Фонтаната „Лотос“ пак ќе работи, за реконструкција ќе се потрошат 2,5 милиони денари

Фонтана Лотос, Фото: Слободен печат - Архива

Пред 15-ина години се уреди платото околу фонтаната со нови плочки, но нејзината обнова сѐ уште чека.

ЈП „Водовод и канализација“ планира годинава да ја реконструира фонтаната „Лотос“ на влезот во Градски парк. Фонтаната, која е една од најстарите во градот и е дел од спомените на скопјани, е изградена пред половина век, поточно пуштена е во употреба во мај во далечната 1971 година, со гламурозна свеченост на која присуствувале многу значајни личности.

На местото каде што денеска се наоѓа фонтаната, пред нејзината изградба имало мочуриште, полно со убави бели цветови, кои биле инспирација за архитектката Мирјана Милановиќ-Волињец, фонтаната да ја проектира во форма на лотосов цвет.

Пред 15-ина години се уреди платото околу фонтаната со нови плочки, но нејзината обнова сѐ уште чека. Сега ЈП „Водовод и канализација“ реконструкцијата на фонтаната ја вметнало во Инвестициската програма за 2022 година, во која се вели дека за оваа намена, за електро и машински инсталации се планирани 2,5 милиони денари.

Покрај реконструкцијата на „Лотос“, јавното претпријатие до Советот на Град Скопје понуди програма во која се планира годинава да се довршат започнатите проекти од 2021 година, но и нови инвестиции. Вкупниот износ на планирани средства за инвестициски вложувања за 2022 година се околу 650 милиони денари.

Во програмата се наведува дека ќе се реконструира и доизградува водоводната мрежа, ќе се реконструираат и санираат шахтите и ќе се изведува антикорозивна и термичка заштита на цевки за да се продолжи векот на траење на цевководите.

Во рамките на Стратегијата за намалување на загубите на вода во водоснабдителниот систем на град Скопје, се планира инсталација на зонски мерачи на проток, со кои ќе се воспостават зони на потрошувачка каде што ќе се контролираат загубите на вода и ќе се создадат услови за рано откривање на дефектите.

Претпријатието ќе продолжи и со набавката на водомери со далечинско отчитување, за што ќе се вложат 38 милиони денари, но ќе се вложува и во специјални возила за третирање на канализациската мрежа.

Поради зголемена потреба за третирање на затнатите канализациски линии, во 2022 година се планира набавка на возило со опрема за видеоинспекција на канализациските линии со помал профил до 250 мм, а проценетата вредност е околу 7 милиони денари – се вели во Инвестициската програма, каде што се наведува и дека ќе се набави возило со опрема за третирање на затната канализација, во вредност од 8 милиони денари.

Секторот за санитарна контрола во 2022 година планира проширување на опсегот на акредитација во согласност со Правилникот за посебните барања за безбедност на природната минерална вода, изворска вода и друга пакувана вода. Лабораториите и одделението за санитарна контрола, како што се наведува во програмата за 2022 година, вршат секојдневен мониторинг на квалитетот на водата за пиење од 58 мерни места, кои се одредени според бројот на жители на градот, како и контрола на површинските и комуналните отпадни води. Поради тоа, како што се вели, потребно е доопремување на лабораториите, па за осовременување на опремата се планирани 1.645.000 денари и уште 5,5 милиони за набавка на мебел за лабораториите изработен по стандарди за лабораториска намена.

ЈП „Водовод и канализација“ годинава планира да вложува и во сите други сегменти што се дел од активностите на претпријатието, какви што се прочистување отпадни води, осовременување на техниката и механизацијата и во други области од неговото работење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот