Едните ќе нѐ прават технолошки џин, другите економски тигар на Балканот!

СДСМ ќе понуди изборна програма за наредните десет години, а ВМРО-ДПМНЕ ќе настапи само со, како што вели, реални ветувања и прецизни рокови. И двете партии најавуваат досега невидени предизборни кампањи во Македонија без да ги кажат деталите.

СДСМ ќе ја направи Македонија технолошки шампион во регионот, а ВМРО-ДПМНЕ – економски тигар на Балканот! Откако ќе го средат судството. Ова се главните ветувања на двете најголеми политички партии во изборните програми што ги пишуваат забрзано. И едната и другата партија најавуваат досега невидени предизборни кампањи во Македонија, дека нема да даваат нереални ветувања и дека нема да ги злоупотребуваат ресурсите што им се на располагање преку институциите на државата. Колку пари ќе потрошат, во СДСМ сè уште не дефинирале, а во ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека ќе бидат рационални, како и на претходните избори.

– Со програмата ќе гарантираме дека земјата ќе продолжи забрзано по патот на развојот по кој тргнавме во 2017 година, најавува потпретседателот на СДСМ, Коста Петров. Според него, станува збор за модел за брз развој на земјата, така што со програмата СДСМ практично ќе вети каде ќе ја води Македонија не идните четири – туку десет години. Бидејќи големите цели веќе се остварени, во СДСМ сметаат дека сега е потребна подолгорочна програма што ќе води кон подобри работни места и повисоки плати.

За да не биде програмата кабинетска, туку според потребите на граѓаните, веќе месец и пол членови на партијата одат од врата на врата и разговараат со граѓаните, а функционери на СДСМ имаат средби со претставници на бизнисот, на стопанските комори, на синдикатите и на невладините организации. Досега организирале пет тематски дебати низ Македонија, а претстојат уште 14 на кои ќе ги формулираат приоритетите за дигитализацијата, за еколошките проблеми, за родовата еднаквост и други прашања. Програмата сами си ја пишуваат без поддршка од странски експерти и според сознанијата од терен.

– Сѐ ќе биде ново во кампањата и тотално различно. И технички и од аспект на пораките – најавува Петров.

Изборниот штаб ќе го води Љупчо Николовски. Сѐ уште не е решено дали како помош ќе бидат ангажирани пи-ар агенции и надворешни експерти, а нема проценки и во кои финансиски рамки ќе се движат трошоците. Партијата ќе внимава многу сите активности околу кампањата да се одвиваат по работното време, да се користат исклучиво приватни возила и кампањата главно да се води преку викенди, како што налагаат правилата за фер избори.

Тематски, на врвот на приоритетите во програмата на СДСМ ќе биде, како што се наведува, прочистувањето на судството, како највиновно што за време на сегашниот мандат владата на СДСМ не успеа да го оствари тоа што и беше изборен адут претходно – пресметката со корупцијата. Иако лидерот Зоран Заев подолг период најавуваше ветинг на судиите, Петров не потврди дека токму тоа се планира под терминот „прочистување“.

Во културата најавуваат децентрализација, што значи дека таа веќе да не биде толку фокусирана на Скопје, како што беше досега. Во економскиот дел најавуваат отворање компании со едно евро, создавање македонски брендови во сите индустрии, претворање на Македонија во стартап центар во регионот и технолошка иницијатива која ќе нè направи држава со најбрз напредок во усвојувањето напредни технологии до 2030 година, или некој вид Јапонија на Балканот.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека од неделава почнале со кампањата „Обновата пред вашиот дом“, иако и самите признаваат дека никогаш и не прекинале со кампања. Целта е да посетат 300.000 домови во Македонија, да тропнат на секоја врата и во таа активност да бидат вклучени сите, од лидерот, пратениците, членовите на извршните тела, на општинските комитети… Според портпаролот Димче Арсовски, има неколку новитети што за првпат ќе се појават во кампања во Македонија, но не сакаше да даде предвреме детали, освен оценката дека ќе биде „најмодерна и најевропска што кога било е спроведена во земјата“. Тој најави и странски гости, како и техничка поддршка од маркетинг-агенции, еднакво присуство на терен, како и во медиумите и на социјалните мрежи.

Во однос на изборната програма, тој вели дека е во фаза на финална доработка, дека ќе биде многу прецизна во ветувањата и дека за секое од нив ќе има рокови и финансиска рамка. Во нејзиното пишување се правени консултации и со странските советници на лидерот Христијан Мицкоски, главно професори на странски универзитети. Во неа нема да има нереални ветувања и сè што ќе биде споменато ќе се остварува, тврди Арсовски, нагласувајќи дека главниот приоритет ќе биде „враќање на економските успеси“, односно Македонија да стане економски тигар, земја привлечна за странски инвестиции, со функционално правосудство и почитување на законите.

Тој не сакаше да открие што точно ќе се обврзе ВМРО-ДПМНЕ околу правосудството, најавувајќи само дека ќе биде понудена пообемна програма за враќање на правната држава. Изборниот штаб ќе го води повторно Игор Јанушев, бидејќи, како што оцениле во партијата, одлично ја завршил работата на претходните избори во 2019 година.

Гејмерите ќе станат спортисти, администрацијата дигитална

Меѓу програмските ветувања на кои ќе се ловат гласови е и дигитализација на администрацијата, што ќе доведе до полесен и побрз пристап на граѓаните до услугите на државата. Останува и најавата за префрлање на дел од административците во приватниот сектор, од која СДСМ не се откажува, иако досега не беше направен ниту еден таков трансфер. Од СДСМ најавуваат исто така решавање на проблемот со стажот на спортските работници и „прогласување на гејмингот како официјален спорт“.

Сите „вмровски“ министри во кампања, освен Чулев

Каде ќе биде местото на Наќе Чулев, актуелниот технички министер за внатрешни работи, кој има позиција со која може да влијае врз оценката за изборите, е најжешкото прашање за ВМРО-ДПМНЕ сега, со оглед на искуството кога тие организираа избори.

Според портпаролот Арсовски, Чулев е поставен во Владата како експерт за да обезбеди фер избори и за него нема место во партиските активности и во кампањата. Но, другите „технички“ функционери, како Рашела Мизрахи, Цветан Трипуновски, Гордана Димитриеска Кочоска и Невенка Стојковска, ќе бидат дел од кампањата како партиски активисти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот