Емилијан Салиевски: Сакам преку песните да пренесам позитивна порака за различни теми

приватна архива

Откако на шест години првпат започнал да свири гитара, до денес младиот музичар посветено работи на своето хоби, музиката, додека успешно ги менаџира и училишните обврски.

Eмилијан Салиевски, или како што се претставува под сценското име Јан, во музиката влегол на шест години кога првпат почнал да свири гитара, а подоцна почнал да пее и да пишува текстови. Денес неговите песни и спотови преку Jутjуб-каналот ги следи младата публика. Во некои од нив тој е соло изведувач, но има и соработки со други македонски рапери. Напоредно со музиката, Емилијан сосема успешно ги менаџира и училишните обврски, а оваа година заврши трета година
во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“.

Луѓето често ме прашуваат како успевам да ги комбинирам двете работи, бидејќи се сосема различни, а јас им кажувам дека тајната е во добрата организација и волјата. Секогаш успевам на време да ги завршам школските обврски и слободното време го посветувам на музиката.

Дали си единствен во твоето семејство кој се занимава со музика, од хоби, или имаш наследено некого кој посериозно е во музиката?

– Јас сум прв што се занимава со ваков вид музика. Но, како што ми кажуваа родителите, дедо ми, кој починал уште пред да се родам, свирел на стар инструмент познат како џумбуш (нешто слично на гитара) така што можам да кажам дека музикалноста ми е наследена од него.

Фото: Приватна архива

Ми рече дека песните сам ги пишуваш (музика и текст) од каде инспирација?

– Главната инспирација да почнам да се занимавам со ваков вид музика ми беше новиот бран на музика кој што се прослави за многу брзо време во нашиот регион. Инаку, во моите песни се зборува за различни теми, без разлика дали е тоа секојдневие или некоја интересна случка. Се обидувам преку музиката и текстот да ја пренесам пораката од моја гледна точка.

Какви се реакциите од твоите школски другари за твојата музика? Ти даваат ли идеи, критики, совети?

– Морам да признам дека ме изненадува фактот што имам преголема поддршка од сите кои ме знаат и скоро на сите им се допаѓа тоа што го работам. А пак тоа ми дава уште поголема инспирација да го правам тоа уште подобро.

Со кого имаш соработувано од македонската музичка сцена и дали во иднина се во план и други соработки и со кого?

– Досега имам снимено две песни во соработка со Дени Куртовиќ, а се трудам што повеќе да вадам соло-песни. Во план се уште неколку соработки, но сега-засега нема да откријам со кого.

Кој ти е најголема поддршка?

– Моето семејство, за што сум им многу благодарен.

Кои ти се идни планови?

– Имам готови неколку песни, ама со продукцијата „Урбан рекордс“ треба да
решиме која ќе биде следна, за што публиката ќе биде навреме известена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот