Eвропска класика за место во финалето: Шпанија со проблеми во составот против неубедливата Франција
Eвропското првенство влезе во самата завршница, а денеска на програмата е првата полуфинална пресметка.
Препорачано
Првото полуфинале се игра вечерва од 21:00 часот и ќе имаме можност да гледаме европска класика во пресметката помеѓу Шпанија и Франција.
Шпанија и Франција стигнаа до полуфиналето од потешката страна на жребот. Шпанците дефинитивно покажаа најмногу на ова Европско првенство, додека Французите баш и не воодушевија.
Сепак, никој не смее да ја отпише селекцијата која во своите редови го има Килијан Мбапе, но и уште неколку големи ѕвезди. Шпанија од друга страна се соочува со проблеми со повреди и суспензии. Де Ла Фуенте вечерва не може да смета на тројца стандардни првотимци.
Во прашање е дефанзивниот тандем Дани Карвахал – Робин Ле Норманд, како и офанзивниот играч за врска Педри за кого првенството заврши поради повреда.
Дешамп нема такви проблеми и ќе смета на сите свои играчи. Ќе видиме како ќе изгледаат вечерва Французите кои досега на ЕП постигнаа само еден гол и тоа од пенал преку Мбапе, додека Белгија и Австрија си постигнаа автоголови.
Главен судија на натпреварот ќе биде Славко Винчиќ од Словенија, а средбата ќе се одигра на „Алијанц арената“ во Минхен.


