Фасцинантен изум: Како Брисел ја користи отпадната вода за греење?

Жителите на едно предградие на Рио де Жанеиро денеска пронајдоа трупови на најмалку седум лица во одводен канал/ Фото: ЕПА

Во Белгија греењето е одговорно за околу 14% од вкупните емисии на гас. Многу градови се обидуваат да најдат решение за намалување на овој број, а еден од нив е токму Брисел.

Во Брисел е дизајниран систем кој може да загрее голем дел од градот користејќи вода од канализација. На тој начин, емисиите на гас што се јавуваат во процесот на греење се сведуваат на минимум.

Системот за отпадна вода во Брисел се состои од тунели долги скоро 1900 километри, а топлината која се складира во нив е многу вреден извор на енергија што останува неискористен. За да се спречи загубата на толку многу енергија, дошле до идеја дека изворите на топлина, како што се отпадните води од бањите и машините за перње, можат повторно да се искористат за затоплување на домаќинствата.

Механизмот со кој се загрева водата се состои од два дела, од кои едниот се наоѓа под земјата и е поврзан со другиот дел, односно пумпата, која се наоѓа над земјата.

Подземниот дел на механизмот е тенка пластична цевка исполнета со вода, која е фиксирана на дното на канализацискиот тунел. Кога тунелот ќе се наполни со отпадна вода, таа преминува низ оваа цевка загревајќи ја водата затворена во цевката на околу 11 до 13 степени целзиусови. Загреана на овој начин, водата поминува низ цевката и стигнува до пумпата.

Над земјата, цевката е поврзана со топлинска пумпа. Топлинската пумпа може да се нарече и „превртен фрижидер“. Содржи течност за ладење со ниска точка на вриење. Топлината од канализацијата е доволна за таа течност за ладење да испари и да стане гас. Пумпата го компресира овој гас и му овозможува да кондензира, со што се ослободува топлина што ја загрева водата од 50 до 70 степени целзиусови, што е доволна температура за греење на домаќинствата.

Канализацискиот систем во Брисел се протега низ тунели со должина околу 1900 километри. Мапите покажуваат дека тунелите се разликуваат по големина, некои се помали, некои поголеми, што ја одразува комплексноста на улиците што се протегаат над нив.

Сепак, не сите тунели во канализацискиот систем во Брисел се доволно продуктивни за да се користат за греење. Студија на Универзитетот „Libre de Bruxelles“ проценува дека околу 35% од градот може да се загреат од топлината добиена од канализацијата.

Иако ова може да изгледа како мал процент, имајќи го предвид фактот дека греењето во овој град е еден од поголемите емитери, јасно е дека ако 35% од домаќинствата започнат да користат вода од канализација за греење, вкупните емисии значително би се намалиле.

Слични иницијативи има и во Париз каде цела деценија се зборуваше дека веќе искористената вода може да се користи повторно, и тоа за греење во училиштата. Се проценува дека на овој начин може да се произведе околу 70% од топлината потребна за греење на училиштата во Париз.

Некои градови веќе започнаа да спроведуваат слични механизми за греење. На пример, некои делови од Ванкувер, користат отпадна вода за греење со што загадувањето предизвикано од греењето се намалило за 60%.

На листата се вклучуваат и Глазгов и Ротердам, кои ја прошируваат можноста за намалување на емисиите од процесот на греење на овој начин.

Во денешно време, кога борбата против климатските промени е во полн ек, светот бара различни начини да се намали загадувањето на минимум. Ваквиот пат е сложен, а едно од решенијата што често се занемарува е употребата на вишок енергија генерирана во други процеси.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот