Ѕвездата на Блаже Конески си најде соѕвездие во Небрегово

Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“ од зборови премина на дела и секој свој настан го реализира во родното место на великанот Блаже Конески, а така беше и со промоцијата на збирката „Поетски пораки за Конески“.

Заложбата на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“ да ги поттикне новите генерации за активен однос и учество во афирмацијата на ликот и делото на Блаже Конески добива фантастичен одглас. Пристигнати по пат на јавен конкурс во збирката „Поетски пораки за Конески“ од серијата „Поттикот Конески“ се содржани поетски творби од 174 учесници од 40 основни и средни училишта, како и од четири факултети, а промоцијата беше проследена со врачување на наградата „Зборот на Конески“ на дел од авторите.

Промоцијата на збирката се одржа на 7 септември 2022 во Небрегово. Луцидниот и педантен секретар на фондацијата „Небрегово“, Атанас Конески, посочи повеќе симболични совпаѓања со избраниот датум. Со бројот седум се поврзани 77 години од излегувањето на првиот Правопис (1945), 77 години од поемата „Мостот“, 70 години од излегувањето на Граматиката (1952), како и 7 декември како датум на кој почина Конески. Но, фондацијата не слави ничија смрт, туку со радост промовира и афирмира збирка со искрени младешки пораки посветени на големиот учител. Наградите на младите поети им ги врачи Живко Цветковски, претседател на УО на Фондацијата „Небрегово“.

Спомен-домот во Небрегово е најавтентичното место за доделување на наградата „Зборот на Конески“

Рецензенти на новата поетска збирка се новинарката Јагода Михајловска-Георгиева и публицистот и поет Мишо Китаноски. Во предговорот на збирката Михајловска-Георгиева истакнува дека се радува не само на масовноста и изблиците на талент од страна на младите автори, туку и на нивните значителни познавања на зададената тема и висока свест за нејзиното значење.

– Се надевам дека нивните поетски пораки ќе послужат како своевиден патоказ во нашата културно-образовна средина кон нови слични проекти. Единствено така, од најмала возраст, се гради и се негува односот кон високите вредности. И не само во име на Конески, дури не ни во име на неговото грандиозно наследство, туку пред сѐ во наше сопствено, колективно име неопходно е континуирано да делуваме во таа насока – напиша Михајловска-Георгиева.

Во својата рецензија со наслов „Жив е Конески“, публицистот и поет Мишо Китаноски, прецизно ги дефинира песните објавени во збирката. „Според она што го носат во себе се одделуваат три вида песни, и тоа оние што се инспирирани од неговиот живот и дело; потоа песни во кои се цитираат стихови и мисли што Конески ги беше напишал/испеал или рекол во многу и разни пригоди; и песни во кои се споменуваат многубројни револуционери – личности и настани, се разбира, пресоздадени и вградени со свои зборови во стиховите од песните кај одделни автори застапени во Зборникот“, забележа Китаноски, кој истакна дека поетската збирка ќе остави траги во нашата култура, со што и на дело се придонесува споменот за нашиот великан да трае и да сјае и во годините и вековите што ни доаѓаат во пресрет.

Своите песни ги прочитаа и своите награди ги подигнаа 20-ина ученици од целата држава, а некои беа присутни во Небрегово заедно со своите професори-ментори. На радост на сите, на настанот присуствуваа и ученици од основното училиште заедно со учителката од село Небрегово.

Целата слика најубаво ја опиша Атанас Конески, кој рече дека „Блаже Конески е ѕвезда што не згаснува, но нему му треба соѕвездие“, а тој ден во Небрегово беше собрано младо и исклучително талентирано соѕвездие од млади поетеси и поети.

Истовремено, Атанас Конески објави дека од 8 септември до 20 декември оваа година ќе биде отворен новиот конкурс на „Поетски пораки за Конески“, а учесниците ќе можат да испраќаат по една песна на македонски литературен јазик на имејлот: [email protected].

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 145, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11 септември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот