Фестивал на нова музика: Јубилејно 10-то издание на „Здраво млади“

Појавувајќи се скромно и срамежливо на почетокот од декадата, која е веќе зад нас, „Здраво млади“ израсна во фестивал етаблиран и респектиран на Балканот и во европски рамки. Форматот и идејата на фестивалот низ годините не претрпеа драстични промени.

Музичкиот фестивал „Здраво млади“ беше основан и сѐ уште опстојува на потребата да се претстават нови, свежи и независни изведувачи, актуелни на светската музичка сцена. Локациите и дополнителните содржини на фестивалот постојано „шараат“ низ МКЦ-овиот ентериер и екстериер, барајќи подобро визуелно решение и комфор за публиката.

Фестивалот се одржуваше во Денсинг салата, на Платото пред МКЦ, на улицата крај реката, бифето, фоајето, холот, Фросина, паркингот, за на крај да се вдомат во Паркот МКЦ, кој нуди извонредно фестивалско искуство кое ретко се добива во било кое централно подрачје, на било кој главен град.

Изминатите години „Здраво млади“ беше добар домаќин на уште подобри гости, како „Но ејџ“, „Хендсом фјурс“, Матијас Агуајо, Реболедо, „Репетитор“, Чајнавомен, „Бернајс пропаганда“, „Легијата“, „Чк-чк-чк“, „Дисциплин-а-кичме“, „Мец“, Ли Роналдо и Ел Рајо, „Фулакзоид“, „Слоудајв“, „Цигаретс афтер секс“, „Ниплпипл“ и многу други.

– Годинава, иако ѓаволски тешка поради ситуацијата со коронавирусот, што резултираше со неколку одложувања на артисти за следната година, очекуваме квалитативен континуитет и не прифаќаме програмски и организациски компромиси – велат од МКЦ.

ПМГ Колектив

Така, на 27 август, во МКЦ Парк ќе настапат данските легенди на инди-рок сцената „Ефтеркланг“, свежата психоделија од Истанбул – „Лалабар“, домашните „Фанк шуи“ и „ПМГ Колектив“ и Ирецот – диџеј Фиц. Дел од програмата е и самостојната изложба на Сали Ертунч, насловена „25-тата слика – Неслушнатото, невиденото и незбореното“.

Фестивалот ќе биде реализиран со строго почитување на мерките од Протоколот за организација на настани, со ограничен капацитет на публика и безбедносни мерки кои на секој посетител ќе му овозможат сигурност, комфор и ментална релаксација при следењето на фестивалските активности.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 45, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 22-23 август 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот