Европските деца на Исламска држава немаат алтернатива за подобра иднина

Фото: Профимедиа

Додека западните земји продолжуваат да бараат решенија за тоа што да прават со децата и жените на нивните граѓани кои се осомничени дека учествувале во терористичката организација Исламска држава (ИД), илјадници од нив сега живеат во мизерни услови во бегалските кампови, објави „Јуроњуз“.

Полни тоалети, отпадни води кои директно течат во шаторите, актуна неухранетост и стомачни вируси се само дел од проблемите со кои се соочуваат речиси 75 илјади луѓе задржани во бегалскиот камп Ал Хол во североисточна Сирија, пренесуваат хуманитарните групи.

Околу 11.000 жени и деца од над 50 земји се задржани во т.н. Анекс, но странските влади се претпазливи за тоа дали ги примат назад во своите земји.

Според курдските власти кои раководат со кампот, многумина продолжуваат да живеат по правилата на калифатот на ИД и продолжуваат да претставуваат опасност.

– Пред извесен период, една жена од странство побара од нашите војници да ја однесат во маркет за да купи нешто за нејзините деца. Испративме стражар со неа, и кога го завртел грбот, таа го прободела со нож – вели Мохамед Башир, еден од раководителите на кампот Ал Хол.

Во јули беше објавено видео кое се прошири на социјалните мрежи, на мое може да се забележи црно знаме на ИД како се вее во кампот. „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch) исто така истакнаа дека жените кои продолжуваат да ја следат екстремистичката идеологија на ИД се заканиле дека ќе ги запалат шаторите на жените и децата за кои сметаат дека се „неверници“.

Сепак, некои луѓе се обидуваат да излезат од овој камп. „Ем“, француска државјанка која сакала да остане анонимна во изјавата за „Јуроњуз“, е една од нив.

– Знам дека избрав да дојдам овде. Можев и порано да си заминам, но не го направив тоа. Бев исплашена. Не сакав да одам во затвор и не сакав да го загубам моето дете и мојот сопруг. И не знам што да правам. Дополнително, еднаш кога ќе влезете во ИД, не сте слободни да правите што сакате. Секој се сомнева во секој. Некој ако сака да се приклучи, а потоа да си оди, не е возможно, тоа така не функционира – рекла таа.

Досега, западните земји вратиле само неколку нивни државјани од камповите во Сирија и Ирак.

Според „Human Rights Watch“, Норвешка вратила пет сирачиња во јуни, Франција 18 деца во март и јуни, Холандија две деца, Белгија шест, Германија помалку од десет, Австралија осум, а Италија еден поранешен борец на ИД. САД вратиле 16 возрасни и деца од јули 2018 година.

Проблемот се состои во фактот што меѓународното право диктира дека само луѓето одговорни за криминал може да бидат казнети по фер судење за да се одреди индивидуална вина. Но, за западните земји е тешко да докажат дека учесниците во ИД навистина се бореле за калифатот и оделе на фронтот. Иако на жените не им било дозволено да бидат на фронтот, тие помагале во позадината, што ја прави ситуацијата уште покомплицирана.

Стравувањата на владите на западот се дека тие не би можеле да ги контролираат овие луѓе откако ќе ги вратат во своите земји и дека тие би можеле да се приклучат или да создадат тајни келии на терористичката група, кои потенцијално би организирале смртоносни терористички напади.

Експертите на Обединетите нации (ОН) минатиот месец предупредија дека иако географскиот калифат на Исламската држава успешно е уништен, лидерскиот врв се адаптира на состојбата и еволуира со погледите за повторно појавување. Тие во својата груба проценка велат дека постои можност до крајот на годината да се случат напади организирани од ИД.

Сепак, неуспехот за подобрување на условите за живот на децата би можело да биде подеднакво опасно.

– Млади деца со осипи на кожата, ослабени екстремитети и отечени стомаци се движат низ купиштата на ѓубре на жешкото сириско сонце или лежат изнемоштени под чадорите, додека нивните тела се прекриени со прашина и опркужени од разни инсекти. Децата умираат од акутна дијареја и инфекции – стои во соопштението на „Хјуман рајтс воч“ кои го посетија кампот во јуни.

За Робин Рајт од американскиот Институт за мир, „овие деца кои се израснати со верувањата и практикувањата на ИД немаат алтернатива и иднина, идеите вградени од милитантната организација живеат во нивните глави.

– Идните генерации би можеле да имаат и да го продолжат најсилното наследство на ИД – предупредува таа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот