ЕУ мора да се промени за да го држи чекорот со светот

Фото: ЕПА

– Треба да бидеме чесни дека конференцијата не е ниту лек ниту решение за секој проблем. И мора да ги слушнеме сите гласови, без оглед дали се критики или комплименти, за да можеме правилно да реализираме што и да договориме, порача Урсула фон дер Лејен.

Лидерите на Европската Унија конечно го почнаа долго посакуваниот, но и долго одложуваниот и долготрајниот процес на дебати што би можела да води кон значителна реформа на спогодбите со кои се уредува блокот. Денот на Европа завчера беше искористен како повод за одржување на инаугурација на Конференцијата за иднината на Европа.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен се заложи Конференцијата да се фокусира на реалните проблеми, а учесниците да останат со отворени погледи и разбирања и да прифатат сечии ставови.

– Мора да обезбедиме дека ова нема да биде интелектуална фискултура ниту затворен политички компромис. Треба да бидеме чесни дека конференцијата не е ниту лек ниту решение за секој проблем. И мора да ги слушнеме сите гласови, без оглед дали се критики или комплименти, за да можеме правилно да реализираме што и да договориме – порача Фон дер Лејен.

Таа на инаугурацијата го цитираше францускиот писател Антоан де Сен-Егзипери, порачувајќи дека Конференцијата треба да ги приближи европските институции и политичари до граѓаните.

– Не треба да ја потценуваме моќта на доброто, и за секој човек и за општеството во целина. Поентата е дека ЕУ треба да биде она што граѓаните сакаат да биде – изјави Фон дер Лејен.

 

Борба за надмоќ на институциите

 

Претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли ја искористи можноста за да ѝ даде поголема важност на институцијата што тој ја раководи. При воведното обраќање Сасоли побара Конференцијата за иднината на Европа да им ја остави иницијативата на европратениците, кои настојуваат преку нови закони да ги насочат реформите на ЕУ и така да ја преземат клучната улога, која сега ја има Европската комисија. Сасоли додаде дека конференцијата не треба да се воздржува од тежнеење кон промени на спогодбите на ЕУ, а изрази и надеж дека ќе се разгледуваат и реформи на процесот на избор на раководство. Тој притоа алудираше на системот на „шпиценкандидат“ за избор на шеф на Европската комисија, процес што шефовите на влади го тргнаа на страна кога во 2019 година ја избраа тогашната германска министерка за одбрана Фон дер Лејен.

– Треба да ја зголемиме транспарентноста на нашите избори и да им дозволиме на граѓаните да ги посочуваат своите гледишта за претседателството на Европската комисија. Се надевам дека конференцијата ќе го отвори и прашањето на шпиценкандидатот, бидејќи убеден сум дека тоа ќе придонесе потребите на граѓаните да бидат посилно вклучени во европскиот проект и во подобро функционирање на нашите институции – изјави Сасоли.

Многумина лидери на ЕУ се воздржани во однос на реформи на Спогодбите на ЕУ, стравувајќи од внатрешни административни борби, но Сасоли смета дека не треба да има страв од промени.

– Ако сите наши рефлексии и оние на граѓаните вклучуваат обновување на Спогодбите, треба да бидеме храбри, а не да се плашиме од нив. Денес не смееме да си дозволиме табуа. Мора да се соочиме со оваа можност слободно и самоуверено преку демократска дебата – порача претседавачот на Европскиот парламент.

Сасоли додаде дека „апсолутно треба да се реши“ и прашањето за едногласност во Советот.

– Јас лично сум убеден дека свеста за нашето единство и заедничка судбина ја делат мнозинството граѓани и носители на одлуки. Да ги надминеме разликите и да работиме заедно, почитувајќи ја нашата разновидност, да ги поставиме темелите на нов социјален, демократски и европски договор. Дозволете ни да направиме посилна, поотпорна, подемократска и пора обединета Европа – порача Сасоли во својот говор на Конференцијата за иднината на Европа.

 

Можеме до Марс, но приоритет се океаните

 

Ваквите повици за единство се спротивни на разединетоста на лидерите на ЕУ, која пред една недела го загрози и самото одржување на Конференцијата, поради расправиите како да се донесат завршните заклучоци. Во последен момент европратеникот Ги Ферхофштад, како претседавач на извршниот одбор на Конференцијата, изјави дека „по три рунди интензивни преговори е постигнат договор“ и дека „инаугурацијата нема да биде и погреб“.

Португалскиот премиер Антонио Кошта, чија земја сега е претседавач на Советот на ЕУ, оцени дека и во услови на „ужасна состојба на здравствените и економските последици од пандемијата на ковид-19, почетокот на Конференцијата треба да се гледа како знак на силата на Европа“.

– Официјалниот почеток на Конференцијата за иднината на Европа е порака за доверба во иднината што сакаме да им ја приближиме на сите граѓани – порача Кошта.

Тој побара фокусот да биде на социјалните прашања, особено за намалување на невработеноста меѓу младите, како и заштитата на највозрасните. Португалскиот премиер додаде дека ЕУ, како и нејзините главни глобални ривали, „може да посегне по Месечината и по Марс, но треба да им даде приоритет на океаните“.

– ЕУ мора да се промени за да го држи чекорот со светот. Стратегиската автономија кон која целиме мора да биде автономија на Европа отворена кон светот. Мора да ја преземеме водечката улога за главните предизвици на човештвото во нашиот век. Ако Европа сака да биде глобална, не смее да остане закована во својата континентална димензија. Португалското претседателство ќе предложи да работиме во ЕУ на глобална агенда за океаните – изјави португалскиот премиер.

 

Макрон ја грабна палката

 

Сесијата во просториите на Европскиот парламент во Стразбур симболично беше наречена „Иднината е во вашите раце“, отсликувајќи ги надежите на лидерите дека ќе биде поттикната општа дебата, на која ќе се слушнат и мислењата на експертите и гласот на граѓаните.

И додека иднината би требало да остане во „рацете на граѓаните“, францускиот претседател Емануел Макрон „ја грабна диригентската палка“ на конференцијата во своите раце, наметнувајќи се како домаќин во францускиот град Стразбур.

– Се собравме тука во Стразбур на 9 мај, што ни кажува многу за тоа кои сме и како ќе работиме за да се реформираме. Стразбур е град на помирувањето, жив симбол на Европа што ѝ кажа „не“ на војната, се посвети на градењето мир, на соработка наместо окупација, на надминување на грижите за границите, за давање нова доверба и пријателство во европските души, е тоа е Стразбур – порача францускиот претседател, говорејќи како домаќин на Конференцијата.

Макрон одржа долг говор за суверенитетот и за визијата на Европа меѓу светските суперсили – Русија, Кина и САД.

Францускиот претседател оцени дека Европа е „недовршен проект“, кој сепак е „супериорен во однос на своите најголеми сојузници и ривали“, особено во однос на „авторитарните режими што ги ограничуваат слободите“.

– Тие го немаат истиот систем на солидарност. Критиките, предизвиците, борбите, расправиите и различните ставови нѐ дефинираат нас, но во исто време нѐ прават и поефикасни. Тоа ни овозможува демократски да изразуваме критики – порача Макрон.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот