Фон дер Лејен: Останувам посветена на започнување преговори за членство со Македонија

Фото: ЕПА

Кандидатката за нов претседател на Европската комисија, германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен вели дека останува посветена на започнување преговори за членство во ЕУ на Република Северна Македонија и Албанија.

Во одговорот на прашања на групата на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) во Европскиот парламент, Фон дер Лајен вели дека „е посветена на отпочнување преговори со Албанија и Северна Македонија за идно членство во ЕУ” и покрај противењето на некои лидери на земји членки на Унијата, меѓу кои се и францускиот претседател Емануел Макрон и холандскиот премиер Марк Руте.

Во писмото до СД, во пресрет на утрешното гласање во Европарламентот за нејзиниот избор на претседателската функција во Европската комисија, Фон дер Лајен наведува и дека планира да предложи „нов пакт” на ЕУ за миграција и азил. – Потребен ни е нов начин на прераспределба на товарот. Потребен ни е нов почеток, наведува Фон дер Лајен во одговорот.

Фон дер Лајен минатата недела при претставувањето на својата програма пред пратеничките групи во Европскиот парламент изјави дека Северна Македонија претставува „светол пример” за тоа „што е можно да се постигне, кога луѓето пред себе имаат јасно поставена цел – во случајов членството во ЕУ”.

– Западниот Балкан мора да се сфати посериозно, а Северна Македонија е светол пример за позитивни постигнувања, – порача Фон дер Лајен, залагајќи се за отворени врати кон земјите од источна Европа и Западниот Балкан кои сакаат членство во ЕУ.

Говорејќи за Договорот од Преспа на почетокот на месецов на средбата со нејзиниот грчки колега Евангелос Апостолакис, Фон дер Лајен истакна дека документот претставува „вистински европски договор, базиран на вредностите што ги има Европа”, со кој „проблемот е претворен во можност”.

– Длабоко ги почитувам храброста и решителноста на двете земји да одат напред кон Договорот од Преспа. Компромисите никогаш не се лесни, но го отвораат патот кон подобра иднина. Грција има долга и горда историја и ја роди европската идеја на демократијата. Грција и Северна Македонија дадоа светол пример за тоа што значи Европа. Сите можеме да научиме од тоа – и тоа сите нас во Европа ќе нѐ направи посилни, изјави тогаш Фон дер Лејен во интервју за атинскиот весник „Та неа”.

Фон дер Лејен во својство на германска министерка за одбрана ја посети земјава во септември 2018 година, непосредно пред одржувањето на референдумот за името, при што порача дека посакува „обединета и единствена Европа”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот