ФОТОГАЛЕРИЈА | Вредни наоди откриени на археолошкиот локалитет Расница во Охридско-струшкиот регион

Фото: Министерство за култура

На локалитет во Охридско-струшкиот регион, откриени се бронзен шлем, златни прстени, килибарни и стаклени перли, златни фолии со различни форми и декорација, сребрени игли, бронзен сад за вино, сребрен кантарос, бронзени чинии, . Се започнало во 2020 година кога Шефит Шемшедини при извршување на земјоделски работи во атарот на село Корошишта, Струшко открива бронзен шлем кој потоа го предава во Завод и музеј Охрид

Пред нас и пред целата јавност денеска ексклузивно ги презентираме вредните наоди откриени на локалитет во Охридско-струшкиот регион. Истражуваниот локалитет на ова место претставува некропола од архајскиот период (6 век пр. Христа), која по многу нешта наликува на далеку попознатата Требенишка некропола која е во непосредна близина. Во рамките на гробната целина регистрирани се околу 80 наоди, од кои дел се пред нас. Откритијата се резултат на последните археолошки ископувања кои го осветлуваат животот на цивилизациите што оставиле траги од минатото, но чија култура и влијание се и понатаму значајни за нашето разбирање на историскиот контекст, изјави министерот за култура, Зоран Љутков.

На прес-конференција свикана по повод откритието беше истакнато дека се работи за две гробници од кои едната со димензии седум на четири метри, на пет метри длабочина, што според артефактит е и додатоците пронајдени укажува дека припаѓала на член на елитно семејство што владеело со регионот во тоа време. Предмети се пронајдени при истражувањата на Архајска некропола од шестиот век пред нашата ера на локалитетот Расница во атарот на струшкото село Корошишта.

Фото: Министерство за култура

Она што е мошне важно, како што посочи археологот, Перо Арџанлиев, е што една од двете гробници е откриена во нечепната форма односно првпат отворена после период од над 2500 години. Дополнително е важно што истражувањата на локалитетот се спроведени од стручни лица, на најдобар можен начин согласно сите научни процедури.

– Вакви наоди се откриваат еднаш во векот и ние ги нарекуваме епохални…Открието е монументално, и по самата гробница што во многу нешта ја надмина и познатата Требенишка некропола, но и по карактерот на наодите…Гробната архитектура според димензиите е импозантна и ги надминува според големината досега сите откриени Архајски гробници на Балканот – рече меѓу другото Арџанлиев, археолог-кустос во Археолошкиот музеј во Скопје.

Министерот Љутков, изрази задоволство што сите сме сведоци на голем научно-истражувачки успех, кој не само што фрла нови светла на археолошката историја на Македонија туку претставува значаен придонес кон европското и светското археолошко наследство.

Фото: Министерство за култура

– Вредните наоди откриени во охридско-струшкиот регион го осветлуваат животот на цивилизациите што оставиле траги од минатото, но чија култура и влијание се и натаму значајни за нашето разбирање на историскиот контекст – рече тој изразувајќи благодарност на Шефит Шемшедини, сопственикот на парцелата каде се наоѓа локалитетот.

Љутков истакна дека зачувувањето на културното наследство е обврска и одговорност кон идните генерации.

– Со овие откритија не само што го прошируваме нашиот историски контекст, туку ја зацврстуваме нашата позиција како важен чинител на регионалната, балканскта и европската археолошка сцена – рече тој.

Фото: Министерство за култура

Локалитетот е откриен случајно во 2020 година, кога при земјоделски работи бил пронајден шлемот, што укажало на постоење на археолшки локалитет. Семејството Шемшедини минатата година дало согласност за вршење археолошки истражувања на нивниот имот.

Откриената гробница, заедно со останатите веќе утврдени локалитети од Архајскиот период меѓу кои Требенишката, Архонтико, Синдос, Горна Порта во Охрид, кај Делогожда и Радолишта укажуваат на активен живот на високо организирана социјална елита на Охридско-струшкиот регион во тоа време.

Фото: Министерство за култура

Сите откриени наоди на локалитетот после нивната конзервација и испитување ќе бидат изложени во Археолошкиот музеј во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот