Европскиот парламент бара итно воведување на санкции за Додик

Милорад Додик
Милорад Додик / EPA-EFE/SZILARD KOSZTICSAK

Претседателот на Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер, постојаниот известувач за БиХ, Пауло Рангел и претседателот на постојаната делегација за односи со Косово и БиХ, Ромео Франц денеска остро ја осудија заканата за уставниот поредок на БиХ и побараа итно воведување на санкции за одговорните.

Во заедничката изјава тие реагираа на кризата во БиХ предизвикана од обидите на властите на Република Српска, предводени од Милорад Додик, да го поткопаат Уставниот суд на БиХ и авторитетот на високиот претставник Кристијан Шмит, опишувајќи го како провокација што ЕУ мора веднаш да реагира бидејќи нејзиниот углед и кредибилитет се во прашање.

„Најостро го осудуваме донесувањето на законот во Народното собрание на Република Српска за неспроведување на одлуките на Уставниот суд на БиХ и измените на законот на РС за објавување закони и други прописи, што е директен напад на уставниот поредок и јасно кршење на Дејтонскиот договор“, се вели во соопштението потпишано од Мекалистер, Рангел и Франц.

Оттаму додаваат дека затоа ја поддржуваат одлуката на високиот претставник за Босна и Херцеговина од 1 јули, со која тој ги поништи спорните закони и го измени Кривичниот законик на Босна и Херцеговина, со што се отвори пат за кривично гонење на одговорните за загрозување на уставниот поредок на државата.

Потсетувајќи дека Шмит рекол дека „сите опции се сè уште на маса“, тројцата влијателни европски парламентарци посочија дека сега е неопходно телата на ЕУ да реагираат и да го поддржат високиот претставник во согласност со претходните повици на Европскиот парламент, т.е. да се преземат насочени мерки против оние кои го поткопуваат уставниот поредок на Босна и Херцеговина „со зборови и со дела“.

„Крајно време е ЕУ и нејзините земји-членки конечно да воведат насочени санкции против Милорад Додик, кој веќе е под санкции од САД и Велика Британија, како и неговите сојузници, доколку е потребно на билатерално ниво“, се вели во соопштението, што јасно алудира на тоа дека некои земји како Унгарија се против санкционирањето на Додик, па останува тоа да го сторат членките на ЕУ поединечно.

Тројца европски парламентарци заклучија дека реакцијата е неопходна и затоа што БиХ е во статус на кандидат за членство, па не може да се дозволи „дрскиот сецесионист и неговите следбеници, вклучително и ентитетскиот парламент, систематски да ја поткопуваат земјата и нејзината иднина во Европа и ги доведуваат во прашање мирот и стабилноста“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот