ФОТО | Лидија и Кристина Атанасови, мајка и ќерка дизајнерки на чанти: Чанта како пандорина кутија – на крајот секогаш останува надежта!

Колаж: СП. / Фото: Приватна архива | Кристина Атанасова, @main__days
Кристина го предложува дизајнот на ташната, Лидија ѝ кажува што може, како може и дали воопшто може да се изведе замислата на нејзината ќерка. Лидија секогаш ја вметнува својата визија во текот на изработката. Кога ја изработува чантата ѝ дава реален облик на првичната фантазија на Кристина. Звучи симбиотички совршено, нели?
Фото: Приватна архива / @main__days
Во времето на пандемија, кога многумина стравуваат за своите бизниси, Кристина Атанасова и нејзината мајка Лидија, се одлучија на смел чекор, да започнат бизнис, односно да лансираат линија на чанти. Така се родила модната марка „Main Days“ („Меин Дејс“), многу природно, како заедничко хоби на мајка и ќерка кои отсекогаш креирале облека и модни додатоци заедно.
„Планираме секоја наредна сезона да има своја тема, мотиви и филозофија. Но, чантите секогаш ќе останат во нашиот фокус затоа што најмногу можеме да си ‘играме’ со нив“ / Лидија (лево) и Кристина (десно) Атанасови / Фото: Приватна архива
Пандемијата, како и несигурноста и тишината што дојдоа со неа, била поттик да започнат, зашто чувствувале дека е важно да се дејствува, да се искаже својот глас и да си работиш на своето. Ова особено важи за Лидија – ни нагласува Кристина – која креира свои модели и ги шие уште од тинејџерка. А со оглед на тоа што и Кристина и Лидија се вработени, велат дека не го доживеале овој почеток како смел бизнис чекор, туку чувствуваат дека е смел почеток за нив во однос на тоа дека секогаш се чувствува некаква изложеност и ранливост кога се презентира својата работа. Инаку, нивната работа е видлива и достапна на инстаграм-профилот @main__days.
Фото: Приватна архива / @main__days
Креативно работите заедно – мајка и ќерка, колку генерацискиот јаз е предност или маана, извор на разбирање или на недоразбирање? 

– Со мојата мајка имаме слични работни навики, нашата заедничка работа е структурирана и организрана. Јас го предложувам дизајнот на ташната што понатаму го дискутираме, таа ми кажува што може, како може и дали воопшто може да се изведе мојата замисла.

Фото: Приватна архива / @main__days

Таа секогаш ја вметнува својата визија во текот на изработката. Кога ја изработува чантата ѝ дава реален облик на мојата првична фантазија, токму затоа и си требаме. Според мене, нејзиното неколкудецениско искуство го оправдува дизајнот и продуктот. Живееме во различни градови, имаме свој простор и мислам дека тоа ја прави комуникацијата многу полесна.

Фото: Приватна архива / @main__days
Кои се предвизвиците во креирање чанти, и зошто чанти, а не, на пример, марами или облека? Планирате ли проширување на други модни додатоци?

– Oваа есен планираме да започнеме со изработка на нови модни додатоци. Се наоѓаме на самиот почеток и сè уште работиме на стандардизирање на нашата „core“ колекција. Понатаму планираме секоја наредна сезона да има своја тема, мотиви и филозофија. Чантите секогаш ќе останат во нашиот фокус затоа што најмногу можеме да си „играме“ со нив.

Фото: Приватна архива / @main__days
Колку, според тебе, Македонките „патат“ од големи брендови, од скапи марки на чанти, па и од популарни „хај стрит“ брендови, а колкава ни е свеста за поддршка на локалните модни марки?

– Свеста за поддршка на локалните модни брендови расте сè повеќе и повеќе и дури станува тренд, посебно кај новите генерации кои ја разбираат вредноста на рачната изработка и уникатноста на домашниот дизајн.

Фото: Приватна архива / @main__days

За време на пандемијата глобалното доживеа криза, се отворија многу социјални и економски прашања. Mеѓудругото, почнавме да поставуваме и многу потребни и етички прашања околу модата, за тоа од каде ни доаѓа облеката што ја носиме и кој ни ја изработува. На пазарот се бара поголема транспарентност околу процесот на работа и продукцијата, што може најмногу да биде понудена од малите брендови.

Фото: Приватна архива / @main__days

Малите брендови некогаш можат да го видат она што поголемите не можат и да понудат нешто сосема ново, креативно, забавно и свежо. Зголемената свесност кај нас е резултат и на одличната работа на нашите локални брендови кои досега се имаат покажано доста значајни и вредни за заедницата, имаат да понудат нешто свое и уживам да сведочам како се развива нивната приказна и занает.

Фото: Приватна архива / @main__days
Гледаш ли на чантата како на пандорина кутија која може да нè изненади и нас самите со оглед на тоа што сè може да најдеме во неа?

– Како што во пандорината кутија на крајот останува надежта, така и во чантата. Спремањето на чантата воедно претставува планирање на денот, на ноќта, на викендот или на месецот. Независно од тоа колку и да е хаотична содржината, сепак ние свесно или несвесно сме избрале предмети кои се надеваме дека ќе ги искористиме или дека ќе ни се најдат.

Фото: Приватна архива / @main__days
Што секогаш ти носиш во својата чанта? 

Се сеќавам кога мојата мајка ми помагаше да го спремам училишниот ранец, секогаш претежок од книги  и од секојдневна претпазливост да не ми притреба нешто. Денес се обидувам да се движам полесно и да ги курирам моите лични предмети, затоа и сакам да носам помали чанти со мене. Секако, се наоѓа и по некоја игнорирана фискална сметка, заборавен „Airwaves“ и звучни монети.

Фото: Приватна архива / @main_days

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот