ФОТО+ВИДЕО | Протест во Батинци: Низ депонијата Дрисла расфрлени делови од човечки тела- тврдат жителите

Веќе подолго време низ депонијата се расфрлаат делови на тела, ампутуирани раце, нозе. Јас ги видов сликите и тоа е страшно, постојано се случува. Денес дојдовме овде со помал протест, сакавме тотална блокада, но засега одиме само со мирен едночасовен протест- вели Сених Браховиќ од иницијативниот одбор во Батинци.
Делови од човечки тела расфрлени низ депонијата Дрисла, страшна смрдеа која на моменти е неиздржлива, отровна вода која се испушта после секој дожд- вака ја опишаа состојбата со скопската депонија жителите на Батинци кои вчера протестираа пред Дрисла.

-Стотици граѓани денес се собраа овде на едночасовен мирен протест со цел да го изразат незадоволството од континуираното труење од Депонијата. Веќе подолго време низ депонијата се расфрлаат делови на тела, ампутуирани раце, нозе. Јас ги видов сликите и тоа е страшно, постојано се случува. Денес дојдовме овде со помал протест, сакавме тотална блокада, но засега одиме само со мирен едночасовен протест- вели Сених Браховиќ од иницијативниот одбор во Батинци.

Тој вели дека ако надлежните не им помогнат одат на тотална блокада.
-Чувствувате каква смрдеа се шири овде, луѓето кои доаѓаат од страна не можат да издржат. Бараме Дрисла да работи по сите закони. Има езеро во депонијата и таа вода се испушта во Маркова река. Последен пат беше минатата недела. Следен ден се појави пожар, веројатно да не се види дека се работи незаконски. За 15 дена најавуваме тотална блокада ако нема решение- вели Браховиќ.
Кадрија Мериќ, жител на Батинци вели дека денес се присутни стотици луѓе на протест пред Дрисла.

– Собрани се граѓаните засегнати од загадувањето на депонијата Дрисла, собрани се граѓаните на Батинци, но и на цел овој регион. Депонијата веќе 30 години го труе народот и не е средена како што наложува законот. Се појавуваат болести, народот не може да чека, белодробните заболувања се многу проширени. Има одзив од власта и од некои невладини организации, но засега нема никакво конкретно решение. Бараме само од надлежните да може да дишиме нормално и чисто. Ова не е политички протест, повикан е само народот кој се труе. Народот ги плаќа вработените и надлежните- вели Мериќ.

Цела работа започна пред десетина дена кога жителите на Батинци за Слободен печат ја раскажаа цела приказна околку загадувањето на Маркова река. Според нив од сто куќи за неколку години има 24 починати и девет заболени од карцином.

