Епстин на Трамп му покажувал 14-годишно девојче како трофеј, стои во новата тужба (ВИДЕО)

Откако Епстин е уапсен во јули минатата година, Трамп тврдеше дека „не е негов фан“.

Последната од низата тужби против покојниот милијардер, педофил Џефри Епстин, односно неговиот имот, открива и експлозивни информации за американскиот претседател Доналд Трамп.

Имено, една од жртвите на Епстин која е позната само како Џејн Доу (име кое им се дава на анонимните тужители), во својата тужба наведува дека Епстин ја запознал со Трамп во 1995 година во Мар-а-Лаго, одморалиште на Флорида, кое тогашниот тајкун за недвижности и денешен претседател го купил деценија пред тоа.

Девојчето Доу тогаш имало само 14 година.

„Оваа добра е, нели?“, по прашал Епстин Трамп, според она што е наведено во тужбата поднесена претходно годинава, известува американскиот портал Дејли Бист. Трамп на тоа прашање наводно се насмевнал и кимал со глава, по што двајцата почнале да се кикотат.

Меѓутоа Доу во својата тужба не го обвинува Трамп за никакво сексуално злоставување. Од друга страна, тврди дека Епстин ја врбувал и почнал сексуално да ја злоставува кога имала само 13 години. Сепак, информациите од тужбите, со себе повлекуваат прашање – што Трамп знаел за гнасните злосторства на Епстин и кога тоа го дознал?

Трамп и Епстин се забавувале во 90-тите, Трамп го исфрлил од својот клуб дури во 2008 

Инаку, Трамп низа години бил во прилично блиски односи со Епстин, за што сведочат неговите изјави, заедничките фотографии од забавата за елитата, како и снимката од 1992 година, на која Трамп и Епстин уживаат на приватна забава во Мар-а-Лаго, забава на која според снимките, тие двајцата се опкружени со едвај полнолетни девојки кои танцуваат, додека Трамп и Епстин ги меркаат, му дошепнуваат и се смеат.

Покрај тоа, многу е симболична изјавата која Трамп ја даде за Епстин во 2002 година за Њујорк Магазин: „Го познавам Џеф 15 година. Одличен тип. Секогаш ми е забавно со него. Дури и се зборува дека сака прекрасни жени исто колку и јас, а многу од нив се млади“.

Откако Епстин е уапсен во јули минатата година, Трамп тврдеше дека „не е негов фан“.

Сепак, Трамп наводно се искарал со Епстин и му забранил влез во својот клуб Мар-а-Лаго откако овој ја завел малолетната ќерка на друг член од клубот.

Но тоа, според новата книга: „The Grifter’s Club: Trump, Mar-a-Lago, and the Selling of the Presidency“ се случило дури во 2008 година, само неколку месеци пред Епстин да ја признае вината за првото обвинение за подведување малолетнички. А тоа обвинение, пишува Си Ен Би Си, е покренато две години пред тоа.

Епстин тогаш добил неверојатно великодушна спогодба со казна од 18 месеци затвор, од кои отслужи 13 со редовно излегување од затвор заради „работа“ во својата канцеларија.

Обвинителот кој му ја овозможи оваа спогодба, Александер Акоста, подоцна стана министер за труд во администрацијата на Трамп. Акоста даде оставка кратко откако Епстин е повторно уапсен во 2019 година.

Ги запознала Епстин и Максвел во 1994, а Епстин ја запознал со Трамп во 1995

Доу сепак го запознала Епстин и неговата тогашна партнерка Жислејн Максвел во Уметничкиот камп Интерлохен, летен камп за деца и тинејџери на истоимената уметничка академија во Мичиген. Епстин наводно бил донатор на оваа престижна школа и отседнувал во колиба – во близина на женскиот камп, открива исто така Дејли Бист, минатата година.

Адвокатите на Џејн Доу велат дека таа е единствена жртва на Епстин која поднела тужба, а одбила да ја одложи својата тужба за да учествува во заедничкиот фонд за компензација на жртвите.

Нејзиниот адвокат Роберт Гласман предупредил дека имотот на Епстин, вреден 634 милиони долари „направило се што може за да ги отежне сите судски случаи што е можно повеќе за жртвите да се чувствуваат како да немаат вистински избор тука да се приклонат кон фондот и да ја одложат судската постапка до неодредено“.

Адвокатот: Адвокатите на Епстин сакаат да ги лишат жртвите од информации и правото на судење

„Стануваше неверојатно јасно дека во прашање е заеднички и координиран напор на имотот на Епстин и неговите адвокати не само на жртвите да им ги скратат информациите на кои по закон имаат право, туку да ги лишат од нивното право на судење“, додаде Гласман и нагласи дека „Доу не оди никаде“.

Инаку, Епстин умре во затворот на њујоршки Менхетн во август минатата година, каде чекаше почеток на судењето за трговија со луѓе за секс, што се однесуваше на сексуално злоставување, силување и проституција на малолетни девојчиња од кои некои биле и помлади од 14 години.

А ако ја гледаме тужбата на Џејн Доу, најмладите жртви всушност имале само 13 години, а некои биле и помлади.

Официјалната истрага утврди дека се работело за самоубиство. Но теоријата на заговор смета дека се работи за прикриено убиство кое го нарачале негови моќни пријатели и партнери во злосторството, за да не ги издаде на суд, и стана вирална – а ја засилија неколку прилично необични околности за смртта на Епстин, како и тврдењето на угледниот патолог Мајкл Бајден дека наодите од обдукцијат аповеќе упатуваат на убиство со давење отколку самоубиство со бесење.

Од друга страна, Епстин, судејќи по се, бил близок и со поранешниот претседател Бил Клинтон. Иако Клинтон тврди дека само четири пати летал со неговиот приватен авион, кого медиумите го нарекоа „Лолита Експрес“, но според дневниците на летовите Клинтон со него летал 27 пати.

Објавени компромитирачки фотографии од Бил Клинтон со жртва на озогласениот Џефри Епстајн (ФОТО)

Покрај тоа, во неодамна објавените судски документи видливо е дека жртвата на Епстин Вирџинија Жифре Робертс сведочела дека Максвел и рекла дека го видела Клинтон, во друштво на две девојки, на приватниот остров на Епстин, Сент Џејмс наречен „Остров на оргии“ или „Педофилски остров“. Клинтон сепак негираше дека некогаш бил на островот.

А Дејли Мејл во вторникот објави и фотографии на кои жртвата на Епстин Шонтај Дејвис го масира Клинтон на аеродромот пред полетувањето со „Лолита Експрес“.

Трамп за осомничената партнерка во злосторството на Епстин: Ѝ посакувам добро

Максвел сепак минатиот месец конечно е уапсена и обвинета како долгогодишна соработничка на Епстин која организирала сексуално тргување со малолетники – односно, дека била неговата мадам за малолетното сексуално робје. Се верува дека Максвел би можела целосно да соработува со  ФБИ, што значи дека би можела да си открие сите имиња на моќни и влијателни луѓе со кои Епстин бил поврзан и кои учествувале во подведувањето малолетни лица.

Интересно е што Трамп, запрашан за апсењето на Максвел и нејзината соработка со истражителите одговори: „И посакувам добро, искрено. Се среќавав со неа многу пати зошто живеев во Палм Бич ( на Флорида), а и тие мислам дека живееја во Палм Бич (Епстин и Максвел), но ѝ посакувам добро, што и да биде“.

Неверојатниот одговор на Трамп поттикна шпекулации дека не сака да ја прозива Максвел зошто и самиот се плаши од она што би можело да се открие меѓу него, неа и Епстин – и малолетните девојки и девојчиња кои Епстин ги злоставувал и ги испраќал на своите моќни пријатели како „подароци“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот