ФОТО: Наместо елитна, Јака остана населба со септички јами

Осум години изминаа по помпезната најава дека во Марино во Општина Илинден, на површина од околу 10.000 квадратни метри, ќе се изградат семејни куќи и ќе се создаде нова елитна населба, која ќе ги задоволува сите стандарди на удобно живеење. Идејата беше, со продажба на евтино градежно земјиште, полесно да се дојде до сопствен дом.

Интересот на граѓаните беше голем, особено што новата населба Јака од државата и општинска власт беше промовирана како проект со инфраструктурни решенија според највисоките европски стандарди, а освен семејни куќи  на 500 парцели, во неа требаше да има и трговски центар, хотел, забавен парк, спортски терени.

Денес од сите тие ветени содржини нема ништо, а граѓаните кои таму изградија куќи се разочарани и револтирани затоа што, според нив, Општина Илинден не исполнила речиси ништо од ветеното.

населба јака илинден
Фото: Слободен печат

– Немаме канализација, нема асфалт, само дел од улиците се тампонирани. Во цела населба има 15-тина бандери за улично осветлување, но и тие сите не светат, а притоа сите ние плаќаме за улично осветлување. Куќите ни се со септички јами. Понудивме и ние да финансираме за да се направи канализација, но проблем било изградба на прочистителна станица. Срамота. Ништо нема. Децата нема каде да си играат. Сакавме со донација да се направи игралиште, но од Општината дури не сакаа да ни кажат на која парцела е предвидено тоа да се постави – вели една од жителите на населбата.

Жителите пред една година со отворено писмо до медиумите се пожалија за своите проблеми. Во меѓувреме ситуацијата не се промени, но тие сѐ уште се надеваат дека општинските власти ќе им излезат во пресрет, иако додаваат оттогаш немаат никаков контакт со градоначалникот Жика Стојановски.

Фото: Слободен печат

– Формиравме и неофицијален одбор од наши претставници од населбата, безброј пати се организиравме, разговаравме со градоначалникот на општината и други претставници на општинската власт, но инфраструктурните проблеми и натаму остануваат нерешени – објаснуваат жителите и додаваат дека тие своите обврски од договорот ги исполниле, но за возврат не добиле ништо.

Во населбата се вселени стотина куќи, а уште толку се изградени и стојат празни. Како што објаснуваат жителите, оние што имаат друга алтернатива за домување, не се вселуваат во населбата. Напротив, поради лошите услови за живот, дел од жителите и ги продаваат куќите.

населба јака илинден
Фото: Слободен печат

Од Илинден, пак, велат дека од општинскиот Буџет досега се инвестирани повеќе од 20 отсто во инфраструктурата,  дека се тампонирани 5600 метри од улиците, од страна на ЈКП „Водовод“ поставена е водоводна мрежа во должина од 5400 метри, поставени повеќе од 2000 метри улично осветлување.

Оттаму објаснуваат дека населбата Јака е владин проект кој се спроведува во соработка со Општина Илинден, при што 90 отсто од вкупната инфраструктура требало да ја инвестира централната власт, а 10 отсто Општина Илинден.

– На основната инфраструктура потребно е надградување односно поставување на атмосферска и фекална канализација, а потоа следува асфалтирање на улиците. Во услови на пандемија согласно Програмата за изградба, рехабилитација и санација, на општински патишта и улици, Советот на Општина Илинден за оваа година нема предвидено дополнителни средства за продолжување на инвестиции во овој дел на општината – признаваат од Илинден.

населба јака илинден
Фото: Слободен печат

Од Општината информираат дека по пат на е-аукција е избра фирма изведувач за изградба на колекторски систем за фекална канализација во населените места Илинден и Марино. Проектот опфаќа изградба на колекторски систем за прифаќање и одведување фекални води за Илинден и Марино од два крака со вкупна должина од 5000 метри како и изградба на пречистителна станица со капацитет од 2500 еквивалент жители. Вкупната вредност на проектот изнесува околу 46 милиони денари. Со реализација на овој капитален проект, како што тврдат, над 70 отсто од домаќинствата во Општина Илинден ќе бидат приклучени на систем за фекална канализација.

Во однос на тоа што дел од сопствениците на куќите во новата населба ги продаваат поради лошата инфраструктура, од Општината велат дека плацовите, имотите во населба „Јака“ се предмет на купопродажба, меѓутоа вредноста е десетици пати повисока отколку што била почетната цена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот