Филмска премиера: Обичната Ели е секој од нас

Минатиот викенд (13 февруари) во Кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар премиерно беше прикажан „Обичната Ели“, дебитантски краткометражен игран филм по сценарио и режија на Лавинија Софрониевска. Главната улога ја толкува Изабела Новотни, а продуцент е Ивана Шекуткоска.

Приказната за осаменоста на денешниот човек, кој се губи во рамките на секојдневието, е инспирирана од реалноста и прецизно е доловена во дебитантскиот краткометражен филм на овој исклучително креативен тим.

Приказната е обична, како и осамената Ели, на која секој ден и е ист. Ја мрази својата работа како чувар во музеј, а единствен пријател ѝ е златната рипка.

Прашана за улогата што ја однесе во светот на желбите и на внатрешното прочистување, актерката од Театарот за деца и младинци, Новотни нагласи дека предизвик и е повторно да биде на филм.

Изабела Новотни – Секој од нас има мечти што сака да ги исполни, а живее во некоја рамка што не дозволува да излеземе

– Мило ми е што се сними филм за сите нас, тоа е тема која допира. Предизвикот е голем, бидејќи обичната Ели е секој од нас. Сите се пронаоѓаме, се препознаваме на некој начин во неа, зашто секој од нас има мечти што сака да ги исполни, а живее во некоја рамка што не дозволува да излеземе, и колку и да пробуваме, или немаме храброст, или не можеме. Се работи за или-или, или не сакаме или не можеме – вели Новотни за „Културен печат“.

Другите улоги ги толкуваат Кирил Пенушлиски и Тамара Ристоска. Продукцијата е на „Минимал Колектив Скопје“. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, сценограф Симо Бранов, костимограф Жаклина Крстевска, а шминката е на Жанета Димитриевска. Дел од сценографијата се дела на уметникот Синиша Кашавелски, како и инсталации на уметницата Весна Стефановска.

Филмски сет на снимањето на „Обичната Ели“

Харизматичната режисерка Софрониевска, која одлично го долови ликот во кој многумина се препознаа, ни раскажа како е родена приказната, подоцна преточена во сценарио.

– Целата приказна за Ели е инспирирана од лик кој постои во реалноста. Пред неколку години, во еден локален берлински музеј, вниманието ми го задржа жената која работеше како обезбедување. Делуваше како и самата таа да е дел од поставките во музејот. Бидејќи секогаш носам со себе и тетратка, веднаш ги запишав во неа основните физички карактеристики на оваа жена; како ја носи косата во плетенки, начинот на кој ги држи рацете зад грбот, начинот на кој седи и бесшумно се движи. Веднаш напишав и кратка приказна за неа. Си замислив што би било доколку таа сака, ете просто да си отиде од музејот и да го напушти засекогаш. Жив експонат кој се решава да излезе од музејот.

Филмски сет на снимањето на „Обичната Ели“

Неколку дена подоцна го развив синопсисот за краткиот филм во кој некако природно ја вметнав и рибата како нејзина пријателка и како мотив за сликите од изложбата. Рибата беше единствениот пријател за Ели кој би бил доволно тивок за да не го наруши мирниот свет кој го измислив за неа – ни изјави Софрониевска.

Режисерката Лавинија Софрониевска и актерката Изабела Новотни на премиерата на филмот во МКЦ

Инаку, снимањето било дополнителен предизвик, бидејќи како што објасни продуцентката Шекуткоска, се одвивало во екот на пандемијата.

– По извесна пауза бевме едни од првите кои започнаа со снимање. И покрај тоа што филмот се снимаше четири дена, беше навистина неизвесно дали ќе може да го реализираме снимањето до крај. Среќата нѐ послужи и со добрите подготовки и одличниот тим кој работеше на филмот, благодарни сме што успеавме успешно да го реализиравме – нагласи Шекуткоска за „Културен печат“.

Филмот се снимаше во време на ковид-протоколи, објасни продуцентката Ивана Шекуткоска

„Осаменоста на денешниот човек, живеењето во рамки и аквариуми и внатрешниот крик за слобода се главниот мотив на овој краток филм, но дали се и доволен мотив за Ели да замине заедно со рипката кон водата за која и двете мечтаат“, е дел од описот на филмот што публиката го доживеа како големо освежување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот