ФК Работнички: Судењето во Првата лига е сè покатастрофално!

Фото: fkrabotnicki.com

Работнички третпат во низа ремизираше во шампионатот, а двапати по ред без да постигне погодок. „Романтичарите“ во саботниот меч од осмото коло во Првата лига против Академија Пандев на стадионот „Борис Трајковски“ ремизираше без голови (0:0).

А во финишот Работнички остана без капитенот Горан Силјановски кој беше исклучен поради два жолати картони. Моментно на табелата играчите на тренерот Ратко Достаниќ се на шестата позиција со 11 бодови, седум помалку зад водечката Шкендија.

Иако до овој момент, ФК Работнички никогаш јавно не го коментирал судењето во најдобриот фудбалски шампионат на нашата земја, овојпат со реакција на својот официјален клупски сајт одлучи да реагира и да им укаже на судиите дека на фудбалските натпревари постојат за да ја делат достојно правдата според правилата.

– Поттикнати од случувањата, особено во последните одиграни кола, фудбалскиот клуб Работнички со лошото и тенденциозно судење на натпреварите од новата сезона во Првата фудбалска лига, се најде во подредена улога да зависи резултатски од (не)намерните грешки на делителите на правдата. Со оглед на генералната изедначеност на квалитетот на екипите, за што укажува и моменталната табела, судиските одлуки (грешки) се оние кои директно влијаат на крајниот резултат на натпреварот. Не сакаме да навлегуваме во детали и во поединечни судиски одлуки, туку сакаме генерално да го изразиме нашето незадоволство од она што се случува.

ФОТО: ФК Работнички

Иако до овој момент, ФК Работнички никогаш јавно не го коментирал судењето во ПМФЛ, сепак сметаме дека е редно време Судиската организација да реагира и да им укаже на судиите дека на фудбалските натпревари постојат за да ја делат достојно правдата според правилата на фудбалската игра. Секакви компромиси, правење на голем број грешки, наведуваат да размислуваме дека се работи за задкулисни игри и сценарија од кои ФК Работнички треба да биде оштетен.

Сакаме да испратиме остра реакција до Судиската организација да поведе внимание, при делигирањето на судиите, како и за поведението на судиите на натпреварите. Ниту еден судија не смее да се дрзне со пцовки и вулгарности да се обраќа кон фудбалерите на ФК Работнички.

ФК Работнички е клуб кој сериозно инвестира во натпреварувачкиот погон и размислува за излез на европската сцена, не сакаме да зависиме од расположението на одредени судии или можеби е уште пострашно доколку на таков начин се „крои“ изгледот на прволигашката табела. Ние сме клуб кој секогаш се залага за правичност и фер-плеј, но сакаме да сугерираме дека судењето на фудбалските натпревари од Првата фудбалска лига на Македонија, од коло во коло е се покатастрофално и многу често, намерно или ненамерно оди на штета на нашиот клуб – Спортски поздрав, ФК Работнички АД – Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот