Флипбук филм фестивал: Изненадувачки голем интерес за анимирани филмови

Првото издание на „Флипбук филм фестивал“ покажа дека има голем интерес кај публиката за анимираните филмови, но докажа и дека има сериозна продукција на македонски анимирани филмови за која ниту сме знаеле, ниту сме имале каде да дознаеме.

Идејата за организација на филмски фестивал посветен на современиот европски анимиран филм на почетокот, веројатно, им била интересна само на авторите кои се занимаваат со овој, кај нас малку подзаборавен, дури и маргинализиран, филмски жанр. Одзивот на публиката на првото издание на „Флипбук филм фестивал“ го докажа спротивното.

Фестивалот се одржа во хибридна форма, со можност филмовите да се гледаат он-лајн од 7 до 13 август на платформата „Синесквер“, но и со проекции на филмско платно поставено во паркот позади МКЦ. Беа планирани три вечери, но поради временските услови се одржаа две, на 11 и 13 август. Публиката дисциплинирано се придржуваше до мерките за заштита од коронавирусот.

Жарко Иванов ја најави фестивалската програма

Покрај богатата програма со селектирани 87, од повеќе од илјада пристигнати, наслови, радува фактот што премиерно беа прикажани дури осум остварувања на македонски автори во различни категории. Тоа докажува дека кај нас има сцена која сериозно се занимава со продукција на анимирани филмови, но нема каде да ги прикажува, освен како дополнителна програма на фестивали кои имаат сосема друг филмски фокус.

Покрај главната компетиција и студентските филмови, новитет што фестивалот го донесе во Скопје се анимираните документарци, хибриден жанр кој веројатно ќе почне да инспирира сѐ повеќе филмски автори. На платното можеа да се видат 34 филмови од трите категории.

Првото издание на „Флипбук филм фестивал“ ги оправда очекувањата, и на организаторите и на публиката. Следното издание сигурно ќе донесе побогата програма и ќе привлече нова и млада публика, а со тоа и поголем интерес за правење анимирани филмови. Останува само да се донесе одлука дали и понатаму фестивалот да се организира на отворен простор, независно од пандемијата што владее овие месеци, или по нејзиното стивнување да се смести во некое од скопските кина. Фестивалскиот формат веќе е создаден, само треба да се обезбеди негов континуитет.

Фестивалот веќе ги има и своите први лауреати. За наградите одлучуваше комисија во состав Катрин Новаковиќ, хрватска авторка на анимирани филмови, Кристина Стојановски, македонска режисерка на анимирани филмови која живее и работи во Германија, и Гоце Господиновски, професор по анимиран филм во Скопје.

Анимираниот филм „Шит хепенс“ ја доби наградата во главната компетиција

Наградата во главната компетиција ја доби „Шит хепенс“ на Михаела Михалиу и Давид Штумпф, а специјално признание доби македонскиот филм „Карантин“ на „3 Блок студио“. Главната награда во студентската програма ја доби „Кукпера“ на Ката Гугиќ, за „храбрата цртачка техника со динамична, но елегантна анимација“, додека специјално признание доби чешкиот автор Мартин Сматана.

Во категоријата за анимиран документарен филм главната награда му припадна на „Лицето на Карлота“ на германскиот тандем Рајдл и Шулд, а специјално признание доби хрватскиот анидок „Мачката секогаш е женско“ на Мартина Мештровиќ и Тања Вујасиновиќ. Награда од публиката, која гласаше он-лајн, ја доби филмот „Ќерка“ на Дарија Кашчеева, која студиите за анимиран филм ги завршила на ФАМУ во Прага.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 44, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 15-16 август 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот