ФОТО+ВИДЕО | Половина век Гринпис: Нема што да славиме, светот е во климатска криза

Јубилеј - 50 години Гринпис / Фото: EPA-EFE/SASCHA STEINBACH

Половина век помина откако една мала група радикали ја основаа организацијата Гринпис. Но, иако помина толку време, извршната директорка на глобалната организација Џенифер Морган вели дека место за славење нема: треба да се работи затоа што светот се наоѓа во климатска криза.

Сепак 50 роденден на Гринпис веројатно скромно ќе биде одбележан, изјави Морган во интервју за АФП по повод овој јубилеј.

Џенифер Морган, извршна директорка на Гринпис / Фото: EPA-EFE/ZIPI

Гринпис е основана на 15 септември 1971 година кога бродот со истото име се обиде да спречи американска нуклеарна проба. Така Гринпис стана една од најпознатите активистички групи на светот, а нивните акции многу често ги заземаа насловните страници на медиумите.

Нивното седиште денес се наоѓа во скромен деловен кварт во предградието на Амстердам, Холандија. Би можело да се каже дека и покрај популарноста, организација ја задржа скромноста што приличи на некој кој во преден план става алтруистички цели – ако опстанокот на планетата, што нѐ засега сите, може да се опише така.

Морган вели дека е длабоко загрижена дека одговорот на светот на кризата на претстојниот самит на СОР26 што ќе се одржи во ноември во Глазгов нема да биде доволен да произведе решенија.

-Имајќи предвид што сѐ сторивме во овие 50 години, сега мора да ги обединиме силите и да направиме апсолутно радикална и длабока промена. Времето ни истекува, вели Морган за АФП.

Сѐ започна со желба да се промени светот

Ако се пребараат медимуските архиви, дознаваме дека целата приказна за Гринпис започнала идеалистички – како што доликува на времето кога е создадена, кога хипи идеалите за спокоен и совршен свет сѐ уште беа силни. Првото испловување на бродот Гринпис беше од Ванкувер со цел да се сопре нуклеарната проба покрај брегот на Алјаска и заврши неуспешно – беше прекинато со интервенција на полицијата.

Отогаш па во следните 50 години организацијата со мали чекори се обидува да го промени начинот на размислување во светот. На пример, Џенифер Морган вели дека меѓу успесите на Гринпис може да се вбројат придонесот за сопирање на комерцијалниот лов на китови, акциите против компаниите што искористуваат фосилни горива, борбата за илегално складирање на отровен отпад и заштитата на Антарктикот.

Јапонците повторно ловат китови: Не ги загрижува животната средина, сакаат добра заработка

Меѓутоа, реално гледано, една работа е да се поттикнат владите да донесат одредена легислатива, а сосема друга работа е нејзината имплементација благодарение со замижувањето на истите тие влади кои донеле позитивни законски акти. А имаше и конкретни владини акции против Гринпис, како онаа во 1985 година. Тогаш француската тајна служба го бомбардираше нивниот најпознат брод „Рејнбоу вориор“, закотвен во пристаништето во Оукленд на Нов Зеланд, при што загина португалскиот фотограф Фернандо Переира.

Падобранецот на „Гринпис“ при слетувањето повреди две лица на стадионот во Минхен

Сепак, Гринпис продолжува. Принципите на организацијата остануваат исти како и пред 50 години.

-Гринпис е основан со замисла дека поединци со идеја и малку надеж можат да го променат светот, вели Морган за АФП. – Мислам дека Гринпис постигна фантастични работи.

Растат корпорациите, ама расте и Гринпис

Од своите почетоци пред 50 години Гринпис порасна до 3500 активисти во 55 земји. Речиси како некоја од мултинационалните корпорации кои ги искористуваат природните ресурси и кои се мета на нивното дејствување.

Некои велат дека оваа сега „средовечна“ организација го загубила жарот и дека младите што доаѓат се поенергични. Сепак, Морган за АФП вели дека се сѐ уште радикални, но и дека сѐ повеќе соработуваат со други организации за заштита на животната средина, како и со домородните народи.

Што во следните 50 години?

-Мислам дека целта би требало да биде Гринпис повеќе да не постои, вели Морган.

Но, како што стојат работите, екологистите, па и Гринпис, ги чекаат уште многу работи поврзани со климатските промени и причините што донедоа до нив.

Рекордно уништување на шумите во бразилска Амазонија

Што е СОР26?

„Cop“ е кратенка од Conference of the Parties (Конференција на засегнатите страни), а се однесува на средба на 197 членки на Рамковната конвенција на ОН за климатските промени, попозната како Климатски промени на ОН.

Разговорите се одржуваат секоја година во различна земја и на нив учествуваат делегати од секоја од националните влади со цел да се унапредат глобалните напори за спречување на опасните климатски промени.

Cop1 се одржа во Берлин, Германија, во 1995 година. Годинава 26 сесија на разговорите, Cop26, ќе се одржи во Глазгов.

Извештај на „Гринпис“ за 2020 година: Полски Оржеже најзагаден град во Европа, Скопје на 74 место

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот