Еболата се шири во Конго, досега околу 250 смртни случаи – СЗО соопшти дека пет од заразените се опоравиле
Хуманитарната организација „Лекари без граници“ предупреди дека ширењето на вирусот ебола во Конго е алармантно, две недели откако Светската здравствена организација (СЗО) прогласи епидемија.
Препорачано
Според податоците, во Конго се пријавени повеќе од 1.000 сомнителни случаи и најмалку 246 смртни случаи, додека во соседна Уганда се потврдени девет случаи и еден смртен случај.
Никогаш порано епидемија на ебола не регистрирала толку многу случаи за толку кратко време – соопштија од „Лекари без граници“, додавајќи дека одговорот на терен сè уште не е во чекор со ширењето на епидемијата, објави Би-Би-Си.
Генералниот директор на СЗО, д-р Тедрос Аданом Гебрејесус, ја посети покраината Итури, најтешко погодената област, за да ги надгледува мерките за ограничување. Тој предупреди дека погребните практики, како што е допирањето на телата на починатите, се особено ризични за ширењето на вирусот.
Епидемијата е дополнително комплицирана со затворањето на границите и аеродромите, како и со конфликтите во источен Конго.
Во меѓувреме, здравствените власти во Бразил истражуваат сомнителен случај на ебола кај 37-годишен маж кој неодамна се вратил од ДР Конго и е во изолација.
Актуелната епидемија е предизвикана од редок сој на вирусот бундибугио, за кој нема одобрена вакцина, а стапката на смртност е околу една третина од заразените.
Шефот на Светската здравствена организација за време на посетата соопшти дека пет лица се опоравиле од еболата.
Четири лица ќе бидат отпуштени денес, а едно беше отпуштено завчера, рече Гебрејесус за време на отворањето на нов центар за лекување на ебола во Бунија, главниот град на покраината Итури, каде што се регистрирани повеќето случаи на инфекција.
Тој додаде дека лекарите сè уште работат на развој на вакцини и терапии, но тоа не значи дека луѓето не можат да се опорават од ебола.


