Газдата на најголемата криптоменувачница им дозволувал на терористички групи да перат тешки пари преку неговата платформа?
Жртви на нападот на Хамас врз Израел од октомври 2023 година поднесоа тужба против кинеската криптоменувачница „Бајненс“ и против нејзиниот основач Чангпенг Жао, обвинувајќи ги дека овозможиле трансфер на милиони долари до Хамас и до други организации што Америка ги има означено како терористички, објави „Ројтерс“.
Препорачано
Според тужбата, која во понеделникот стана јавна, најголемата криптоберза во светот перела пари за Хамас дури и по признавањето вина во ноември 2023 година, кога Жао плати 4,32 милијарди долари казна за прекршување на федералните закони за спречување перење пари и санкции.
Тужителите се 306 американски жртви на нападите на Хамас, меѓу кои и роднини на убиени, повредени или киднапирани лица, како и жртви на последователни напади од различни групи.
Тие ја обвинуваат платформата „Бајненс“ дека свесно им овозможила на Хамас, Хезболах, Палестинскиот исламски џихад и на Иранската револуционерна гарда да префрлат повеќе од 1 милијарда долари преку нејзината платформа – меѓу кои повеќе од 50 милиони долари по нападот на 7 октомври.
Жао се изјасни за виновен за прекршувања во врска со перење пари, поврзани со спогодбата на „Бајненс“, и ја одлежa својата четиримесечна затворска казна.
Американскиот претседател Доналд Трамп го помилуваше на 23 октомври.
Oсновачот на крипто берзата Бајненс призна дека перел пари, осуден е на четири месеци затвор
Во тужбата стои дека „Бајненс намерно се организирала како прибежиште за нелегални активности“ и дека „до денес нема индиции дека суштински го променила својот основен деловен модел“.
Во своето соопштение, компанијата одби да ја коментира тужбата, но наведе дека „целосно се придржува кон меѓународно признаените закони за санкции“.
Тужбата бара компензациска и тројна штета, меѓу другите мерки.
Тужбата е поднесена во федералниот суд во Северна Дакота. Во неа се посочува дека најмалку две сомнителни трансакции поминале преку интернет-адреси во Киндрeд, Северна Дакота.
„Бајненс“ и Жао се бранат и во посебна тужба, поднесена во федералниот суд во Менхетен, која тврди дека тие обезбедиле „таен“ механизам за финансирање на Хамас и на Палестинскиот исламски џихад за подолг период.
Судија ја одби нивната жалба за отфрлање на оваа постапка во февруари.


