Флорентино Перез: Шпанскиот фудбалски крал е соочен со најголемиот предизвик

„Мозокот“ на проектот за европската фудбалска Суперлига и долгогодишниот претседател на моќниот Реал Мадрид претрпе ретко видено понижување откако мноштво од клубовите што требаше да играат во Суперлигата решија да се повлечат

Амбицијата на Флорентино Перез беше едноставна: да ја искористи Суперлигата за да ги оплоди приходите за вклучените фудбалски клубови, заокружувајќи го текот на парите за една деценија однапред и обезбедувајќи олеснување за оние клубови кои се бореа со финансиски долгови уште пред да се појави пандемијата.

Но, за Перез, не стануваше само збор за Реал Мадрид, најголемиот европски клуб, а можеби и во фудбалот, воопшто. Паралелно, Перез спроведуваше слична стратегија – и работеше со истата тесна група финансиски советници – за да се обиде да ја трансформира својата шпанска градежна групација АЦС (ACS) и да ја претвори во најголемиот оператор на автопатишта во светот. На почетокот од месец април, тој претстави план што треба да му обезбеди на АЦС постојан прилив на приходи за годините што доаѓаат – преку понуда од 10 милијарди евра за купување на најголемата италијанска автопатска мрежа од Атлантија.

Неговата визија за развојот на Суперлигата и на АЦС е кулминација на повеќе од една деценија планирање и позиционирање, откако успеа да ја преживее катастрофата на пазарот со градежното земјиште и други имоти во Шпанија, во 2007-2008 година, која потопи многу негови ривали. За остварување на двете зделки, 74-годишникот се обрати до „Ки Капитал“, малку позната брокерска и консултантска бутик-фирма, со седиште во Мадрид, за да помогне во извршувањето на проектите. Еден од партнерите на фирмата, Анас Лаграри, беше назначен за иден генерален секретар на новоформираната компанија наменета за водење на Суперлигата, под претседателство на Перез.

„Се менува темпото во начинот на кој Флорентино ги организира своите инвестиции“, вели Џонатан Амујал, партнер во хеџ-фондот ТЦИ (TCI) со седиште во Лондон. „Тој веројатно сака поголема стабилност, поголема предвидливост и поголема видливост на неговите деловни активности… Животот во спроведувањето градежни проекти е многу тежок.“

 Голем моќник во Шпанија

Но, како што открива Перез, жестоките реакции во врска со неговиот обид да го „пререди“ фудбалот се докажува како уште потежок.

„Малку сум тажен и разочаран затоа што на ова работевме три години“, изјави Перез за шпанското радио „Кадена Сер“, додека го критикуваше „агресивниот“ и „оркестриран“ одговор на фудбалските организации како УЕФА и сугерираше дека одлуката на англиските клубови да се повлечат од Суперлигата ги „зарази“ и другите инволвирани.

Бидејќи дезертерството на скоро сите 12 членки основачи нанесе, навидум, смртоносен удар врз Суперлигата, сега прашањето не е само како ќе реагираат Перез и Реал Мадрид, туку и дали неговите амбиции за реформа на АЦС ќе поминат подобро.

„Сигурен сум дека Перез ќе се врати со нешто“, оценува личност блиска до шефот на Реал Мадрид за следното поглавје во сагата за Суперлигата. „Не се работи четири години на вакво нешто, за потоа наеднаш да се престане.“

Со децении, Перез беше еден од најголемите моќници во Шпанија, благодарение на неговата двојна улога во бизнисот и спортот. Долго пред неговото пристигнување, ложите на стадионот на Реал Мадрид беа местото каде што влијателните бизнисмени и политичарите во земјата ги склучуваа зделките. Клубот е толку близу до срцето на владејачката елита во Шпанија, што поранешниот крал Хуан Карлос ги започнуваше состаноците со министрите разговарајќи за последните фудбалски резултати на Реал Мадрид.

 Четирите „кули“ на Перез

Сепак, под раководство на Перез, првпат избран за претседател на клубот во 2000 година, три години по формирањето на АЦС, Реал Мадрид израсна во комерцијален потенцијал како никогаш порано. Најпрво тоа се случи со купувањето на ѕвездите на Галактико, како што се Дејвид Бекам и Луис Фиго, во голема мера финансирани од договорот за недвижнини од половина милијарда евра во кој стариот полигон на клубот беше трансформиран во најпрестижниот канцелариски простор во Мадрид.

„Еве ги!“, го цитираше своевремено Перез шпанскиот весник АБЦ (ABC) во врска со четирите подигнати кули на парцелата за чија изградба помогна АЦС. „Кулата Фиго, кулата Зидан, кулата Роналдо и кулата Бекам.“

Иако преземањата од Галактико на почетокот не успеа да произведе кохезивен тим, за време на претседателствувањето на Перез со клубот, Реал петпати ја освои Лигата на шампионите.

„Тој никогаш не се повлекол. Секогаш ја поврзувал својата деловна логика со сликата на Реал Мадрид“, вели Лоренцо Берналдо де Квирос, претседател на Фримаркет (Freemarket), консултантска компанија со седиште во Мадрид.

АЦС ја негира идејата дека Перез ги поврзал своите лични богатства со Реал. „ АЦС е присутна низ целиот свет“, вели една блиска личност до компанијата, посочувајќи дека групацијата има 180.000 вработени. „Бидејќи, ако Реал ги следеше деловните потфати на АЦС, сега ќе имаше австралиски играч, канадски играч… Тоа е глупост.“ 

Откако Перез се најде во центарот на бунтот против Суперлигата, тој за шпанската телевизија минатата недела изјави: „Јас не сум сопственик на Реал Мадрид. Неговите членови се сопственици. Она што јас го правам е заради фудбалот.“

Справување со долг

Втората карактеристика што ја споделуваат Реал Мадрид и АЦС е – деловниот долг. Реал, за чии приходи Перез изјави дека создале 400 милиони евра дефицит во буџетот за последните две сезони, има неисплатен заем од 575 милиони евра за повторен развој на својот стадион во Бернабе и пријавени 200 милиони евра кризни заеми во врска со пандемијата, поддржани од шпанската влада.

Како и конкурентските градежни компании, АЦС, со пазарна капитализација од 8,4 милијарди евра, направи значитечни позајмици и аквизиции во пресрет на финансиската криза. Во моментов има долг од 8,4 милијарди евра во долгорочни финансиски обврски и 2,9 милијарди евра во краткорочен долг. АЦС ги оценува своите најнови зделки – вклучително и договорот вреден 5 милијарди евра овој месец за продажба на деловни индустриски услуги на „Винчи“ од Франција – како дел од деценискиот напор да ја засили својата финансиска позиција и да се фокусира повеќе на индустријата за патишта и обновливи извори на енергија.

„АЦС има многу добар основен бизнис, но тој е цикличен, а групацијата премногу се задолжи пред финансиската криза“, оценува еден поранешен банкар кој работеше со АЦС. „Флорентино го нема билансот што одговара на неговите амбиции и можеби нема такво корпоративно управување за да ги ограничи задолжувањата.“

Како што АЦС се надева дека постојаниот прилив на кеш од наплатата на патарини – крајната цел на зделката со автопатиштата во Атлантија – ќе обезбеди основа за нејзиниот иден бизнис, така и Перез проектираше слични амбиции за Реал Мадрид.

„Телевизијата е таа што плаќа: ние, големите клубови, имаме навивачи во Сингапур и Кина, насекаде. Го гледате тоа на социјалните мрежи. Тоа генерира пари“, изјави Перез минатата недела. „Влегов во светот на фудбалот во 2000 година. Тој мора да се развива, како што се развиваат животот и бизнисот… Мора да се промени, да се прилагоди. Она што сакаме да го направиме е да го спасиме фудбалот, така што барем во следните 20 години да може да живее мирно, без загуби од 200 милиони евра.“

 Улогата на консултантите

Според многу сведоштва, Перез со години ја подготвувал основата за Суперлигата, преку работа со PMП „Морган“, финансиските поддржувачи на лигата, и други водечки клубови. Тој тврди дека економската штета нанесена врз фудбалот од страна на пандемијата е катализатор за проектот, во кој консултантите од фирмата „Ки“ имале централно значење.

„’Ки Капитал’ не е некој за кого некогаш сум чул до пред неколку години и, одеднаш, ги има насекаде“, вели еден постар банкар од Мадрид. „Флорентино е човек кој ги оснажува оние во кои има доверба.“

Таква беше „Ки“, основана во 2010 година, што помогна во дизајнирањето на претходната трансакција на АЦС со Атлантија, во која двете групи заеднички ја купија шпанската група за патарина Абертис во 2018 година – без да се повикаат на осиромашениот биланс на состојба на АЦС. Наместо тоа, АЦС ѝ предаде на Атлантија удел во нејзината германска подружница „Хохтиф“. 

„Ки“, заедно со „Сосиете женерал“, сега му помага на Перез и во обидот да го преземе бизнисот со патарини на Атлантија, којшто италијанскиот естаблишмент преферира да го предаде на еден конзорциум предводен од државниот фонд за инвестиции во земјата.

 Доверливите советници

Но, иако зделката во Атлантија би била трансформативна за АЦС, улогата на „Ки“ во Суперлигата е тоа што ја стави фирмата во центарот на вниманието. Двајца од најблиските советници на Перез се акционери и на позиции постари партнери во „Ки“. Едниот е Лаграри, 37-годишен француски државјанин од Мароко, кој работел како банкар за капитални деривати во „СокГен“ сè додека не заминал во „Ки“ во 2013 година. Перез го познава Лаграри уште од неговото раѓање, а работел со неговиот татко на градежни проекти во Мароко.

Еден добро упатен извор вели дека Анас Лаграри станал како дел од семејството на Перез, секоја недела минувајќи часови со него: „Анас ја има целата доверба од Флорентино. Ако на Анас не му се допаѓа или не верува во нешто, Флорентино нема да го потпише договорот.“ Перез, кој послабо го владее англискиот јазик, се обраќа до Лаграри за сè, од читање договори, до совети за структурирање на трансакциите.

Другиот доверлив советник во Перез е Борха Прадо, 65-годишен благородник, кој е трет по големина акционер во „Ки“, со скоро 15 проценти сопственост, по Лаграри, со 17 проценти, и основачот на групата Алекс Матитија, со повеќе од 43 проценти. Прадо, кој со децении го советуваше Перез за време на неговата работа во „Ротшилд, Лазард и Медиобанка“, служеше и како претседател на „Ендеса“, шпанската групација за електрична енергија купена од италијански „Енел“ во 2009 година, во кој АЦС играше клучна улога.

„Ако се вратите назад во времето ќе откриете дека Борха дал глас за Перез да стане претседател на Реал Мадрид“, потсетува еден шпански бизнисмен кој добро ги познава обајцата. „Тие се многу блиски.“

Двајцата претрпеа подеми и падови во минатото – како во 2006 година, кога Перез се повлече од функцијата претседател на Реал Мадрид по слабите клупски резултати и финансиската криза, по што АЦС мораше да продаде имот за да ја одржи својата пазарна позиција.

Перез се опорави по ваквите неуспеси, трансформирајќи го АЦС и, при неговото враќање во 2009 година во Реал, правејќи го клубот помоќен од кога било.

Но, сега, со неуспехот на Суперлигата и неизвесноста на обидот на АЦС за зделката во Атлантија, допрва треба да се види како газдата на Мадрид ќе се соочи со двата најтешки теста досега.

 

Написот е објавен во викенд-изданието на Слободен печат. (24-25 април 2021) во прилогот СП. неделник. Текстот е преземен од Financial Times (ЛОНДОН) со претходна дозвола од издавачот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот