Еден загинат на секои два-три дена

Фото: Илустрација

Во државава во просек, 150 до 160 лица годишно го губат животот во сообраќајни незгоди, односно по едно лице на секои 2-3 дена. Околу 6 200 лица, секоја година се повредени во сообраќајни незгоди. Во 2018 година, 133 лица го загубија животот на улиците и патиштата во Северна Македонија, а 5 860 лица се сериозно повредени.

На ваквата црна статистика потсетува Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) по повод Светски ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди, што се одбележува денеска по мотото „Време е! Разбуди ја свеста и кажи стоп за смртта на патиштата.

– Секоја година, нови настрадани – загинати и поврдени лица, се додаваат на безброј милиони што веќе страдаат како последица на сообраќајните незгоди. Затоа РСБСП упатува на апелите: Време е! Разбуди ја свеста и кажи стоп за смртта на патиштата!”. Стоп за возачите кои без размислување притискаат на педалата за зголемување на брзината! Стоп за возачите кои возат пијани! Стоп за не користењето на безбедносните појаси! Стоп за возачите кои возат технички неисправни и небезбедни возила! Стоп за мотоциклистите без заштитна кацига! Стоп за лошите патишта! Стоп за не одбележаните пешачки премини ! Стоп за небезбедените велосипедски патеки!

Годишно, 1,3 милиони луѓе, од сите страни на светот, го губат животот во сообраќајни незгоди, а 20 до 50 милиони лица се повредени. Тоа значи дека над 3.500 лица умираат дневно, како последица од сообраќајни незгоди, односно на секои 25 секунди едно лице го губи животот во сообраќајна незгода.

-Товарот на тага и неволја што го доживуваат огромен број луѓе како последица на сообраќајните незгоди е сè поголем затоа што голем дел од жртвите и повредените лица во сообраќајни незгоди се деца и млади. Годишно во светот, околу 400.000 млади лица, на возраст до 25 години, го губат животот во сообраќајни незгоди, односно 1100 млади лица, на возраст до 25 години, секој ден го губат животот во сообраќајни незгоди, соопштува РСБСП.

Нивните анализи покажуваат дека сообраќајните незгоди, претставуваат прва причина за смртност за лицата на возраст од 15 до 19 години, втора причина за смртност за лицата на возраст од 10 до 15 години и од 20 до 24 години и трета причина за смртност за лицата на возраст од пет до девет години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот