Фото: ,,Слободен печат“ / Драган Митрески

Експерти: Инфлацијата е предизвикана од поголемо трошење, не може да се вадиме на увозот

За разлика од периодот на ковид и енергетската криза кога инфлацијата беше увезена, сега имаме домашна инфлација. Експертите бараат таргетирани фискални мерки и монетарна политика што покажува дека борбата со инфлацијата останува приоритет

Она што граѓаните го чувствуваат кога одат да пазаруваат и веќе вообичаениот коментар „секој ден сè е поскапо“, го потврди и Државниот завод за статистка. Во јули има ново зголемување на трошоците за живот во однос на јуни и тоа за 1,1 проценти. Ако, пак, се спореди јули со ланскиот јули, инфлацијата е дури 4,8 проценти. Но, она што најмногу ги загрижува граѓаните секако е растот на трошоците за храна, а тие за една година се зголемиле за дури 6,8 проценти!

Експертската јавност се сложува дека сега проблемот веќе не во увозот, туку дека инфлацијата подгреана од домашните фактори.

Институтот за економски политики и развој „Фајненс тинк“ е дециден дека „главен двигател на цените во јули 2025, како и во претходните месеци, е интензивираната побарувачка, како и сè уште недоволно вкотвените инфлациски очекувања“.

„Во првиот квартал годинава, потрошувачката на домаќинствата растеше скоро двојно побрзо од просекот во 2024 година, главно потпомогната од високиот реален раст на платите (8,8% во 2024 и 6,6% во првите пет месеца годинава) и високиот номинален (и реален) раст на пензиите, кои по кумулативниот раст од 5.000 денари месечно за секој пензионер, денес во просек се повисоки за речиси една четвртина во однос на нивото во истиот период лани“, пишува во анализата на „Фајненс тинк“.

Оттаму посочуваат и дека има и голем пораст на кредитирањето и на прометот во трговијата.

„Незанемарливо забрзување на растот е евидентно и кај потрошувачките кредити на населението (на 10% во јуни 2025 во однос на 6% во јуни 2024). Додека, прометот во трговијата со храна, пијалаци и тутун во јуни 2025 забележа експлозивен раст од 22,5%, што е висок раст дури и ако се земе предвид ниската стартна основа во истиот месец лани“.

Економскиот аналитичар Абил Бауш вели дека развиените земји веќе заборавија на инфлација на храна и на базичната инфлација и тие веќе се фокусираат на ублажување на ударот на инфлацијата во услужните дејности.

– Упорно преземаме краткорочни мерки што не даваат резултати. Треба да имаме поинаква стратегија, а пазарот треба да го оставиме да си реагира. Се обидуваме да гаснеме пожари што не постојат. Ние сме соочени со леплива инфлација каде што растот на цените останува траен. Се соочуваме со парадокс каде што невработеноста се намалува, а истовремено се намалува и соодносот на бројот на вработени во однос на пензионери, па стигнавме до сооднос да 1,6 вработени издржуваат еден пензионер. Така постојано се префрлаат огромни пари од државната каса за пензискиот фонд. Треба да имаме таргетирана фискална поддршка и да се обидеме да ја стабилизираме побарувачката со јасни монетарни сигнали. Ние немаме флуктуирачки девизен курс, немаме политики од страна на Народната банка што се во насока на зголемување на каматните стапки. Но, овде пак сме фатени во стапица. Ако ги зголемувате каматните стапки, автоматски ја намалувате економската активност – вели Бауш за „Слободен печат“.

Гувернерот Трајко Славески исто така се согласува дека причините за инфлацијата се концентрирани на домашните фактури, домашната побарувачка што притиска на растот на цените и на цените на храната. Но, тој вели дека засега основната каматна стапка што го диктира и растот на кредитирањето останува непроменета.

– Од февруари не е зголемена основната каматна стапка и таа во моментот изнесува 5,35%. Ги следиме реакциите на Европската централна банка, нашиот девизен курс е врзан за еврото. Европската централна банка во неколку наврати вршеше намалување и таму има притисоци од инфлацијата, иако е пониска. Остануваме со оваа поставеност на монетарната политика од аспект на поставеноста на основната каматна стапка, но правиме анализи. Имаме и други инструменти, како што е задолжителната резерва и таканаречените макропрудентни мерки со кои може благо да се дејствува во една или во друга насока во зависност од притисоците во движењето на стапката на инфлација – одговори Славески на новинарско прашање за инфлацијата.

Од „Фајненс тинк“ велат дека „притисоците врз цените сè помалку доаѓаат од глобалните пазари или од страната на храната“. Но сепак, Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) објави дека цените на прехранбените производи во  јули достигнаа највисоко ниво за две години, со големо поскапување кај растителните масла, а цените на месото се највисоки откако тие објавуваат податоци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот