Концерт во легендарниот џез-клуб „Порги и Бес“ во Виена

Европски мегдан за Националниот џез-оркестар: Џез-разгледница од Виена, Прага и Будимпешта

Кулминација на првата европска турнеја на Националниот џез-оркестар беше настапот во легендарниот џез-клуб „Порги и Бес“ во Виена, откако претходно оркестарот одржа концерти во Будимпешта и во Прага со програма што е инспирирана од длабоките корени на македонскиот фолклор.

Проектот „Македонски сновиденија“ на Националниот џез-оркестар е енергична фузија од македонски фолклор и современ џез со сосема нови аранжмани. Програмата е подготвена да ја расположи македонската, но и да ја интригира странската публика. Изборот на композициите беше звучен деликатес за публиката на првата европска турнеја на оркестарот, која ги опфати метрополите Будимпешта, Прага и Виена. Програмата ја диригираше маестро Владимир Николов, кој го предводи оркестарот низ музичко патување инспирирано од длабоките културни корени на македонскиот фолклор, прераскажани преку јазикот на џезот и токму тука тој го пронаоѓа својот предизвик.

Турнејата на Националниот џез-оркестар почна на 12 ноември во Будимпешта, продолжи на 14 ноември во Прага во мултимедијалниот центар „Ла Фабрика“ и кулминираше на 17 ноември во Виена, во реномираниот џез-клуб „Порги и Бес“, еден од најпрестижните џез-клубови во Европа.

„На премиерното гостување на Националниот џез-оркестар во Виена беше вистинско уживање да се чујат џез-варијанти на македонски народни песни, како Касапско оро или ‘Не си го продавај Кољо чифликот’. Нашиот фолклор претставен на оригинален начин се излеа преку саксофони, контра бас, пијано, удиралките и трубите во ‘Порги и Бес’, најпопуларниот џез-клуб во Виена. Во Виена од година в година има сѐ повеќе доселеници од Македонија и освен што ја преполнија салата, беше можност и да се дружиме и да уживаме во поврзаноста со нашата земја“, изјави Ида Протуѓер, која веќе неколку години со семејството живее во Виена и беше присутна на концертот.

Убавиот момент на турнејата беше што во сите три градови имаше присуство на Македонци што живеат и работат таму, беа присутни и претставници од македонските амбасади во Будимпешта, Прага и Виена, но се чини дека најубаво чувство развиваше присуството на локална публика, која се соочи со музичкиот бит на македонското наследство. Реакциите на публиката на сите три концерти беа фантастични, со неизбежниот повик на бис, но и со долги и срдечни разговори со музичарите по завршувањето на концертите.

Првиот концерт на турнејата се одржа во „Аула магна хол“ при Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта

Во составот на Националниот џез-оркестар на првата европска турнеја под диригентската палка на Владимир Николов учествуваа Кирил Кузманов (алт саксофон), Борислав Веселинов (алт саксофон), Славко Ѓоргиев (тенор саксофон), Иван Иванов (тенор саксофон), Валентин Видовиќ (тенор саксофон), Трајче Велков (труба), Сенад Усеин (труба), Алексеј Закич (труба), Лазар Шаренац (труба), Сашко Николовски (тромбон), Филип Богоевски (тромбон), Бранко Илиевски (тромбон), Никола Ристевски (тромбон), Гордан Спасовски (пијано), Зоран Костадиновски (гитара), Виктор Филиповски (тапани) и Кирил Туфекчиевски (контрабас).

Директорот на Националниот џез-оркестар Гоце Стевковски со врвна прецизност, мудра тактика и длабоко трпение го реализираше зацртаниот план, а задоволството од оствареното дојде отпосле.

Какви чувства Ве обземаат по успешното завршување на европската турнеја на Националниот џез-оркестар?

– Презадоволен сум и од одѕивот на публиката, бидејќи свиревме во полни сали, и од оркестарот, кој беше на сериозно високо уметничко ниво, што резултираше со фантастични концерти. Иако е навистина тешко да се организираат концерти од овој тип не само надвор од нашата земја, туку и од Балканот, воопшто, мислам дека имавме успешна турнеја.

Гоце Стевковски, директор на Националниот џез-оркестар

Што како нови искуства донесе турнејата, не само во однос на организацијата, туку и за оркестарот?

– Пред да тргнеме на турнејата, не знаевме што нѐ очекува. Ова е, сепак, посериозен исчекор за установата и за оркестарот во однос на организирањето на трите концерти во срцето на Европа. Во Будимпешта имавме помош од Златко Панзов од Универзитетот ЕЛТЕ, во „Ла Фабрика“ во Прага не знаевме дали ќе има доволно публика, додека за „Порги и Бес“ ни беше јасно дека станува збор за еден од најреномираните џез-клубови на светот, со особено значење на европската почва. Откако турнејата заврши мислам дека направивме голема работа. Иако станува збор за мини-турнеја, за нас тоа е голем исчекор. Во однос на оркестарот, на овој начин тој се зближува. Иако ние и во Скопје се дружиме, меѓутоа кога сме на турнеја уште повеќе се склопуваат пријателските врски помеѓу членовите на оркестарот. Целата турнеја ја доживеавме како неколкудневен тим-билдинг, додека во музичка смисла пред секој концерт разговаравме како да ја подобриме изведбата и секој од трите концерти беше подобар и подобар во однос на програмата што ја изведуваме.

Токму програмата на концертите беше клучниот квалитет на турнејата. Во Европа се претставивте со македонски композиции во современи џез-аранжмани. Тоа беше храброст или предизвик?

– Повеќе би кажал дека беше предизвик. Досега сме имале настапи во регионот со познати и реномирани солисти и со програма што била позната за публиката. Сега за првпат се појавуваме само со композиции од нашето поднебје, од домашни автори и композитори, некои и со фолклорно потекло, а со современи џез-аранжмани за биг-бенд. Затоа за оркестарот беше сериозен предизвик да се претстави со една комплетно нова приказна, којашто за нас во Македонија е позната, меѓутоа за странската публика беше сосема непозната. Затоа имам чувство дека отидовме на мегдан во Европа со намера да ја претставиме новата лична карта на Националниот џез-оркестар. Иако во публиката на сите три концерти имаше и Македонци, сепак мислам дека и другата публика го прифати концептот и реагираше многу искрено и со воодушевување. Тоа ни дава поттик дополнително да работиме на овој концепт и да го развиеме и прошириме со нови композиции. Иако овој концепт на вметнување фолклорни мотиви во џез-музиката не е нов, сепак, ново е гледањето на аранжерите кои ги подготвуваат композициите за изведба. На профилираната џез-публика тој музички јазик и тој современ начин на пишување аранжмани ѝ е познат, а нов е само македонскиот мелос што провејува во композициите.

Настап во „Ла Фабрика“ во Прага

Колку успехот на оваа турнеја ги зголеми апетитите за организирање следни концерти на европска почва?

– Во перспектива веќе постојат такви размислувања. Досега одржавме шест концерти во регионот самостојно или со солисти. Го отворивме Сараевскиот џез-фестивал, настапивме на ХР Џез-фестивал во Загреб, свиревме во Шибеник, на островот Вис, во ХНК во Сплит. Оваа година концертната турнеја ја завршивме со настапот во Будимпешта, Прага и Виена. Така што, апетитите секако растат, но не треба да заборавиме дека ние сме млада национална установа, која постои нешто повеќе од една година. Уште од основањето на установата една од целите ни беше, покрај претставувањето во Македонија, да успееме да се претставиме на европската и на светската сцена. Мислам дека реално имаме капацитет за тоа, а како што се движат работите, мислам дека не е неостварливо. Затоа сметам дека оваа приказна ќе продолжи да расте.

Кирил Кузманов: Некогаш солото е пат во непознато

Кирил Кузманов, концерт-мајстор

Какво е значењето на соло-изведбата во рамките на целосниот звук на оркестарот?

– Секоја соло-изведба си бара посебна подготовка, во зависност од композицијата. Исто така, секое соло треба да се надоврзува на тоа што го свири оркестарот, да се знае каде почнува и каде завршува. Сето тоа треба да има природен тек и смисла. Притоа солистот има одговорност и кон композицијата и кон оркестарот. Некогаш солото е пат во непознато, но доволно сме образовани и сме слушале многу музика за да композицијата ја изведеме на вистинскиот пат. Во програмата што ја свиревме на турнејата со соло-изведбите баравме нов израз на веќе познатите фолклорни мотиви. По завршувањето на турнејата сум презадоволен, бидејќи одлично поминаа сите три концерти. Оркестарот звучеше супер, а програмата и музиката предизвикаа фантастични реакции кај публиката. Затоа се вративме презадоволни.

Трајче Велков: Целата енергија ја вложуваме во изведбата на концертите

Трајче Велков, концерт-мајстор

Која е функцијата, улогата и одговорноста на концерт-мајсторот за оркестар од овој тип?

– Суштинската функција на концерт-мајсторот е подготовката на материјалот што треба да биде изведен на концертот. Секоја композиција се анализира до детаљ, во соработка со диригентот се усогласува секоја нота, се одредува стилот на изведбата на композицијата, сето тоа се финеси што можеби не се познати за публиката, но кои треба да бидат направени во договор со оркестарот. Практично сите подготовки за изведба ги прави оркестарот во комуникација со аранжерот и композиторот, а диригентот прави „фајн-тјунинг“ на финалниот звук на композицијата.

Какви подготовки беа потребни за материјал со фолклорни мотиви, кој е познат и кај пошироката публика, и колку самите сте задоволни од изведбата?

– Секој материјал минува низ процес на подготовка. Иако тоа се познати мотиви и мелодии, тука станува збор за сосема различен аранжман со сосема нов карактер. На крајот, мислам дека изведбата излезе подобро отколку што очекувавме. Бидејќи учествувавме и во селекцијата на композициите, бевме свесни дека некогаш треба да ги надминеме нашите граници на способноста во изведбата, за што треба екстра труд. Нашата работа е секогаш да најдеме начин како изведбата на некоја композиција да функционира најдобро што е можно. Најголемата сатисфакција е кога е задоволен композиторот или аранжерот, што значи дека работата е добро завршена.

Концерт во легендарниот џез-клуб „Порги и Бес“ во Виена

Какво чувство носиш по завршувањето на европската турнеја?

– Мислам дека целата турнеја помина подобро отколку што очекував. Самокритиката некогаш е поголема од потребното, но без тоа стандардите ќе паднат. Аранжерите и композиторите направија добар спој со традиционалните мелодии и мотиви, така што добивме убава приказна. Особено што нивото на оркестарот константно расте, на моменти и побрзо од очекуваното, а така сѐ станува полесно. Откако станавме национален оркестар, нашата главна работа е тука и целата енергија ја вложуваме во изведбата на концертите. Затоа многу ми е драго што реакциите од публиката секаде беа фантастични.

(Специјално од Будимпешта, Прага и Виена)

Тони Димков

Фотографии: Маја Аргакијева

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 308, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 22-23.11.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот