Филипче и Наумоски: Со изградба на Клинички центар Ѓорче Петров ќе добие можност за дополнителен развој

Потпретседателот на СДСМ Венко Филипче на денешната промоција на кандидатот за градоначалник за општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски и на советничката листа на СДСМ и Коалицијата истакна дека Владата изминатите години ги раздолжи општините и инвестираше 500 милиони евра во проекти кои го олеснуваат секојдневниот живот на граѓаните.

Според него, општината Ѓорче Петров ќе добие можност за дополнителен развој и значаен придонес за подобар и поквалитетен живот со изградбата на новиот Клинички центар.

-Ќе се гордееме со новиот најсовремен Клинички центар во регионот на Западен Балкан, благодарение на визионерството на градоначалникот на Ѓорче Петров Александар Наумоски, истакна Филипче, додавајќи дека овој проект ќе биде реализиран колку и да се обидува ВМРО ДПМНЕ да го кочи.

Тој порача дека нема иднина со луѓето што прават блокади, нема иднина со ВМРО-ДПМНЕ, нема иднина со луѓето што лекарите ги нарекуваат убијци, нема иднина со антиваксери и ксенофоби.

-Знам дека вие граѓаните на 17 октомври ќе го заокружите бројот 12 за вашата иднина, за иднината на вашите, нашите следни поколенија тука во државата, не во странство, за развиени просперитетни општини, населби и градови, за европска Северна Македонија, за Наумоски, за развиена општина Ѓорче Петров, повика Филипче.

 

Кандидатот за градоначалник, Наумоски потсети дека изминатите четири години се реализираа сите ветени капитални проекти, но и уште 200 други од Програмата чија реализација е 80 отсто.

Во новата Програма за следните четири години, додаде, има над 200 нови проекти за секое населено место, за секое маало, проекти што ќе влијаат на унапредување на квалитетот на живот во општината.

-Покрај Клиничкиот центар, првпат градиме ново основно училиште во општината, во населбата Александрија со најсовремена спортска сала која ќе исполнува услови за меѓународни натпревари. За овој проект ќе издвоиме околу 3,5 милиони евра, во него ќе учат 500 деца од Ѓорче Петров. Ново Село добива нова детска градинка, инвестиција вредна 800.000 евра, со капацитет за 150 деца проектот е прифатен од Министерството за труд и социјална политика. На местото на урнатата градинка во Дексион имаме проект да се изгради нова детска градинка со капацитет за 150 деца, здравствен објект и мини трговски центар со катна гаража. Лепенец мора да добие кеј со спортско-рекреативна зона, со тоа го решаваме хаосот со депонии долж реката и добиваме кеј поубав од оној во Скопје. Градиме нови спортски сали во Хром и Никиштани. Го решаваме слабиот притисок на вода во ниските зони од Јурија до Хром, со изградба на нов резервоар во Оризарски Рид. Имаме проект за Кучково како наш бисер за чист воздух и рекреација со видиковци и мапирани вело и пешачки патеки и развој на манастирски туризам. Нов проект за водовод во Кучково, соопшти Наумоски.

Според него, поддршката од граѓаните е очигледна, а на 17 октомври во Ѓорче Петров ќе победи најдоброто, а тоа е, рече, СДСМ.

извор МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот