Ги прашавме нашите бизнисмени дали има место за ВРСКА МЕЃУ ШЕФОТ И РАБОТНИКОТ: Некои би дале и отказ, но под еден услов

фото: Принтскрин

Веста дека Мекдоналдс го разрешил извршниот директор во САД, Стив Вестербрук, поради интимна врска со работничка, ја подели јавноста на оние кои ја поздравуваат љубовта на работното место, како и на оние со став дека на романтиката воопшто не треба да и биде место во компаниите.

„Слободен печат“ ги праша македонските директори и сопственици како гледаат на романтиката меѓу газдите и работниците, а одговорите што ги добивме се движеа од прилично симпатичен поглед до остри критики, особено кога станува збор за односите меѓу високопозиционираните и обичните работници.

Повеќето од нив исто така потврдија дека немаат дефинирани правила во овој поглед, за разлика од многу компании во светот.

– Јас не сум сигурна колку сум компетентна да ви одговорам на ова прашање, затоа што јас такво искуство немам кај мене во компанијата и не сум сигурна како би одреагирала, затоа што тука е конфликт на хуман аспект и на бизнисот пред се. Ова сигурно влијае од ситуација во ситуација, па големите корпорации секако имаат други правила кои што мораат да ги постават јасно работите, додека во помалите компании е поинаку и пак ќе повторам се зависи од тоа дали ќе влијае на работата – ни изјави Марта Наумовска Грнарова, директорка на компанијата „Завар“.

Генералниот директор на „Витаминка, Симон Наумовски вели дека досега не се сеќава да имале таков случај во раководството.

– Но затоа во нашето 40-годишно работење сме имале љубовни врски и бракови меѓу вработените и тоа го почитувам. Во принцип, доколку дојде и во високите ешалони до такво нешто, би го прифатиле. Сепак, доколку дојде до некаков конфликт и тоа влијае на тековното работење, секако дека би реагирале некако – ни изјави Наумовски.

Ангел Димитров, извршен директор на компанијата „Мода“ од Свети Николе, нагласува дека, додека тоа е во границите на приватноста, а не пречи на процесот на работа, не би реагирале, затоа што тоа не е нивна работа.

– Но, се разбира, доколку таа афера влијае на нивното остварување на работните задачи, тогаш е друго прашање и ние сигурно ќе реагираме. Инаку ние во нашата компанија досега не сме имале таков случај, а доколку има, како што ви кажав, се зависи од тоа како таа врска ќе влијае на работата – вели Димитров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот