави Ѓоковиќ.

Нападот на трофејот кој може да го запише во историјата, на Ѓоковиќ се очекува да биде полесен бидејќи ги нема неговите најголеми ривали Рафаел Надал и Рожер Федерер како и минатогодинешниот шампион Доминик Тим.

– Се чувствува тоа, го нема ниту Тим. Но, тука се квалитетни тенисери како Зверев, Медведев, Циципас и тоа се тројцата главни конкуренти. Грен слем е грен слем – додаде Ѓоковиќ.

Новинарите исто така ги интересираше во кој момент Новак сфати дека е можно да се освои календарскиот слем.
– Откако победив во Австралија, ја започнав годината со титула. Сепак. Ролан Гарос за мене беше најголема препрека, откако го освоив Париз си помислив: Во ред, немам многу време за подготовка за Вимблдон. Но, секако шансите на Вимблдон ми беа поголеми отколку на Ролан Гарос. Да, тоа би бил моментот кога помислив дека е можно да се освои календарскиот слем – додаде Ѓоковиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот