ЕК предупредува пет земји од ЕУ за буџетите за 2020 година

Финансиските планови на Италија, Франција, Шпанија, Португалија и Белгија може да ги прекршат фискалните правила на еврозоната.

Европската комисија (ЕК) предупреди пет држави од Европската унија (ЕУ), вклучително и Италија и Франција, дека нивните нацрт-буџети за 2020 година се изложени на ризик од кршење на фискалните правила на еврозоната, пренесува „Блумберг“.

Извршната власт на ЕУ испрати писма до Рим и Париз, како и до владите во Шпанија, Португалија и Белгија, барајќи дополнителни објаснувања за нивните нацрт-буџети, кои беа доставени до Брисел порано во октомври. Во писмото до францускиот министер за финансии, Бруно Ле Мер, се вели дека земјата не ги спроведува препораките на ЕУ за подобрување на проценката на средствата и спречување на зголемувањето на трошоците. Францускиот претседател Емануел Макрон ги зголеми трошоците и ги намали даноците како одговор на протестите на „жолтите елеци“ што ја потресе земјата претходно во оваа година.

– Се чини дека овие елементи не се во согласност со заложбите за буџетска политика – се вели во писмото. – Ова претставува ризик од значително отстапување од потребните буџетски активности – додаде ЕК во своето мислење.

Комисијата треба да ги разгледа буџетите на сите 19 земји-членки на евро-зоната во ноември и да даде мислење дали тие се во согласност со правилата на ЕУ.

Писмата претставуваат стандарден чекор во долг процес на разгледување на националните буџети. Сепак, ова не значи дека ако некоја земја не ги исполни препораките на ЕК, нејзиниот предлог-буџет ќе биде одбиен. Минатата година, комисијата им напиша на шест земји барајќи дополнителни објаснувања, а на крајот, единствената земја на која што и побара да поднесе нов нацрт-буџет беше Италија. Ова предизвика долготрајна расправија помеѓу Брисел и популистичката коалиција во Рим.

Овој пат, новоформираната италијанска влада се обидува да избегне конфронтација. Администрацијата на премиерот Џузепе Конте вети умерено проширен буџет, што ќе доведе до мало зголемување на структурниот дефицит на земјата во 2020 година. Во следните години се предвидува намалување на дефицитот.

Во своето писмо, барајќи разјаснување од Италија за нацрт-буџетот, извршната власт на ЕУ истакна дека политиката на земјата не е „во согласност“ со она што се бара и дека нејзината структурна рамнотежа ќе се влоши како резултат на овој буџет.

Белгија, Шпанија и Португалија бараат разјаснување, бидејќи не гледаат промена на политиката во нивните фискални планови – стандарден потег за земјите во средина на изборната сезона или со „повнимателни“ влади.

Според правилата на ЕУ, државите не смеат да дозволат буџетски дефицит од над 3% од бруто домашниот производ или долг од над 60%, а од владите се бара да постават годишни цели за да покажат дека тие се движат во вистинската насока.

Иако дефицитот на Италија е во рамките на границата од 3%, Комисијата бара да го намали својот товар од долгот, кој моментно изнесува 130% од БДП и ја става земјата на второ место по Грција во рамките на ЕУ.

Франција, Белгија и Шпанија се меѓу многуте земји што во последниве години добија предупредувања или опомени од ЕУ. Сепак, нивните нацрт-буџети никогаш не биле официјално отфрлени, а финансиските казни никогаш не биле изречени на земјите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот