Едно големо Ништо!

Опасноста од нуклеарен холокауст е реална. Опстанокот на светот зависи од обични луѓе, доволно смели да се водат од здравиот разум наместо од протоколи, политички директиви или со сила наметнати општествени норми.

Немал тешка задача, ќе речат некои, потполковникот Станислав Јефграфович Петров таа септемвриска вечер на дежурството во бункерот „Серпухов 15“ кај Москва. Требало само да го следи протоколот.

Но, тој не направил ништо.

Непосредно по полноќ на 26 септември 1983 година, компјутерите на системот „Око“ сигнализирале дека интерконтинентелен балистички проектил истрелан од САД е на пат кон Советскиот Сојуз. Како важна алка во командниот синџир, дежурниот потполковник бил должен на своите претпоставени офицери итно да им јави за проектилскиот напад врз Советскиот Сојуз, за да се спроведе „итен и задолжителен“ противнапад врз САД, како што налагала доктрината за „взаемно гарантирано уништување“.

Но, Петров не го кренал телефонот. Оценил дека сигналот е компјутерска грешка, иако надлежниот офицер пријавил „стопроцентна сигурност“ на информацијата. Набрзо потоа бил регистриран и втор проектил истрелан кон СССР, па трет, четврти и петти, сите со „компјутерски прецизна“ сигурност.

Потполковникот не направил ништо.

Воден од знаењето, искуството и здравиот разум, наместо од службената обврска едноставно да ја проследи информацијата низ синџирот на команди, Станислав Јефграфович оценил дека не е логично САД да почнат нуклеарен напад врз СССР со само пет, а не со стотици проектили. Во тие неколку мачни минути во бункерот, Петров илјада пати се колебал, чувствувајќи ги на плеќите животите на милиони Руси и на милиони Американци, но не го кренал телефонот, како што му налагале сите сигнали и како што веројатно би направиле многумина на неговото место.

Потполковникот не направил ништо.

Кога проектилите регистрирани од компјутерот стигнале во рускиот простор, радарите потврдиле дека всушност ги нема. Ако Петров ја проследил „сигурната“ информација, СССР ќе истрелал вистински нуклеарни проектили врз САД. А, некој друг дежурен потполковник од другата страна на Железната завеса ќе добиел компјутерски сигнал, ќе го кренел телефонот за да ги извести претпоставените и… светот ќе отишол по ѓаволите.

Во тоа студено јануарско утро, петнаесетте деца биле најнервозни меѓу 167-те патници што повеќе од еден час чекале нивниот „боинг“ конечно да се крене од пистата на аеродромот „Имам Хомеини“ и да ги однесе во Киев.

Само неколку часа претходно, Иран истрела десетици проектили врз две бази со американски војници во Ирак, како одмазда за ликвидацијата на генералот Касам Солејмани. Сите знаеле дека проектилите нема да убијат никого – ирачките колеги и нивните сојузници навремено биле предупредени да се засолнат од базите.

Авионот конечно летнал, со задоцнување од 58 минути.

Никој не знае што сѐ во тоа студено утро му поминало низ главата на дежурниот офицер во бункерот во Бигданех. Тоа, велат, сега е предмет на истрага. Факт е дека проектили истрелани од базата го собориле украинскиот авион и ги убиле сите 176 луѓе во него. Велат, било по грешка. „Авионот летал во прилично незгодно место и некој можеби направил грешка“, оцени Доналд Трамп. „Инцидентот може да е ненамерен“, додаде Џастин Трудо. Иран три дена отфрлаше вина, а потоа ја призна „грешката“. Одговорноста лично ја презеде генералот Амир Али Аџизадех, командант на Воздухопловната дивизија на Револуционерната гарда, со зборовите: „Посакав да сум мртов“.

Станислав Јефграфович до смртта тврдел дека не е никаков херој, дека не е „човекот што го спасил светот“ – признание што му го дадоа и Русите и Американците. Инсистирал дека е обичен човек, вистинскиот на вистинското место.

Судбината си поиграла со потполковникот. Наместо орден, добил нервен напад. Гледал немоќно како канцерот му ја убива сопругата. Починал тивко, до последен здив убеден дека некогаш некаде во негова позиција ќе се најде човек што ќе направи грешка.

Опасноста од нуклеарен холокауст е реална. Опстанокот на светот зависи од обични луѓе, доволно смели да се водат од здравиот разум наместо од протоколи, политички директиви или со сила наметнати општествени норми. Во свет во кој сите посакуваат огномети, не останаа луѓе доволно разумни да направат едно големо ништо!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот