ФОТО+ВИДЕО | „Ништо не научив на училиште“: Среќен роденден Стенли Кјубрик, неповторливиот бог нa филмското платно

Колаж: СП.
Иако изминаа 22 години од смртта на Стенли Кјубрик, роден на на денешен ден, тој никогаш не бил попопуларен или повидлив. Ниту еден друг режисер на филмови не произведе ремек-дела во толку широк спектар на жанрови: воени филмови, политичка сатира, научна фантастика, литературна адаптација и хорор. Кјубрик ги направи сите овие филмови пред зачетокот на дигиталната ера, користејќи аналогни техники, притоа постигнувајќи неверојатен ефект, користејќи звуци, музика, глума, архитектура и дизајн за да создаде извонредно [над]реални светови.

Младоста на Кјубрик

Роден во 1928 година во Њујорк, Кјубрик пораснал во Бронкс, во семејство на еврејски имигранти од источна Европа. Неговиот татко бил лекар чиј интерес за шах и фотографија, два таленти кои Кјубрик ги наследил од својот татко. Тој не бил истакнат студент; но си го „пронашол своето место“ во улогата на училишен фотограф на неговото средно училиште. На 16-годишна возраст продал фотографија (на која се гледа разочаран продавач на весници опкружен со наслови во кои се најавува смртта на американскиот претседател Френклин Д. Рузвелт) на списанието Look, а набргу ги прекинал студиите на Градскиот колеџ во Њујорк. На 17-годишна возраст се приклучува на редакцијата на гореспоменатото списание Look, за потоа да патува низ земјата како фоторепортер, во времетраење од околу четири години. Своевремено станал редовен посетител на ретроспективните филмски проекции во Музејот на модерна уметност во Њујорк (MoMA) и бил под особено влијание на работата на Орсон Велс и Сергеј Ајзенштајн. Во 1950 година снимил краток документарен филм во пресрет на боксерски натпревар. Тогаш Кјубрик го напуштил „Look“ и почнал да изучува часови за аудицирање на Универзитетот Колумбија, кога станал посветен читател и своето време го посветил на снимање филмови.

Не научив ништо на училиште, и не прочитав ниту една книга за лично задоволство се додека не наполнив 19 години.

Стенли Кјубрик во младоста / Фото: EPA/ALESSANDRO DELLA BELLA

Откако режирал пар документарни филмови, ги убедил неговиот татко и чичко, да му помогнат во финансирањето на продукцијата на неговото прво филмско остварување „Страв и желба“ (Fear & Desire, 1953), за потоа да го оцени своето дело како „срамно“. Не се откажува и продолжува со трилерите „Бакнежот на убиецот“ (Killer’s kiss, 1955) и „Убивање“ (Killing, 1956), а по неговиот прв филм за Првата светска војна, „Патеки на славата“ (Paths of glory, 1957), се чини дека холовудските врати полека но сигурно се отвораат за Кјубрик.

Новиот дом

По комплицираното искуство со високобуџетниот филм „Спартакус“ (Spartacus, 1960), Кјубрик го напуштил Холивуд за да создаде своја „база“ во Велика Британија. Кјубрик го пресели своето семејство во Англија, каде го искористи таканаречениот план „Еди“, кој обезбедуваше значителни даночни олеснувања за странските филмски продуценти, кои користеа најмалку 80 проценти британска работна сила. Тогаш започнува со амбициозни проекти, кои до денес важат за многу влијателни филмови: во 60-тите години тој ги сними Лолита (Lolita, 1962), „Д-р Стрејнџлов“ (Dr. Strangelove, 1964).

Кристејн Кјубрик, сопругата на тогаш починатиот режисер пред постерот за Лолита на изложбата Stanley Kubrick – Inside the Mind of a Visionary Filmmaker во Цирих, Женева, 25 април 2007 EPA/ALESSANDRO DELLA BELLA

Сепак, неговото најважно достигнување доаѓа кон крајот на 60тите, кога по четири години работа, во 1968 година доаѓа премиерата на „2001: Вселенска одисеја“ (2001: A Space Odyssey, 1968); Познатиот критичар Полин Каел го исмејуваше, но многу други критичари го поздравија филмот како ремек-дело и оттогаш непрекинато се појавува на списоците кои ги вбројуваат најбитните филски остварувања на сите времиња. Кјубрик доби номинации за Оскар за неговата режија и сценарио, заминувајќи си со Оскар за специјални ефекти. Своевремено, филмот се перцепира како counterculture феномен и удар против мејнстрим бокс-офисот, отстапувајќи му на Кјубрик ширина за снимање на кој било филм што го посакува, со одредена креативна слобода и контрола – привилегија што ја доживеаја неколкумина филмаџии.

2001: A Space Odyssey / EPA-EFE/MICHAEL REYNOLDS

Во 70-тите години на минатиот век ги создаде „Пеколен портокал“ (А Clockwork Orange, 1971) и Barry Lyndon („Бери Линдон“, 1975), а во 80-тите, „Сјаење“ (The Shining, 1980) и Full Metal Jacket („Боев куршум“, 1987). Неговиот единствен филм од 90-тите – и последниот – е „Очи широко затворени“ (Eyes Wide Shut, 1999).

Full Metal Jacket / Фото: IFA Film / United Archives / Profimedia

Репутацијата на Кјубрик како режисер била потполно безбедна во текот на неговиот живот (иако тој освои само еден Оскар во својот живот, гореспоменатиот, за најдобри специјални визуелни ефекти за 2001: A Space Odyssey), а во последните години, се трудел најмногу што може да ги избегне медиумите, кои низ годините сугерираа дека „Кјубрик бил осамен“). Сепак, како што изминуваат годините од неговата смрт се појавуваат повеќе аспекти за неговата работна техника, но и човечки аспекти од неговиот приватен живот. Најмногу за неговиот приватен живот, може да се дознае од архивите што самиот тој ги чувал во дворецот во Чајдвикбери кај Сент Албанс, кој го купил во 1978 година и живеел со своето семејство. Овие архиви за првпат беа отворени по неговата смрт, при што Џон Ронсон од Гардијан бил еден од првите новинари на кои им било дозволено да „копаат“ низ купиштата материјал. Голем дел од материјалот оттогаш е пренесен во објект за складирање во Универзитетот за уметност во Лондон.

Постер за A Clockwork Orange / Фото: EPA/IAN LANGSDON

Катарина Кјубрик, која живеела во Чајдвикбери со нејзината мајка Кристијен [трета сопруга на Кјубрик] се сеќава: „тато никогаш не фрли ништо“, велејќи дека е неправедно Кјубрик да се нарекува „чудак“ или „осаменик“: „Тој беше страствен и ја сакаше својата работа… Беше опседнат како и кој било друг, што живее работијќи на нешто што обожава да го прави и сака да го прави тоа, како што треба“. Катарина вели дека реакцијата по неговата смрт во 1999 година била „ужасна за семејството“, бидејќи медиумите и жолтиот бечат „биле полни со глупости, враќајќи ги старите приказни кои и онака не биле точни“.

Катарина како дете, со Стенли Кјубрик / Фото: Твитер – Катарина Кјубрик

Всушност, вели неговата ќерка Катaринa, Кјубрик едноставно „го средил неговиот живот“: „Тој имаше куќа во која можеше да стори сé; тој можеше да спие во својот кревет ноќе; луѓето што сакаше да ги види доаѓаа кај него; тој не беше познат по своето лице, па можеше слободно да оди и да купува во продавници ако сака“. Семејството беше важно, потенцира Катрин. Таа вели дека Кјубрик ги испраќал своите награди на неговата мајка, а семејната трпеза (природно, онаа од The Shining) важела за место каде се одвивале многу дискусии за претстојните проекти – „вилиците ни паднаа кога татко ми ни рече дека ќе праша Стивен [Спилберг] да го режира АИ“.

Таа исто така тврди дека нејзината мајка Кристијен била задоволна кога Кјубрик решил го напуштил својот филм за холокауст „Аријански документи“ во средината на 90-тите години, откако Стивен Спилберг ја имаше премиерата за „Списокот на Шиндлер“ (Schindler’s list, 1992), бидејќи работењето на тој филм го натерало да се чувствува „длабоко депресивен“.

На 16 јули 1999, последниот филм на Кјубрук ја доби својата премиера. Легендарниот режисер се спои со тогаш најпознатата брачна двојка во Холивуд [Tом Круз и Никол Кидман], за филм кој ја толкува човечката несигурност за верноста, сексот и бракот. Публицитетот беше огромен и пред филмот да ја добие својата премиера, поради гласините дека Кјубрик со работата „им ја извадил душата“ на ѕвездите.

Том Круз и Никол Кидман на британската премиера на “Eyes Wide Shut” / 3 септември 1999 / Фото: EPA/SINEAD LYNCH
Кјубрик почина истата година, на 7ми март. Се испостави дека  умрел во сон, а го пронашла неговата сопруга во нивниот семеен дом, дворецот Чајлдвикбури. Според полицијата, причината за смртта настанала од природни причини.

Џо Хајмс, своевремено извршен директор на Ворнер, кој работел во студио со Кјубрик три децении, изјави дека режисерот бил „екстремно тежок, екстремно блесав и еден од најсмешните луѓе што некогаш ги познавал“, потенцирајќи: „Можеше да ве насмее и да расплаче. Тој знаеше нешто за сè. Можеби не патувал (физички), но секогаш патувал во неговиот ум… преку стекнато знаење. Тој навистина беше Гарбо на филмаџиите по тоа што не сакаше да излегува, но секогаш имаше куп луѓе околу него“.

Костими од The Shining изложени во Музејот за Дизајн во Лондон / Фото: EPA-EFE/NEIL HALL

„Неговите филмови беа метафори за времето и стравовите и чувствата во кои живееме “, изјави Александар Вокер, филмски критичар за „Ивнинг Стандард“ во Лондон и автор на „Режисер Стенли Кјубри“, книга од 1972 година. „Ниту еден друг режисер не се занимаваше со таква разновидност на важни теми , правејќи ги достапни и филмови што луѓето ќе ги паметат“, потенцира Вокер. „Стенли имаше моќ да алармира и вознемирува. Тој ја знаеше моќта на ирационалниот, совршен план, кој тргнува наопаку. Вокер додава: „Не само што го разбираше човештвото, туку го разбираше премногу добро. Немаше љубов кон човештвото. Беше мизантроп“.

„Full Metal Jacket“ / Фото: EPA-EFE/NEIL HALL

Неговиот долгогодишен пријател, култниот режисер Стивен Спилберг, сепак, се сеќава на него „мек како мече и љубезен“. „Тој беше погрешно разбран како осамен човек само затоа што не сакаше да биде присутен во медиумите“, вели тој. „Тој всушност комуницираше со луѓе, многу повеќе од други луѓе што ги познавам. Кога разговаравме на телефон, нашите разговори траеја со часови. Постојано беше во контакт со стотици луѓе ширум светот… Земаше телефон и зборуваше со непознати луѓе, фанови за неговите фимлови. Мојот долгогодишен пријател создаде нешто повеќе од само филмови“, изјави режисерот потенцирајќи „Стенли Кјубрик од никој не копираше, додека сите се боревме да го имитираме“.

Фото: Принтскрин / Јутјуб

Она што го прави кјубриковото искуство така уникатно за гледачот, е неговиот неверојатно добар, епски визуелен стил – кој не е серија „само убави слики“. Преку неговиот Gesamtkunstwerk (германски збор што значи „вкупно уметничко дело“), настојуваше да ја синтетизира визуелната, драматичната и музичката форма во целосно реализирана, кохезивна, симболична целина, завиткана во подтекст, метафора и иронија. И се’ друго околу структурата и продукцијата на неговите филмови, е различно исто така – од сценаријата, начинот на глума, монтажата, до музиката. Колку што се возбудливи, неговите филмови се длабоко интелектуални, сложено врзани со обемни, нахални, нејасни литературни, театарски и психолошки референци од десетици жанрови и филозофии, како блескав приказ на технички виртуоз кои на гледачот му влеваат стравопочит.

Некои (не)познати факти за Стенли Кјубрик:

Фото: EPA-EFE/NEIL HALL

Еден од неговите омилени филмови е White Man Cannot Jump

Во 1968 година, Стенли Кјубрик во интервју кратко по излегувањето од 2001: А Space Odyssey откри дека своевремено, негов омилен филм бил во продукција на Дизни: „Го гледав Мери Попинс три пати, поради моите деца, и ми се допаѓа Џулај Ендрус – толку многу, што уживав да го гледам дуро три пати. Мислам дека тоа е навстина шармантен филм“. Меѓутоа, неговата ќерка Катарина, 30 години подоцна тврди дека повеќепати уживале заедно, гледајќи ја култната комедија White Man Cannot Jump (1992).

Други негови омилени филмови се:

I Vitelloni (Federico Fellini, 1953)
Wild Strawberries (Ingmar Bergman, 1958)
Citizen Kane (Orson Welles, 1941)
The Treasure of the Sierra Madre (John Huston, 1948)
City Lights (Charles Chaplin, 1931)
Henry V (Laurence Olivier, 1945)
La Notte (Michelangelo Antonioni, 1961)
The Bank Dick (W.C. Fields, 1940)
Roxie Hart (William Wellman, 1942) *Во едно интервју, изјавува дека ова е негов омилен филм
Hell’s Angels (Howard Hughes, 1930)
He also really liked:
Abigail’s Party (Mike Leigh, 1979)
An American Werewolf in London (John Landis, 1981)
Beauty and the Beast (Jean Cocteau,1946)
Closely Observed Trains (Jiri Menzel, 1966)
Dog Day Afternoon (Sidney Lumet, 1975)
Eraserhead (David Lynch, 1977)
The Firemen’s Ball (Milos Forman, 1967)
The Godfather (Francis Ford Coppola, 1972)
Metropolis (Fritz Lang, 1926)
One Flew Over The Cuckoo’s Nest (Milos Forman, 1975)
Silence of the Lambs (Jonathan Demme, 1991)
Spirit of the Beehive (Victor Erice, 1973)
Texas Chainsaw Massacre (Tobe Hooper, 1974)
The Red Squirrel (Julio Medem, 1993)
Цела листа на негови филмови е достапна ТУКА.

Изјавил дека „мрази“ само еден филм: The Wizard of Oz (1939)

Неговиот недовршен филм за францускиот генерал Наполенон ќе добие своја HBO серија

По 2001:A Space Odyssey, Кјубрик започнал да работи на филм Наполеон Бонапарта. Тој посветил две години од неговиот живот истражувајќи и работејќи на сценариото, ангажирајќи тим од 20 асистенти за информации за животот на Наполеон. Планирал битни сцени во кои би се користеле до 50 000 статисти, облечени во костуми од хартија, кои од далеку изгледале реално. Се обидел да ја убеди Одри Хепберн да паузира од „пензија“ за да ја одглуми Жозефина. Своевремено изјавил: „Очекувам да го направам најдобриот филм снимен некогаш“. За жал, неговиот залог се испостави како „уште еден филм за Наполеон“ и не помина најдобро на бокс-офисот, пред Кјубрик да добие шанса да го направи своето и да ја изгуби поддршката за финансирање. Но, Стивен Спилберг оттогаш потврди дека го развива сценариото на Кјубрик во минисерија за HBO, со режисерот на True Detective, Кери Фукунага.

Имал двојник-измамник

Како што раните 90ти Кјубрик се поретко се појавувал во јавноста, човек со име Алан Конвеј (исто така познат како Еди Јабловски) ја искористил можноста за да убедува луѓе во јавноста, индустријата и медиумите, вклучувајќи и театарски критичар на New York Times, дека тој е Стенли Кјубрик. Им ветувал на луѓето филмски улоги, неретко бил поканет на вечери и ги мамел новинарите на жолтиот печат дека добиле интервју со познатиот режисер. И вистинскиот и лажниот Стенли Кјубрик починаа во период од неколку месеци, и двајцата од срцев удар. За ликот и делото на двојникот и измамник Алан Конвеј беше издаден и филм во 2006 година, а го глуми Џон Малкович.

Поддржувачите на теории на заговор имаат што да кажат за него

Кој друг, ако не Стенли Кјубрик, би бил способен да го режира слетувањето на месечината? Очекувано, по премиерата на 2001: A Space Odyssey, јавноста била воодушевена од специјалните ефекти во филмското ремек-дело, за потоа поддржувачите на теориите на заговор да тврдат дека токму Кјубрик е „главниот виновник“ што светот се уште верува во „лажното“ слетување на човештвото на  Месечината со „Аполо 11“ во 1969 година. Според нив, целиот настан се случил во холивудско студио, во режија на Стенли Кјубрик, а за теоријата се направени бројни документарци со лажни факти.

Кјубрик бил „sans-serif тип на човек“

Дизајнерите и филмските фанатици сигурно веќе имаат забележано дека Кјубрик преферирал фонтови без сериф – го употреби фонтот Gill Sans за титловите во 2001: A Space Odyssey. Му се допаѓале и култниот без-серифен фонт Helvetica, потоа Univers, додека омилен фонт му бил Futura Extra Bold (овој фонт се појавува во секој филм на Вес Андерсон). Неговиот асистент (кој преферирал фонтови со сериф) за новинар на Guardian изјавил дека понекогаш дебатирале за оваа тема „доцна во ноќта“: „Се обидував да го предомислам, но секогаш остана доследен на фонтовите без сериф“.

И обожувал мачки

Додека бил надвор од домот за снимање, Кјубрик на своето семејство оставил документ кој всушност бил инструкции за тоа како да се грижат за неговата мачка – на цели 15 страни. Размислувал и за римејк на The Aristocats. Неговата омилена мачка пиела вода од брендот Evian, спиела во климатизирана просторија, се појавува во неговиот последен филм Еyes Wide Shut. Во една прилика шпекулирал дека неговата мачка била способна да му ги чита мислите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот