Франција ја покажа на дело солидарноста кон Скопје и градењето на колекцијата на МСУ

Предавање на Мира Гаќина во Париз

Музејот на современата уметност – Скопје, како партнерска институција на проектот „Долгорочни културни партнерства за дијалог Западен Балкан – Европа – Култура“, финансиран од програмата „Креативна Европа“, беше дел од првата серија трансдисциплинарни семинари, што се одржа на 30 јуни и 1 јули во Париз, Франција.

Освен МСУ, останати партнерски институции и организации во проектот се: Националното училиште за уметности од Париз – Серги (Ecole nationale supérieure des arts de Paris), Фондацијата „Арт Експлора“ (Франција / Албанија) и Иницијативата за орална историја на Косово.

Семинарот беше посветен на културната сцена на Западен Балкан, во чии рамки предавање на тема „Солидарност, доблест на 21-от век“ имаше директорката на МСУ – Скопје, Мира Гаќина. На иницијатива на МСУ и како дел од програмските активности на музејот на семинарот презентации имаа и македонските уметници Христина Иваноска, Ѓорѓе Јовановиќ и Наташа Неделкова. Модератор на предавањата беше кустос Јованка Попова од МСУ.

Презентација на Христина Иваноска во Париз / Модератор – Јованка Попова (лево на фотографијата)

– Приказната за МСУ и донацијата на дела од светски познати уметници по скопскиот земјотрес во 1963 година започнува во Њујорк, но нејзиниот оперативен почеток е тука, во Париз – рече Гаќина, и додаде – Франција ја покажа на дело солидарноста кон Скопје и од културен аспект. Додека останатите донации од светот беа главно помош за станбени капацитети, здравствена заштита и образование, Скопје доби Француски културен центар кој половина век ја збогатува нашата културна сцена. Во исто време Жан Касу, тогашниот директор на Музејот на современата уметност на Град Париз, му помогнал на првиот млад директор на МСУ – Скопје, Борис Петковски да воспостави контакт со париската сцена од тоа време. Така, Калдер, Пикасо, Вазарели и Сулаж беа меѓу првите уметници, кои воспоставија контакт со нашиот музеј и подарија дела, а листата е обемна и импресивна – истакна Гаќина.

Уметничкиот колорит на делата, кои се дел од колекцијата на МСУ, како резултат на светската донација, се потврда за хетерогеноста на светската уметничка сцена.

– Денес, МСУ има за цел уште еднаш да ја преиспита својата општествена улога и важноста на колекционирање и ангажирање светски познати и реномирани уметници, како нов современ бран на солидарна акција. Солидарноста како мотив, повторно е неопходна во глобалното општество на 21 век – заклучи директорката на МСУ.

Целта на овие настани е да се поттикне циркулацијата на уметници, истражувачи и двигатели од сферата на уметноста меѓу Западен Балкан и Европската Унија и да се промовира ширењето на нивните практики и истражувања.

Проектот насловен „EU Balkans“ претставува уметнички дијалог помеѓу партнерите од ЕУ и од Западен Балкан со цел да се креира иновативна културна програма заснована на меѓународна соработка.

Проектот спроведен од фондацијата „Арт Експлора“, Националното училиште за уметности од Париз – Серги, Музејот на современа уметност – Скопје и Иницијативата за орална историја – Приштина, предвидува реализација на семинари кои ќе се одржуваат до 2025 година во Париз, Приштина, Тирана и во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот