На која возраст младите во Европа го купуваат првиот дом?
Европа се соочува со сè подлабока станбена криза, а купувањето на првиот дом станува сè поголем предизвик за младите генерации. Цените на недвижностите растат побрзо од платите во многу земји, каматните стапки остануваат високи, а потребниот износ за учество при купување стан за многумина е недостижен.
Препорачано
Сепак, новата анализа на Euronews, базирана на податоци од RE/MAX Europe, покажува дека условите за купување на прв дом значително се разликуваат низ европските држави. Додека во некои земји младите успеваат да станат сопственици пред да наполнат 30 години, во други до сопствен покрив над главата доаѓаат дури во средината на триесеттите години.
Истражувањето, кое опфатило повеќе од 21.000 испитаници во 23 европски држави, покажува дека просечната возраст на која Европејците го купуваат својот прв дом изнесува 31,3 години.
Најмлади купувачи има во Малта, каде просечната возраст на првото купување дом е само 28 години. Веднаш зад неа се Велика Британија и Луксембург со просек од 28,4 години, додека Унгарија е на четвртото место со 28,5 години. Холандија, пак, бележи просечна возраст од 28,8 години.
Австрија, Португалија и Финска исто така се меѓу државите каде граѓаните успеваат да станат сопственици на недвижности пред да наполнат 30 години. Во Ирска просекот е 30,8 години, што е нешто под европскиот просек.
На спротивната страна од листата се Грција и Швајцарија, каде граѓаните во просек го купуваат својот прв дом дури на 34,7 години. Турција е веднаш зад нив со просечна возраст од 34,1 година, а Германија со 33,6 години е меѓу земјите каде купувањето дом најмногу се одложува.
Особено интересна е споредбата меѓу најголемите европски економии. Велика Британија има најниска просечна возраст за купување прв дом – 28,4 години. Шпанија следува со 30,9 години, додека Франција и Италија се над европскиот просек со 32,5 и 32,8 години. Германија е на самиот врв според доцнењето на првото купување дом.
Според Euronews, причините не се сведуваат само на цените на недвижностите. Големо влијание имаат и културните навики, семејната поддршка и односот на општеството кон изнајмувањето станови.
Извршниот директор на RE/MAX Europe, Михаел Полцлер, за Euronews објаснил дека достапноста на становите е важен фактор, но не е единствениот. Во земји каде семејствата финансиски ги поддржуваат младите, тие полесно доаѓаат до сопствен дом.
Велика Британија е еден од најдобрите примери за тоа. Повеќе од половина од младите на возраст меѓу 18 и 34 години добиваат финансиска помош преку парични подароци или наследство. Токму оваа поддршка им овозможува на многумина побрзо да влезат на пазарот на недвижности и да купат сопствен дом.
Во Германија ситуацијата е поинаква. Таму изнајмувањето стан е широко прифатено како долгорочно и стабилно решение за домување. Силната заштита на станарите и релативно сигурниот пазар на изнајмување придонесуваат многу луѓе да не чувствуваат притисок што поскоро да купат недвижност.
Според истражувањето, дури 69 проценти од Германците на возраст од 18 до 34 години живеат под кирија, додека европскиот просек за оваа возрасна група изнесува 38 проценти.
Во медитеранските земји, пак, важна улога игра традицијата младите подолго да остануваат во родителскиот дом. Во Италија и Шпанија младите во просек се иселуваат од семејниот дом на возраст од 26 години, што е три години подоцна од европскиот просек. Тоа им овозможува подолго да штедат за учество или за купување недвижност, но истовремено го одложува и моментот кога стануваат сопственици.
Франција претставува поинаков случај. Таму младите се осамостојуваат приближно на европскиот просек, но многу поретко добиваат финансиска поддршка од семејството за купување недвижност. Само една третина од младите Французи добиваат помош преку подарок или наследство, што е значително помалку од европскиот просек.
Податоците откриваат и како е распределено купувањето домови по возрасни групи. Во Велика Британија дури 40,2 проценти од луѓето го купуваат својот прв дом пред да наполнат 25 години. Тоа значи дека двајца од секои пет први купувачи стануваат сопственици уште во раните дваесетти години.
Најниска стапка има Грција, каде само 12,1 процент од граѓаните успеваат да купат прв дом пред 25-тата година.
Кога ќе се земат предвид лицата кои купиле дом до 35-годишна возраст, европскиот просек покажува дека околу седум од десет луѓе стануваат сопственици до оваа возраст. Во Луксембург, Холандија, Велика Британија и Унгарија повеќе од 80 проценти од граѓаните купуваат прв дом пред да наполнат 35 години.
Од друга страна, во Грција само околу половина од населението успева да стане сопственик на недвижност до 35-тата година. Слична е состојбата и во Швајцарија и Турција.
Според податоците на Евростат, Германија има една од најниските стапки на сопственост на домови во Европската Унија – 47,2 проценти. Од друга страна, Словачка е европски рекордер со дури 93,8 проценти домаќинства што живеат во сопствен дом.
На ниво на Европската Унија, 68,5 проценти од домаќинствата живеат во сопствена недвижност, што е намалување во споредба со 2010 година.
За квадрат стан во Кисела Вода платени неверојатни 2.888 евра, 45 квадрати чинеле 130.000 евра


