Џафери во„офанзива“, промовира изградба на капитални проекти во Тетово, „не се работи за предизборие, ова е моја обврска“

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Вчера техничкиот премиер Талат Џафери беше на поставување на камен темелник за изградба на училиште во тетовското село Селце, денеска пак беше на промоција на почеток на градежни активности за изградба на долгонајавуваната обиколница за град Тетово која ќе поминува од клучката за село Требош, а ќе излегува на регионалниот пат Тетово-Јажинце кај село Џепчиште.

Џафери вели дека не се работи за предизбори оти не се распишани изборите, а тој како премиер и Владата немаат обврска само да ги организираат изборите.

„Овој проект е значаен за тетовци. Во однос на обврските, една од обврските на Владата е да организира избори, но тоа не е единствена обврска, Владата ги има сите надлежности и активности, згора на тоа и обврските кои произлегуваат за изборите. Ова не е предизборна кампања оти не се распишани изборите, јас ги извршувам секојдневните обврски“, вели Џафери.

Се работи за обиколница во вредност од над 12 милиони евра. Средствата за проектот се обезбедени од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта.

„Оваа обиколница со децении стоеше само како идеја, поради тоа што ја нема, се создава голем сообраќаен хаос во Тетово. Со оваа обиколница ќе ги тргнеме камионите и другите тешки возила кои создаваат невиден сообраќаен хаос во градот.Само минатата година реализиравме околу 400 милиони евра во капитални проекти“, рече техничкиот премиер Талат Џафери.

Изградбата на оваа обиколница несомнено е проект со кој ќе го забрзаме економскиот развој на регионот, ќе го растеретиме сообраќајот и ќе го олесниме пристапот на многу компании кои работат во овој дел на државата, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски

„Оваа инвестиција од преку 12 милиони евра е значаен придонес за развој на патната мрежа низ Северна Македонија, но верувам дека ќе биде огромно олеснување за сите граѓани од Тетово, Желино, Теарце, Јегуновце и сите останати кои се поврзани со овие општини. Јас често говорам дека секој денар вложен во изградба на патишта, во железници, во гасификација и во целокупната инфраструктура е влог за идните геренации. Преку 2 милијарди евра инвестираме само во изградба и модернизација на целокупната патна мрежа во земјава. И ова за нас како ресорно министерство е од исклучително значење во спроведувањето на националните транспортни политики. Денеска сме присутни на коридорот 8 и нашата визија, нашата цел е токму овој коридор да го доизгардиме на ниво на европски коридор по сите стандарди“, рече министерот Бочварски.

На настанот беа присутни првиот вицепремиер Артан Груби како и други министри и владини функциониери кои според премиерот Џафери, тука не се за да вршат предизборна кампања, туку се дел од организацијата за промовирање на овој значаен капитален проект.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот