Фото: 360 степени

Филипче по коментарите за новото раководство: Во СДСМ нема кадровска криза

„Членството, симпатизерите и граѓаните очекуваа да се донесат нови луѓе на раководните места во партијата, а тоа подразбираше разговори со стотици наши членови, поддржувачи и луѓе кои никогаш не влегле во политичката партија. Така вели претседателот на Социјалдемократскитот сојуз“, Венко Филипче, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, откако партијата избра ново раководство, цели пет месеци по неговиот избор за претседател.

Во тие консултации биле разгледани и кадри кои во минатото биле тргнати настрана, а вредат, па според Филипче периодот од пет месеци не е предолг. На прашањето дали има кадровска криза во СДСМ, Филипче вели – напротив, станува збор за ширење на платформата со вклучување на луѓе коишто вредат.

Тој додава дека за него не било проблем да се екипира раководството на партијата.

„Не би рекол проблем, туку предизвик да се направи еден тим којшто ќе биде различен, којшто ќе биде спој на искуство и младост и тим којшто допрва ќе ја освои политичката сцена кај нас. Генералниот секретар беше одличен менаџер на симулацискиот центар, којшто е центар етаблиран и од Медицинскиот факултет во Скопје и од Министерството за здравство и од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Штип и се покажа како одличен менаџер. И заменичката Фани Каранфилова-Пановска, која со години наназад работи во една општествена сфера, подобрувајќи ги условите во делот на социјалата, во делот на образованието, во делот на здравството, пред сè за некои маргинализирани категории. Таа е неуморен работник, навистина голем професионалец со многу добра професионална работна навика, што мислам дека одлично ќе биде имплементирана и во партијата“, рече Филипче.

Во однос на реакциите на ВМРО-ДПМНЕ дека со изборот на кадри Филипче е продолжена рака на експремиерот Зоран Заев, првиот човек на СДСМ вели дека таквите коментари се несоодветни.

„Не верувам дека има некаква добронамерност во тој пристап, напротив. Но пак ќе кажам, станува збор за луѓе со многу силен голем личен интегритет, искуство во различни сфери, пристап до различни фокус-групи коишто ни се многу важни. Да ја прошириме платформата на којашто дејствуваме со цел да пристапат луѓе, групи луѓе, институции коишто веруваат дека либералната демократија е единствената можна иднина за нашата земја и на тој начин да го прошируваме фронтот, би рекол опозициски, а тоа сè поинтензивно се случува во изминатиот период“, додава Филипче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот