ФОТО/ВИДЕО: Талат Џафери во панцир ја посети Буча, ќе се сретне и со Зеленски

Фото: принтскрин

На покана на претседателот на Собранието на Украина, Руслан Стефанчук, претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска е во посета на Украина, каде што допатувал со воз преку Полска во раните утрински часови, информира неговиот кабинет. Истовремено, во посета на Украина денес се и претседателите на Парламентите на Романија и Швајцарија.

Џафери ги посети градовите Буча и Ирпин и пистата во Хостомел, кои се разурнати од воените дејствија, по што заедно со другите претседатели на Парламенти дадоа заеднички изјава.

„Секако особено ми е задоволство и ја прифатив поканата и лично да ги посетам Буча и Ирпин за лично да ги согледаме последиците од она што е инвазија на Руската федерација врз Украина. Секако, моето присуство е симбол на лична, институционална и поддршка на граѓаните на Република Северна Македонија за народот на Украина и институциите на Украина. На нас од Западен Балкан ни се свежи сеќавањата од ваквите слики што ги гледавме не подолго од две децении претходно, свеж ни е Речак во Косово, свежа ни е Сребреница во Босна и Херцеговина и секако мислам дека ние најдобро ве разбираме и знаеме што значат овие слики што ги гледаме овде“, рече Џафери.

„Јас оттука можам да порачам дека лично ќе се залагам институциите и граѓаните на Република Северна Македонија да ја пружат сета можна поддршка која што ќе стои на располагање заедно со нашите партнери од Европската унија и меѓународната заедница. Секако, лично ќе се залагам овие слики да го добијат правото име што им следува, а тоа е геноцид и ништо друго.“ Оваа посета на претседателот Џафери е прва од овој вид на висок претставник од регионот и прва посета од сите нивоа на власт во Република Северна Македонија. Во рамките на посетата Претседателот Џафери ќе има и обраќање на Конгресот на локалните и регионални совети под претседателство на Претседателот на Украина, Володимир Зеленски“, додаде спикерот на македонскиот парламент.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот