ФОТО | Тамара Котевска на ексклузивна средба со холивудската елита: Леонардо Дикаприо се сеќава на „Медена земја“ и сака да го гледа „Приказната за Силјан“
Македонската режисерка Тамара Котевска беше дел од затворен ВИП-настан во Холивуд, каде што учествуваше на ручек и дискусија со дел од најголемите актерски имиња денес, меѓу кои Леонардо Дикаприо, Бенисио дел Торо, Тијана Тејлор, Чејс Инфинити и Реџина Хол. Средбата беше организирана по повод филмот „Една битка по друга“ (One Battle After Another) на реномираниот режисер Пол Томас Андерсон, кој оваа година важи за еден од најсериозните кандидати во претстојната оскаровска трка.
Препорачано
Како член на Американската филмска академија и гласач, Котевска беше единствениот претставник од документарниот филм меѓу триесетина внимателно одбрани холивудски професионалци поканети на настанот. Дискусијата започнала со искрени и често хумористични раскажувања на актерите за искуствата од снимањето и соработката со Пол Томас Андерсон, пред публика составена од актери, режисери и продуценти од врвот на индустријата.

Особено значаен момент за Котевска бил разговорот со Леонардо Дикаприо, кој, како што вели таа, многу добро се сеќавал на „Медена земја“ (Honeyland), како и на нивната заедничка фотографија од 2020 година, направена за време на оскаровските номинации.
Дикаприо, кој со години е активен поддржувач и продуцент на документарни филмови со еколошка тематика, преку својата фондација и оваа година има филм во трката за Оскар. Сепак, во разговорот со Котевска, актерот покажал особена љубопитност за нејзиниот нов документарец „Приказната за Силјан“ (The Tale of Silyan), кој годинава бележи силен пробив на фестивалската и наградната сцена.

Интерес за филмот пројавиле и Бенисио дел Торо и Тијана Тејлор, која во новиот филм ја толкува улогата на бунтовнички лик. Според Котевска, токму темите на правда, отпор и борба против неправеден систем ги поврзале во разговорите околу нејзиниот документарец.
„Да се градат односи и пријателства низ годините со холивудските ѕвезди кои ми биле најголемо влијание како дете да се посветам на филмската магија е како некаков чуден сон кој од секогаш се чинел недостижен. Но, кога си таму со нив во истата малечка просторијата, делиш оброк заедно и гледаш колку се тоа обични луѓе кои минуваат низ истите трауми, искушенија, несигурности и притисоци со секој нов филм како и сите ние останатите филмаџии на планетава, тоа е едно посебно чувство кое ги руши сите предрасуди и бариери дека нешто е невозможно да се достигне“, изјави Котевска.


