Филипче: До крајот на летото очекуваме 50% од населението да биде вакцинирано

Венко Филипче/ Фото: Слободен печат. / Драган Митрески

Министерот за здравство, Венко Филипче, оствари средба со амбасадорот на Народна Република Кина Н.Е. Џанг Ѕуо, при што истакна дека амбасадорот лично со неговите заложби ја направи Н.Р. Кина една од нашите најголеми поддржувачи во делот на менаџирање на ковид кризата.

– Уште во текот на минатата година Кина донираше заштитна опрема вредна 30.000 евра, потоа 100.000 долари за набавка на лекот „Фавипиравир“ и сега оваа последна значајна помош од медицинска опрема, која што се користеше за да се пренаменат различни одделенија тука во клиничкиот центар во ковид центри. Се работи за опрема без која не ќе можеше да се третираат пациентите, изјави Филипче

Филипче најави дека на крајот од месецот се очекува значителна бројка на вакцини од производителите Синовак и Синофарм.

– Во периодот што следи се очекува и потребната голема количина на Синовак и со тоа вкупната бројка на наши граѓани кои што ќе бидат вакцинирани со вакцините на Синовак и Синофарм ќе биде 400.000 граѓани, што значи се работи се сериозен процент од популацијата, додаде Филипче.

Тој одговарајќи на новинарско прашање за тоа кога ќе може да се очекува некаков колективен имунитет, истакна дека до крајот на летото ќе има висок процент на вакцинирани и апелираше до граѓаните да се пријавуваат на сајтот за вакцинација.

– Нашиот план на кој работиме е да се даваат од 15.000-20.000 вакцини на ден. Овој период ги очекуваме големите количини на вакцини, вкупно 600.000 на Фајзер. Веќе е направен планот како ќе се распределат вакцините, согласно бројот на пријавени граѓани по градови, односно по пунктови. На големите пунктови, кај што ги има фрижидерите кои работат на -80 степени, ќе бидат фајзеровите вакцини, понатаму ќе бидат вакцините на Синофарм кои се чуваат на температура од 2-8 степени. Мислам дека за брзо време ќе се вакцинираат сите 180.000 граѓани кои се пријавени. Апелирам до граѓаните да се пријавуваат на сајтот за вакцинација, бидејќи тоа е најпрактичен начин. Мислам дека до крајот на летото голема бројка на граѓани ќе бидат вакцинирани, до овој момент се вакцинирани нешто помалку од 300.000 граѓани, со следната количина на вакцини ќе се вакцинираат уште 300.000, во тој случај ќе биде 50% од вкупната популација која што треба да се вакцинира, тука ги исклучуваме децата. Исто да напоменам дека тука влијаат и мутациите на вирусот кои што се сега актуелни, всушност разговаравме со амбасадорот на оваа тема за тоа што се случува во Кина. Иако таму има голем број на граѓани кои што се вакцинирани, повторно има новозаразени, меѓутоа со лесна клинчка слика, вели Филипче.

Засега не се разговара за дополни количини на вакцини, затоа што има доволно, подвлече Филипче.

Министерот додаде дека се работи на развивање на интензивна кампања за повикување на граѓаните да се пријават за вакцинација.

– Сериозно работиме на интензивна кампања за повикување на граѓаните да се пријават за вакцинација, тоа е едниот план, а другиот план е кампања за теренска вакцинација, таму каде што гледаме дека не е доволен бројот на граѓани да се пријават за вакцина, истакна Филипче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот