Европа стигна кај нас преку кромидот и компирот

Profimedia

Фрапантно е што кромидот и компирите се од ЕУ и се продаваат по цена од 60, 70 и 75 денари, доматите, краставиците и пиперот се од Албанија и нивната цена се движи од 150 до 230 денари за килограм, а килограм млада зелка исто така увезена од Албанија оди и до 70 денари

Освен зелената салата и спанаќот, набрани од домашните градини, сиот зеленчук и овошје кои во моментот се продава на пазарите се увозни. Фрапантно е што кромидот и компирите се од ЕУ и се продаваат по цена од 60, 70 и 75 денари, доматите, краставиците и пиперот се од Албанија и нивната цена се движи од 150 до 230 денари за килограм, а килограм млада зелка исто така увезена од Албанија оди и до 70 денари. Цитрусите се од Грција и Турција, маслинките од Грција, крушите се увозни, а единственото домашно овошје се јаболките кои се со најскромна цена од 30 денари за килограм. Ова е данокот од напуштените ниви и баталеното домашно производство, вели резигнирано за „Слободен печат“, трговецот Блажо Витанов од „Империал фруит“ од Струмица.

Според Витанов, првите домашни зеленчуци од пластениците се очекуваат некаде кон средината на март, а дотогаш увозните зеленчуци и овошја ќе царуваат на домашните пазари.

-Од 2007 година до денес, домашното земјоделско производство е намалено за пет пати. Тоа се фрапантни бројки и не треба да се чудиме што јадеме прескап кромид и компири „Мејд ин ЕУ“. Во моментот кромидот се увезува од Холандија и Германија, каде е најевтин, но транспортните трошоци за еден камион се 2.700 евра. На тоа треба да се додаде царина, заштитни давачки, маржа на големо, па затоа еден килограм кромид сега чини и до 75 денари – објаснува Витанов.

Со години зборуваме, а не направивме прилагодување на побарувачката и понудата, вели струмичкиот трговец.

-Кога ќе стаса нашето оранжериско производство, веќе ќе се појават албанските зеленчуци на отворено и повторно ќе имаме поплаки за ниските откупни цени. Извозот е речиси запрен, другите не престасаа со цената и квалитетот- додава Витанов.

Тој се согласува со констатацијата дека албанските земјоделски производи се апсолутни владетели на пазарите и тоа не само кај нас туку и во ЕУ. Причина за тоа, според списанието Еуроактив се инвестициите во синџири на снабдување и собирни складишта. За тоа придонело и зголеменото производство и извоз на зелен зеленчук.

„Најголем раст е остварен во окрузите Берат, Лушња, Фиер и Дивјаке, каде што во една сезона има две берби. Меѓу главните извозни производи се оранжерискиот зеленчук, домати, краставици, пиперки, зелка, кромид, праз и слично“, објаснуваат од албанското министерство за земјоделство.

Лани албанските производи се извезувале во најмалку 78 земји во светот. Според извештајот на Светска банка за 2022 година, Албанците значително потценуваат многу производи, вклучително и доматите, кои на пример, се продавале за 0,48 евра за килограм, додека Италија го извезувала истиот производ во Велика Британија за 2,3 евра/кг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот