ФОТО | Сите жени кои не успеале да му одолеат на Тито

Фото: Profimedia, Instagram, YouTube-принтскрин

Долгогодишниот југословенски претседател Јосип Броз Тито, покрај својата воена и политичка активност, бил познат и како еден од најголемите хедонисти меѓу тогашните државници. Тој сакал да пие добро, да јаде и да танцува. Тешко му било да одолее на загорски штрукли, пушел кубански пури, а омилени пијалоци му биле вискито Чивас и словенечкото вино Цвичек. Се дружел со голем број познати личности, а се чини дека најмногу ги сакал – жените. Тито се женел четири пати, а според некои сведоштва имал барем исто толку љубовници.

Јосип Броз Тито
Јосип Броз Тито / Фото: Profimedia

Пелагија Денисова Белоусова – Се оженил со тинејџерка

Првата сопруга на Тито била руската комунистка Пелагија Денисова Белоусова. Со него се омажила во 1918 година кога имала само 14 години. Тој тогаш имал 26. Таа го запознала како воен заробеник кога го спасила од контрареволуционерите на Колчак. Нивното прво дете починало при породување, а Златица и Хинко, кои подоцна дошле на свет, починале како деца. Во февруари 1924 година е роден Жарко Броз, кој подоцна станал советски офицер. Тој починал во 1995 година.

Фото: Викимедија

Во 1920 година Тито и Пелагија се преселиле во Хрватска, односно тогашното Кралство на Србите, Хрватите и Словенците. Освен што го одгледувала Жарко и работела во фабрика за мебел, таа се занимавала и со политички активизам како активен член на Комунистичката партија на Југославија. По апсењето на Тито за комунистичка пропаганда во 1928 година, Пелагија се вратила во Русија со Жарко. По излегувањето од затвор, Тито ѝ се налутил на Пелагија што го дала нивниот син Жарко во дом за незгрижени деца, а парот официјално се развел во април 1936 година.

Елзе Кенинг, Луција Бауер – Вториот брак траел само една година

Фото: Profimedia

Втората сопруга на Броз била Германката Елзе Јохана Кениг. Таа била мажена за висок германски комунистички функционер, кој бил уапсен и осуден на 15 години затвор откако Хитлер дошол на власт. Меѓународната организација за црвена помош потоа договорила неговата сопруга да замине во Москва, каде што го добила псевдонимот Луција Бауер. Тито се оженил со неа во октомври 1936 година. Тој тогаш имал 44 години, а таа наводно само 22. Набргу по венчавката, Тито „отишол на црно во Југославија“ и во негово отсуство, тој ѝ испраќал љубовни писма во кои ја уверувал дека таа е љубовта на неговиот живот. Откако тајната полиција на Сталин ја обвинила дека е германски шпион, Луција била застрелана во 1937 година во московски затвор.

Херта Хас и Даворјанка Пауновиќ – Зденка – Една сопруга и една љубовница

Третата сопруга на Јосип Броз била Херта Хас, Словенка со еврејско потекло. Таа била 22 години помлада од него. Биографите сè уште не можат да се договорат дали таа и Тито воопшто се венчале. Додека едни тврдат дека тоа го направиле во 1939 година во Загреб, други велат дека врската никогаш не била легализирана. Она за што се согласуваат е дека Тито додека бил со Херта имал љубовница, Даворјанка Пауновиќ-Зденка, која тогаш немала ни 20 години. Во исто време Херта го родила синот на Тито, Александар Мишо Броз.

Херта Хас и Тито -youtube/printscreen

Бракот или врската на Тито или Херта траела четири години. Откако раскинал со неа, не ја криел врската со Зденка. Отпрвин му била секретарка, а по избувнувањето на Втората светска војна отишла со него на фронтот. Целата војна ја поминала со него, минувала низ најтешките ситуации, а наводно неколку пати го менувала идентитетот. Се зборувало дека има големо влијание врз Тито, а подоцна и врз одлуките што ги носел како претседател.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Obrisi prošlosti (@obrisiproslosti)

Според официјалната верзија, Даворјанка починала во 1946 година од туберкулоза. Тито ја погребал во дворот на Белата палата во Белград. Нејзиното име подоцна не било споменато, а наскоро нејзиното место ќе го заземе добро познатата прва дама на Југославија.

Време е за авантури

Потоа следеа неколку авантури со познати жени, најпрвин со најпопуларната руска филмска актерка Татјана Окуневски, која ја запознал во Москва кога му бил прикажан долгометражниот филм „Ноќ над Белград“ со неа како главна ѕвезда. Таа веднаш го придобила маршалот на Југославија, кој ѝ понудил да се раздели со писателот Борис Горбатов, за кого рекла дека нејзиниот живот со него не е среќен, обвинувајќи го дека е хомосексуалец.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Inna (@innaefrosinina)

Нудејќи ѝ брак и велејќи ѝ дека ја изгубил главата и не може да живее без неа, Тито и праќал црни рози со месеци. Но, Татјана, за која во Кремљ се зборувало дека е љубовница на семоќниот шеф на советската служба за безбедност на КГБ, Лаврентиј Берија, успеала да одолее на додворувањето на Тито.

Една од кратките љубовни врски на Тито била со грузиската атлетичарка, светска рекордерка во фрлање диск Нина Думбаџе, на која советските спортски власти не ѝ дозволиле да се пресели во Белград, а потоа се заинтересирал за шампионката на њујоршката Метрополитен опера, Зинка Кунц Миланов од Загреб.

Дали ОЗНА му ја постави Јованка?

Јованка Будисављевиќ, подоцна Броз, била 32 години помлада од Тито. Родена е во Пеќане, кај Кореница во 1924 година. За време на војната се истакнала како млада партизанка, а имала и чин мајор. Тито ја сретнал при слетувањето на Дрвар, а подоцна ја донел во неговата резиденција каде ја вработил како домаќинка.

Фото: Профимедиа

Некои извори тврдеа дека Јованка практично била наместена за да го смири малку Тито бидејќи наводно бил прилично ненаситен кога се во прашање жените. Според некои документи, Јованка во придружбата на Тито ја донел Иво Крајачиќ Стево, шефот на комунистичката тајна полиција ОЗНА.

„Еден ден, во 1952 година, таа ни кажа со Зора дека ќе се омажи за Тито. Ние двете бевме занемени на ист начин како што бевме занемени кога таа ни кажа дека брат ни умре. Како да ни кажа дека ќе се омажи за Свети Петар! Или дека ќе се омажи за Господ Бог. Тито тогаш беше икона за сите нас, па и за неа“, се сеќава Нада Будисављевиќ сестрата на Јованка, во интервју за РТС.

Тајна венчавка покрај Дунав

Тогаш 60-годишниот Тито и 28-годишната Јованка се венчале на 15 април 1952 година, но на почетокот речиси никој во земјата не знаел дека се венчани бидејќи свадбата била тајна. Церемонијата се одржала недалеку од Илок, во вилата на Тито покрај Дунав. Поканет бил само мал круг на луѓе.

Двојката беше во брак до смртта на Броз во 1980 година. Иако надворешно сè изгледало хармонично, нивната врска не била идилична, особено во 1970-тите. Јованка во последните три-четири години од животот наводно не го ни видела сопругот. Кон крајот на животот на Тито, во 1978 година, дури и британскиот амбасадор сфатил што се случува, па испратил порака до Лондон со следнава содржина:

– Тито е сосема сам!

Веќе не бил придружуван од сопругата или пријателите, а она што го создаде – Социјалистичка Федеративна Република Југославија – наскоро ќе почне да се распаѓа.

Софија Лорен – Каде е во приказната?

Јосип Броз Тито за време на своето владеење угостил многу светски ѕвезди како Елизабет Тејлор, Софија Лорен, Ричард Бартон. Посебно внимание на тогашните медиуми привлекла посетата на славната Софија Лорен, која била гостинка на Бриони 15 дена.

Тајната чувана долги години, за емоциите на познатата актерка која ги имала кон покојниот маршал, ја открил Ненад Вуковиќ, кој пред неколку години го купил Титовиот имот. Како што тврди Ненад, а и некои други сведоци од тоа време, италијанската актерка била вљубена во поранешниот претседател на Југославија, Јосип Броз Тито, кого често го посетувала, некогаш и тајно, на имотот во неговото лозје во Гроцка.

– Слушав разни приказни, но факт е дека Тито ја пречекувал Софија Лорен на гости овде, во Гроцка. Тој бил голем заводник и хедонист. Јованка била љубоморна и кога Софија доаѓала од Италија во Србија кај Тито на гости, беснеела од љубомора. Постојат записи за посетите на Лорен и во нив се открива дека актерката сакала бајадери и јадења со пилешко, а Тито бил познат како љубител на грозје – вели Вуковиќ, а сето ова го потврдува и Драган О., кој своевремено работел за Тито.

Фото: Profimedia

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот