Ексклузивно: Интервју со Бела Тар за „Синедејс“

Разговарале: Влатко Галевски и Златко Ѓелески

Добре дојдовте, господине Тар, на дваесеттото издание на Фестивалот за европски филм „Синедејс“ во Скопје. Јас сум Влатко Галевски, а ова е мојот колега Златко. Ви благодариме за одвоеното време за разговор. Можеме да започнеме?

Бела Тар
Приватна Архива/Филмски печат -Бела Тар

– Само напред. Имам само половина час на располагање.

Господине Тар, кога сфативте дека ќе се занимавате со филм?

– Мора да сфатите дека јас никогаш не сакав да бидам режисер. Сакав да бидам филозоф. Кога бев во гимназија, сите некако припаѓавме во левичарска група, која беше против Комунистичката партија, бидејќи тие никогаш не беа комунисти, а ние бевме вистински левичари. Размислував како да го кажеме нашето мислење, а филмот и камерата беа добра алатка за таа цел. Затоа ги снимив моите први дела кога имав 16 години. Потоа полека почнав да го засакувам филмот и до крајот навистина станав режисер, иако никогаш не сакав да бидам тоа.

satantango
По 25 години признат како ремек-дело, 7 и полчасовиот „Сатанско танго“

Вашите филмови се негација на некаков „кодифициран“ филмски јазик. Каков јазик е Вашиот? Користите ли Вие поинаква синтакса или интерпункција во Вашите филмови?

– Не знам. Тоа не е моја работа. Знаете во што е работата? Учите за време на вашиот живот. Ги гледате луѓето. Гледате многу работи. Постепено сакав да ги разберам луѓето и го најдовме начинот на кој можеме да го сториме тоа. Знаете, кога започнав, како што ви реков, тоа беше претежно радикален, груб и чист филмски јазик, затоа што сакавме да покажеме каков е животот. Ние сакавме да „удриме“ по луѓето. Сакавме да бидеме силни и навистина груби. Користевме лоши резови, 16 мм, снимавме нормални, вистински луѓе, без актери, без бои, немаше ништо, само задавање на удар врз гледачите. Тоа, всушност, беше почетокот. Кога го правите следното дело, имате нови прашања, а за новите прашања не можете да ги искористите претходните одговори. Тогаш сте оставени да размислите. И постепено се гради јазикот.

Достоинството на човекот е окосница на Вашиот филмски опус. Дали црно-белиот приказ е израз на сивилото, безбојноста во животите на луѓето, или е повеќе автентичен стилски приод? Црно-белото.

– Јас работам во црно-бело, бидејќи за мене другото е многу шарено. Постои цел свет на сивило. Кога ќе погледнете црно-бела слика, знаете дека некој стои зад камерата. Не се преправавме дека сме натуралисти или да се обидуваме да ви покажеме како тоа изгледа. Не. Едноставно, ова е моето гледиште и вака го гледам светот. Тоа е сè. Јас го преферирам црно-белото.

 werckmaster harmony
Хипнотичка медитација за популарна демагогија и ментална манипулација – „Веркмастерски хармонии“

Постојано инсистирате на времето како најголем товар за човекот. Но, бидејќи тука (кај времето) нема можност за интервенција или корекција, има ли современиот човек шанса, начин нешто да промени во тој поглед? И како? Прашањето се однесува на времето, односно на концептот на времето во Вашите филмови.

– Нашиот живот се случува во времето. И, да, знаете, филмовите не го вклучуваат времето. Во филмовите се игнорира времето и некако тоа е толку глупаво. Затоа што не можете да го игнорирате времето. Навистина не можеме да го игнорираме.

Господине Тар, гледањето на Вашите филмови повеќето од луѓето го доживуваат како мачно искуство и песимистичка визија на иднината. Има ли пророштво во тоа што го работите?

– Песимизам?! Па не мислам дека моите филмови се песимистички. Како прво, ако ти покажам нешто, верувам дека постоиш и дека си способен за промени, да направиш нешто. И, ако верувам во кажаното, тоа значи дека кога правиш нешто, тогаш работиш за луѓето, за народот. Мора да верувате. Ако не верувате, во тој случај, вие сте навистина песимист, но во тој случај, не губете го вашето време и енергија за да направите филм. Најголемиот оптимизам денес е да се направи нешто за луѓето. Апсолутно не е песимистички. Кога го спомнувате достоинството, тоа е најважно, затоа што сега, ако погледнете низ целиот свет, човечкото достоинство е понижено и повредено. Небаре целото општеството престана да се грижи за луѓето. Тоа е најважно.

HyperFocal: 0
Инсталациите на Бела Тар во Амстердам

На филмскиот свет му требаше четврт век да открие „посебна уметност“ во Вашите филмови. Ви ласка или Ви пречи тој факт?

– Знаете, јас никогаш не размислувам на овој начин. Како прво, јас навистина не знам што е уметност. Цело време на моите студенти им кажувам да не веруваат дека се уметници. Нивната работа ќе ја оценува народот, не сега, туку за 50 години подоцна. Ако 50 години подоцна луѓето ги гледаат вашите работи и ги сакаат, и се трогнати, тогаш нема сомнеж дека вие сте уметник. Иако, јас не верувам во уметноста.

По „Торинскиот коњ“ се посветивте на едукација на младите генерации филмаџии. Бидејќи тврдите дека целта не е да ги учат Вашите филмски методи, на што ги упатувате Вашите ученици?

– Едноставно е. Тие само треба да бидат свои. Ако тие се самостојни, тогаш се добри. Тогаш се безбедни, бидејќи во 21 век немате правила за снимање филмови, или каков било вид таканаречена уметност. Немате рецепти. Не можете да следите никого. Само треба да помислите на тоа што го чувствувате.

Композиторот Михали Виг е Ваш постојан соработник. Што Ве поврза, дали е тоа обостраната неконвенционалност кон уметноста генерално?

– Земете предвид дека првата соработка со Михали ја остваривме во 1983 година. Тоа беше многу одамна. Продолживме да работиме заедно. Како прво, ние сме пријатели, а со тоа и нашето гледиште, како го гледаме светот, односно нашите реакции, се слични. Истото се случува со сите други соработници, затоа што, нашите мислења и нашите зборови се слични и се разбираме едни со други. Многу е лесно да се работи заедно, затоа што не морам ништо да објаснувам, а тие не мора ништо да кажуваат. Секој знае што мислиме и што сакаме да направиме. Сите меѓу себе се разбираат. Лесно е да се работи на таков начин.

HyperFocal: 0
Инсталациите на Бела Тар во Амстердам

Познавајќи ги Вашите филмови, убедени сме дека не спаѓате во групата суетни режисери, па би сакале да наброите неколкумина Ваши колеги чијашто работа ја почитувате.

– Зборувате за современите филмови? Затоа што можам да ви набројам навистина одлични класици. Од современиот филм, имам неколку пријатели, чијашто работа навистина ја сакам. Ајде да видиме… Навистина ми се допаѓа Апичатпонг Верасетакул, навистина ми се допаѓа Карлос Рејгадас и ми се допаѓа Педро Коста. Ете, тоа се три имиња. Пријатели сме, понекогаш се среќаваме некаде, но никогаш не зборуваме за филмот. Зборуваме за животот. Знаете, толку е глупаво да се споредуваат, затоа што сите се различни. Апичатпонг е многу поразличен од Карлос, иако гледната точка на сите ни е речиси иста.

Господине Тар. Дали постои можност за нов филм?

– Молам!?

Повторувам. Дали постои можност да погледнеме нов филм од Вас? 

– Нема да има повеќе играни филмови. Направив голема изложба во Амстердам, направив и во Виена, правам нешто и за Париз. Тоа е еден вид инсталација. Се разбира, ќе користам повторно подвижни слики, но нема повеќе да правам играни филмови. Знаете, јас изградив свој јазик, а филмскиот јазик цело време го користев за тоа што сакав да го кажам. Но, по „Торинскиот коњ“, почувствував дека кажав сè. Нема причина да се повторувам.

Ни беше чест и привилегија да разговараме со Вас, господине Тар, во името на „Синедејс“, „Младинскиот културен центар“. И благодарни сме што имавме можност да разговараме со режисер, кој го смени погледот на филмската уметност на секој гледач.

– Во ред, момци. Се гледаме за неколку денови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот